ФЕЉТОН: ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (3)
Во првиот број на легендарното списание „Лоза“, Младата македонска книжовна дружина го споменува повикот на еден барон со македонско потекло. За него во домашната литература нема многу податоци, а кратката биографија можеме да ја прочитаме во Македонската енциклопедија од 2009 година. Бели – Македонецот, барон Костадин Александров (роден во селото Блаца, Егејска Македонија, а починал во Виена, Австрија) бил македонски патриот и добротвор.
Поради албански насилства, богатиот татко Александар со семејството се преселил во Цариград и во 1802 година бил близок со влашкиот кнез Ј. Караџа, па се преселиле во Букурешт, а веќе заможниот Костадин се префрлил во Виена, каде што и останал до крајот на животот. За благородните дела што ги правел, од императорот Фозеф Втори ја добил титулата барон. Како голем македонски патриот, својата богата библиотека со тестамент му ја подарил на новооснованото училиште во Нова Пела. Во 1835 година потпишува тестамент, со кој ја изразува својата почит кон скоро ослободената Грција (и „покрај тоа што сум се родил во Македонија“), заветува свој имот во Атина за да се издржуваат извесен број клиники во кои да се лекуваат Македонци болни од секаква болест – и тие болнички места да се викаат „Легла на болните – заштитници на баронот Костадин Бели – Македонецот“.

Бил предложен за почесен граѓанин на Атина, а во новата населба Нова Пела биле изградени црква и училиште, на кое му ја подарил својата богата библиотека, со лична порака: „Кога Македонија ќе достигне таков степен на развиток за да создаде свои училишта, тогаш Општинскиот совет на Нова Пела е должен книгите да ѝ ги отстапи на јавноста во Македонија“. Баронот станал член – основач и донатор на едно просветно друштво и бил иницијатор за основање и на археолошко друштво во Атина. Потоа потпишал завештание при баварската влада, од чија камата „да им се дава стипендија на двајца млади Македонци за време од шест години што би студирале во Академијата во Минхен“.

Подоцна овој фонд бил префрлен од Баварија во Грција и, врз основа на купените 85 акции на Националната банка, се давале стипендии од специјалната Комисија за сместување Македонци од оставината на Кoстадин Бели. Од 1850 година Комисијата стипендирала и повеќе од двајца стипендисти, па до 1908 година бројот на стипендистите студенти изнесувал 354 млади Македонци. Веројатно со средствата од таа стипендија студирал во Атина и Григор Прличев, кој во својата „Автобиографија“ наведува дека во 1849 година во Атина имало едно „богато завештание од еден богат Македонец, жител на Блац, се вика Велјо, кое било наменето исклучиво за стипендии на сиромашните Македончиња“. За овој веќе „покоен Македонец, баронот Костадин Бели“ пишува во јануари 1892 година редакцијата на списанието „Лоза“, дека пред 54 години од Виена упатил патриотски апел до своите сонародници, во кој ги прекорува.
– Македонска енциклопедија – МАНУ, Скопје 2009
М-р Никола Ристевски
продолжува
Првиот број на „Лоза“ започнува со цитат од Софокле и спомен за повикот на баронот Бели – Македонецот
- Ништожник е оној што има подобар пријател од татковината.
– Софокле
„Љубовта кон татковината е навистина свето чувство, неизбежно е за секој благороден човек и неопходно за оние во кои останала трага од чест и посакуваат да живеат вечно во устите на потомците, а не да умрат наеднаш откако како животинки за неколку минути ќе го подишат тој атмосферски воздух, и оттргнати од списокот на живите, да останат за секогаш излишно бреме на земјата.
Но колку таа вистина е светла и од сите воопшто се исповедува, толку помалку влијае врз чувството на сите нас. Ние, богатите, благодарни да се тркаламе во изобилијата на печалбите, мислејќи повеќе за личното и материјално богатство, се стремиме само да ги умножуваме нашите желби, тркалајќи се во вечна заблуда и суета, каде што бескрајната фантазија откако еднаш нè одвлекла од умереноста љуби да нè заблудува во бескорисни и фантастични задоволства, кои всушност никогаш во животот не ги наоѓаме, и си остануваме без да вкусиме од она природно и постојано насладување – дека сме ги облагородиле ближните и татковината си. А во последните минути, стресени од совеста, умираме мошне нажалени и татковината ни, милата ни мајка родилка не облекува траур за нашата смрт, ниту пак молитвите на останатите браќа нè придружуваат: татковината нè отфрла како чеда недостојни за нејзината љубов, како странци со зборовите: тргни се од мене, изроде! И потомството ни ја осудува бесчувствителноста и рамнодушноста со обичните зборови: ’И жив беше бесполезен, и умрен си достоен за осудување!’
Скрбен слух! Жалосен глас! Татковината да се откажувала од своите чеда, браќата од молитвите а роднините и целиот словесен свет од пофалата!…“
Поминаа цели 54 години откако покојниот Македонец барон Костадин Бели од Виена „кон своите еднородни Македонци“ го испратил повикот од претходните редови, во кој е излеана целата му душа, срце и нерви. Жално што неговите патриотски совети, основани на вечни вистински начела, досега не биле чуени од оние за кои биле наменети. Напишани на грчки, тие можеле да се искористат само од Грците. Но, затоа никој не смее да го обвинува покојниот барон: нашата татковина тогаш била покриена со дебел мрак, народниот ни јазик бил погазен, во нашите училишта и цркви се читало и пеело на грчки – и Костадин Бели се служи со тогаш царскиот грчки јазик.
Да, нашиот сонародник ни напоменува еден најсвет долг. И навистина, што е посреќно, што е поблагородно од она – да служиш и работиш за татковината, за општонародно добро, од кое зависи и нашата лична среќа? Надвор од татковината, отфрлен од народот, човекот е најнесреќен, дури и да е облечен во злато. Народ, татковина, општество се нешто, човек единка – ништо…
Зборовите на нашиот сонародник се прекрасен доказ за тоа.
Претрупан со богатства, кои му спечалиле и почесто и баронска титула во главниот град на Австрија, нашиот сонародник се чувствува незадоволно, нешто многу му недостига. Но над тоа незадоволство тој не извикува ко Соломон: „Суета на суетите“, а вика низ далечната туѓина: Татковина, народе!
Тој човек има потреба од татковината и народот, но и татковината има потреба од човекот, а денес нашата татковина има нужда од нас…
„Лоза“, јануари 1892 година
Со каква ли свест можеле да бидат Лозарите, тајното друштво на македонската револуција, повикувајќи се на споменот на баронот Македонец освен македонска? Во продолженијата на овој фељтон ќе дознаете повеќе за поврзаноста на баронот со Прличев, за влијанието на Лозарите врз Мисирков и уште многу повеќе за македонската борба за слобода и човечки правдини. Бидејќи: „Ништожник е оној, кој има подобар пријател од татковината!“ Н.Р.


































