Нела Манческа (14), македонска претставничка на „Јуниорски евросонг 2025“
- Со песната „Miracle“ (Чудо) сакам на сите деца да им порачам дека никогаш не треба да се откажуваат од својот сон, секогаш да си го слушаат своето срце, да бидат храбри дури и кога е темно, зашто нивната светлина кога-тогаш ќе излезе на површина. За мене самиот пат да учествувам на овој избор беше едно патување, искуство што ќе го паметам засекогаш, вели Нела Манческа
Приближно еден месец нѐ дели од одржувањето на 20. „Детска евровизија“, која ќе се одржи на 13 декември во Тбилиси, Грузија. Македонија ќе ја претставува Нела Манческа, која на евровизиската сцена ќе ја испее песната „Miracle“ (Чудо), на авторите Ена и Лазар Цветкоски. За тоа како се одвиваат подготовките, за нејзините очекувања и желби, поразговаравме неодамна со Нела. Таа не ја криеше возбудата од сето она што ја очекува, но рече дека ќе даде сѐ од себе нејзиниот настап да биде впечатлив и се пофали дека на официјалниот сајт на „Детскиот евросонг“ песната „Miracle“ имала над милион прегледи само за 48 часа. „Сигурна сум во моите способности и ќе направам сѐ да се покажам во најдобро светло и да ѝ донесам малку среќа и радост на нашата земја Македонија. Посакувам ’чудото’ да се случи во Тбилиси“, вели оваа талентирана и харизматична тинејџерка.
Најпрво кажи ни нешто повеќе за себе, за твоето школување, за семејството, за најголемата желба што ја имаш уште од најмала возраст?
– Прво сакам да ви се заблагодарам на поканата да бидам дел од најновиот број на „Колибри“. Јас сум Нела Манческа, имам 14 години и сум ученичка во ООУ „Вера Циривири-Трена“. Живеам во Скопје, со моите родители и со мојата помала сестра Анабела. Моите желби се менуваа од година на година како што растев – на 4-5 години прво сакав да бидам балерина, како и секое мало девојче, па одев на часови по латинотанци, па сакав да бидам гимнастичарка, кошаркарка, пијанистка, но кога дојдов во допир со пеењето, на некои 7-8 години, знаев дека тоа е тоа што сакам да бидам во животот – пејачка.
Како се одвиваат подготовките за твојот настап на „Детскиот евросонг“ и од кого ја добиваш најголемата поддршка деновиве?
– Искрено, не ми се верува дека толку брзо минува времето, подготовките се во тек, го подготвуваме и вежбаме сценскиот настап со режисерката Љупка Јакимовска. Во овој момент најголемата поддршка ја добивам од целиот тим на Македонската радио и телевизија, најмогу од шефицата на делегацијата Дијана Гогова, а секако и од моето семејство, особено од мојата мајка.
Песната има интересен наслов „Miracle“ (Чудо). Кажи ни која порака посакуваш да им ја пренесеш на младите во целиот свет?
– Со „Miracle“ (Чудо) сакам на сите деца да им порачам дека никогаш не треба да се откажуваат од својот сон, секогаш да си го слушаат своето срце, да бидат храбри дури и кога е темно, зашто нивната светлина кога-тогаш ќе излезе на површина. За мене, самиот пат да учествувам на овој избор беше едно патување, искуство што засекогаш ќе го паметам. Кога првпат ја слушнав песната, знаев дека тоа е тоа, дека „Miracle е Нела! Соработката со Лазар и со Магдалена Цветкоски беше супер. Лазар внимателно и трпеливо секоја желба што ја имав ја преточи во музиката, а Магдалена толку многу ме долови во текстот, што имав чувство како јас да сум го пишувала. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам од срце и да кажам дека „Miracle“ секогаш ќе има посебно место во моето срце.
На најубав начин во видеоприказна песната ја оживеа режисерот Огнен Шапковски. Какво беше ова искуство за тебе, дали си задоволна од спотот, од реакциите? Што ти беше најинтересно и највпечатливо додека снимавте?
– Од спотот сум презадоволна, реакциите се одлични и многу позитивни. Режисерот Огнен Шапковски направи толку убав спот со кој ја долови целата моја емоција. Видеото го снимавме 14-15 часа, целата екипа беше супер, а најинтересен дел ми беше оној кога летам.
Дознавме дека понекогаш и самата ги црташ костимите со кои настапуваш, дали така беше и овој пат, за потребите на видеото?
– Во овој случај не ги нацртав сама костимите. Тие се замислени од тимот што работи на овој проект, а беа изработени од „Студио креативо“.
Настапите на разни интернационални фестивали за тебе не се ништо ново и, што е најважно, секогаш си меѓу најдобрите. Што би издвоила од она што го постигна досега?
– Сум била на многу фестивали во Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Бугарија и самите настапи за мене беа едно огромно искуство. Јас одев на натпреварите за да стекнам повеќе искуство, да се изборам со тремата, но и да научам како да се носам со поразот. Учеството на „Суперталент“ во Хрватска ми помогна најмногу, бидејќи тоа шоу ми помогна да бидам видена и во Македонија, а и пошироко. Се разбира, најголемо постигнување ми е скорашното учество на „Јуниорскиот евросонг“.
Лани доби и гран при на првиот фестивал „Песните на Тоше“, кога ја пееше неговата песна „За овој свет“. Ти се допаѓаат ли песните на Проески, но и на други македонски познати пејачи, како и на големи светски ѕвезди?
– Да, лани бев прв победник на интернационалниот фестивал „Песните на Тоше“, ги сакам неговите песни, но исто така сакам да ги слушам и Калиопи, Тамара Тодевска и Андријана Јаневска. Од светските ѕвезди ги сакам Аријана Гранде и Синија Ериво, уживам да ги слушам и песните на Витни Хјустон.
Твојот талент први го забележале одделенските наставнички Жанета Павловска и Соња Силјановска, а сега посетуваш часови по соло-пеење кај м-р Александра Коцевска, а одиш и во музичкото училиште на проф. д-р Андријана Јаневска. Колку, според тебе, е важно и покрај талентот што го имаш, постојано да се надградуваш?
– Да, моите наставнички Жане и Соња први го забележаа мојот талент. Првите часови и чекори ги започнав во музичкото училиште на мојата драга проф. д-р Андријана Јаневска, со која учествував на многу натпревари, а малку подоцна и кај мојата професорка по соло-пеење м-р Александра Коцевска. Тоа се две личности што се најзаслужни за тоа што сум денес. Само со талентот ништо не може да се направи, техниката на дишење и самото поставување на гласот се најважни.
Ќе ни откриеш дали во семејството има уште некој што се занимавал со музика или со некоја друга уметност?
– Мојот татко научил сам да свири на хармоника, а мајка ми, како што ми кажуваат, многу убаво пеела и кога била мала сакала да биде оперска пејачка.
Веруваме дека освен за учење и за часови по пеење, малку време ти останува слободно. На што го трошиш, имаш ли време за пријателите, за некое друго хоби?
– Слободното време мора да го најдам, а го трошам со другарите и другарките, сакам да излегувам и да се дружам. Хоби ми е да цртам, плетам и да редам лего-коцки.
Во Тбилиси, Грузија, ќе настапиш десетта, а ова ќе биде 20-то учество на Македонија на овој натпревар. Имаш ли трема пред настапот или си сигурна во своите способности?
– Токму така, во Тбилиси настапувам десетта. Тремата секогаш постои, зашто ова е нешто што првпат ќе го доживеам. Сигурна сум во моите способности и ќе направам сѐ да се покажам во најдобро светло и да и донесам малку среќа и радост на нашата земја Македонија. Се надевам дека „чудото“ ќе се случи во Тбилиси!
Андријана Јаневска:Нела е паметна, воспитана и неверојатно трудољубива!
За својата учесничка, Андријана Јаневска имаше само убави зборови.
– Нела Манческа е една од првите ученички во моето училиште, со мене е веќе пет-шест години. Почна со часови по пијано, а потоа паралелно го развиваше и својот вокал преку часови по пеење. Од едно срамежливо девојче прерасна во тинејџерка со раскошен, сигурен глас. Паметна, воспитана и неверојатно трудољубива – тоа се првите епитети што би ги употребила за да ја опишам. А тоа што е убава како самовила е само плус. Горда сум на сите успеси и награди со кои се закити Нела, а оваа година најмногу сум горда што ќе ја претставува Македонија на „Јуниорскиот евросонг“ – вели Андријана Јаневска.
Таа досега на многу млади таленти им ги отворила вратите на успехот во светот на музиката.


































