Таленти: Матурантот Вилијам Нунески од Прилеп го објави својот прв роман
- Хероината во овој роман е принудена од страна на своите родители да работи нешто што не ја прави среќна. Моменталната работа ѝ дава повеќе можности за луксузен живот и материјални добра, но таа посакува да го работи она што целосно ѝ дава чувство на мир и спокој, открива Нунески
Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп неодамна се одржа промоција на книгата „Сонот на Реjчел Џонсон“, првенче на осумнаесетгодишниот Вилијам Нунески, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Книгата е носител на наградата „Пелистерски ракувања“, а ја објави издавачот „Дата-песнопој“ од Битола.
Како што ни раскажа Вилијам, иако ја напишал за кратко време, книгата долго чекала да ја види светлината на денот.
– Мојата дарба за пишување првпат ја препознав кога имав 13 години, за време на пандемијата на ковид. Во тој период имав многу време за размислување и почнав со создавање лик по лик и полека почнав идеите да ги преточувам во реченици. Зборовите се редеа, речениците сами се составуваа и се преточија во малку подолг состав. Кога го напишав целосно, увидов дека е повеќе од приказна. Така настана „Сонот на Рејчел Џонсон“- раскажува Вилијам.
Иако книгата ја напишал во краток рок, чекал цели пет години за нејзино објавување и претставување пред читателите.
– Оваа книга ја напишав за многу краток период од три месеци. Најголема инспирација ми беше мојата мајка, која секогаш ме поддржува и ми дава совети да бидам она што сакам, а не она што морам – вели Вилијам.
Во книгата со интересен наслов „Сонот на Реjчел Џонсон“, Вилијам пишува на тема што е многу актуелна во денешно време. Од младешка перспектива зборува за насоченоста на луѓето кон материјалните нешта, наспроти трагањето по личната среќа.
– Хероината во овој роман е принудена од страна на своите родители да работи нешто што не ја прави среќна. Моменталната работа ѝ дава повеќе можности за луксузен живот и материјални добра, но таа само сака да биде среќна и да го работи она што целосно ѝ дава чувство на мир и спокој – открива Нунески.
А што се случува понатаму во дејството на романот, ќе дознаете откако ќе го прочитате.
Книгата наиде на интерес и восхит од страна на присутните на промоцијата, а младиот автор се надева дека многу читатели ќе уживаат во читањето на неговото првенче.
Вилијам годинава ќе биде матурант, а неговите интереси се насочени кон јазиците и кон уметноста. Освен што чита книги со авантуристичка и научнофантастична содржина, тој сака да црта и да пее.
– Освен пишувањето, исто така обожавам да цртам. Некогаш, кога ќе добијам мотивација по долг ден или идеја за сцена, прво нешто што сакам да направам е да го нацртам тоа што сум го замислил, особено ако слушам музика што се совпаѓа со моите моментални чувства. Но, сакам и да пеам, што често го правам кога работам нешто – вели Нунески.
Омилени предмети му се англиски и француски јазик и музичко, а надвор од наставата изучува и други странски јазици.
Како и на секој млад талентиран човек, така и на Вилијам му е потребна поддршка, која, за среќа, тој ја добива од својата мајка и од другите членови на семејството, но и од другарите и соучениците. Интересно е дека за книжевната дарба на Нунески, неговите професори не знаеле сѐ до објавувањето на неговата книга.
– Морам да напоменам дека моите професори не знаеја за овој мој талент затоа што никогаш никому не сум му кажал, но верувам дека сега кога ја издадов оваа книга, во иднина ќе ја имам и нивната поддршка – искрен е Вилијам.
На крајот од нашиот разговор, Вилијам ни откри дека веќе има идеја за нова книга и моментално работи на создавање на ликовите. Рече дека темата нема да ја открие, воден од мислата дека магионичарите не ги издаваат своите тајни.
Ф.Д.


































