Од ракометното минато (1)
- Матовски беше човекот што ги удри темелите на големиот, а подоцна и на малиот ракомет на овие наши македонски простори. Тој беше целосно посветен на спортот, а посебна љубов му беа атлетиката и ракометот
Ако се свртиме кон спортското минато во овие наши македонски простори, ќе сретнеме едно име што остави силен печат во целокупното наше спортско живеење. Постарите љубители на спортот веднаш ќе се присетат и ќе речат дека тоа е сигурно Славко Матовски. Да, тој човек, кој за жал полека оди во заборав, никогаш не треба да биде заборавен. Неговото име треба да го знаат и помладите, зашто благодарение на неговиот ентузијазам и сѐ што стори како тренер и активен играч на РК Работнички, македонскиот ракомет е високо етаблиран и во светски размери. Зарем е мала работа што во овој век во Вардар го имавме двојниот европски првак, а македонската машка ракометна репрезентација е редовен учесник на најголемите светски приредби. Овде треба да се спомене и огромниот успех на женската екипа на Кометал Ѓорче Петров, која во 2002 година стана европски клупски првак.
Но, за да се стигне до она што денес го имаме од аспект на квалитет во ракометот, мора да се свртиме назад и да видиме како всушност ракометниот спорт го отвораше патот кон светскиот спортски врв, и тоа во еден од најпопуларните спортови во светот, за еден ден да се најде меѓу најзастапените игри на светската спортска мапа.
Паралелно голем и мал ракомет
Постарите знаат, а помладите сега ќе дознаат дека денешниот ракомет е всушност продолжение на големиот ракомет, кој се нарекуваше хазена. За тоа што претставуваше оваа игра и како се одвиваше убаво е објаснето и во книгата посветена на ракометот и на неговиот развој напишана токму од Славко Матовски. Па, еве, за вовед во овој ракометен серијал, кој во наредниот период ќе го објавувам на страниците на „Нова Македонија“, ќе цитирам дел од книгата на Матовски, кој се однесува токму на почетоците на ракометот во светот, а потоа и кај нас.
„Правото за присвојување на местото на раѓањето на ракометот си го земаат неколку земји, меѓу кои најекспонирани беа Германија, Шведска, Данска, Русија и Чешка. Сите тие тврделе оти првпат кај нив почнала да се игра топка со рака, од која се развил денешниот ракомет. Од повеќе форми на спортски игри што претходеле, спортските историчари наведуваат две основни што се јавуваат во втората половина на 19 век. Првата е ракомет на голем простор, односно фудбалско игралиште, наречена голем ракомет или хазена. Се играло со 11 играчи, од кои еден е голман, а голманскиот простор, наместо на 16, е ограничен на 13 метри, а втората е „мал ракомет“, кој се играл на помал простор и игралиште со должина од 40 и широчина од 20 метри. Голманскиот простор бил шест метри. Екипата била составена од седум играчи, од кои еден голман“, пишува во својата книга Славко.
Интересно е да се истакне оти, иако двете форми на игра со рака се јавуваат во исто време, сепак, приоритет имал големиот ракомет. Тоа пред сѐ се должело на фактот што големиот ракомет се играл практично на фудбалско игралиште и на трибините можело да има многу повеќе гледачи одошто на малиот ракомет. Инаку, први што почнале да го практикуваат големиот ракомет биле Германците кон крајот на 19 век, а првите правила за оваа игра се издадени во 1917 година. Првпат како демонстрациски спорт големиот ракомет се појавува на Олимпијадата во Амстердам, во 1928 година, а првпат во официјалната олимписка програма бил вклучен на ЛОИ во Берлин во 1936 година. Тогаш на турнирот во голем ракомет учествувале шест репрезентации, а финалниот дуел помеѓу Германија и Австрија, во кој Германците триумфирале, го следеле 100.000 гледачи.
Кога веќе ја спомнавме олимпијадата, треба да се истакне оти во својата не толку долга спортска историја, во периодот од 1938 до 1966 година, се одржале седум светски првенства. Најуспешни биле ракометарите на СР Германија со освоени пет титули, а ДР Германија и Шведска имале по еден триумф. Интересно е оти од 1949 до 1960 година се одржале и три светски првенства во женска конкуренција, на кои Романките биле најуспешни со две победи, а Унгарките имале една победа.
Големиот ракомет и во Македонија
Големиот ракомет или хазена, според некои документи и објавени фотографии во весниците, се појавил во 1925 година. Во тој период во Скопје во спортските друштва ССК (Скопски спортски клуб), СК Граѓански и СК Југ функционираат секциите за големиот ракомет, за подоцна да се формираат вакви секции во рамките на веќе постојните спортски друштва, во Куманово (КСК) и во Велес (СК Горски).
Во книгата на Славко Матровски за почетоците и за развојот на ракометниот спорт има и еден интересен податок што се однесува на големиот ракомет. Освен во веќе споменатите секции, големиот ракомет, кој во тоа време предизвикал големо внимание, се играл и во Втората скопска машка гимназија, која била лоцирана на местото на сегашната Општина Центар. Подоцна Втората машка гимназија била заменета со Учителската школа, чија влезна врата уште е зачувана во дворот на Општината Центар. Во дворот, пак, кон улицата Илинденска имало широк простор на кој се играл голем ракомет. Ете, и ова е дел од историјата на ракометот, што говори за тоа колку била интересна за младата популација појавата на овој спорт на нашите простори. Затоа и не треба да нѐ зачудува и фактот што ракометот и денес високо котира во нашето спортско живеење. Очигледно традицијата го прави своето. Затоа, таа треба да се негува и практично да биде патоказ за младите каде да се движат. Спортот, во случајов ракометот, е, би рекол, нивното вистинско место.
Сега, одам понатаму со некои интересни моменти поврзани со ракометот и особено појавата на малиот ракомет. Со оглед на тоа што големиот ракомет бара поголем простор (како за едно фудбалско игралиште), а младите сѐ повеќе ја сакаа играта со рака, доаѓа до брза експанзија на малиот ракомет. До ова дојде и од практични причини, зашто во дворовите од училиштата што практично претставуваа рекреативна зона за младите, можеше многу полесно да се трасира помало игралиште со димензии токму онакви какви што бара малиот ракомет. Затоа доаѓа до брз развој на едниот, во случајов малиот, а исто така и брзо згаснување на другата форма на игра со рака, големиот ракомет.
Почеток на ракометните активности во 1948 година
Но, пред да се разделиме од големиот ракомет и комплетно да се посветиме на малиот, мора да се потсетиме на некои епизоди поврзани со спортот што му претходеше на овој денешниот ракомет. За првите секции споменав погоре, но тоа беше онака ад хок занимавање на младите со големиот ракомет, нешто посериозно немаше. Дури по Втората светска војна, кога хазената беше застапена и на студентските спортски игри во поранешната држава. Со оглед на тоа што малкумина од студентите, па и професорите беа запознаени со големиот ракомет, на сцена стапија само факултетите за физичка култура, ДИФ, во кои големиот ракомет беше вклучен и во наставната програма. Во таа 1948 година, кога требаше да се одржи првото студентско првенство, Славко Матовски беше студент на ДИФ во Белград. И не само тоа што тој беше еден од првите студенти по формирањето на ДИФ во 1946 година туку беше еден од физички најподготвените, па, така, тој се најде во екипата на белградскиот универзитет, која требаше да се натпреварува во голем ракомет на Универзијадата во Загреб, во 1948 година.
„Многумина од избраните во тимот и немаа поим за големиот ракомет. Правилата на играта ги учеа во собите пред да излезат на првиот меч со студентската екипа на Загреб. Ние бевме како загубени на теренот, моите соиграчи тешко се снаоѓаа, за разлика од мене, кој со атлетската брзина што ја имав уште од атлетските денови и со финтите од кошарката некако успеав да се носам со противникот. Но, сам не можеше ништо да се стори, зашто загрепчаните беа многу посилни, кај нив хазената имаше долга традиција и длабоко беа навлезени во оваа игра. Како резултат на сето тоа дојде и до нивна висока победа од 26-2. Но, тоа беше искуство за следните средби, во кои противниците беа со еднакво знаење како и ние, па така ги победиме студентите од Љубљана со 4-2, а потоа и од Сараево со 6-2“, пишува во книгата Славко Матовски.
Така почнало дружењето на Славко Матовски со оваа игра, која по неколку месеци ја пренесе и во Скопје. Тука, заедно со својот другар Никола Таневски, дебармаалец познат како Јанди, кој, пак, го заврши Курсот за атлетски инструктори во Белград, во рамките на СД Работнички на 23 септември 1948 година формираа и ракометен клуб.


































