Чаша млеко за многумина е симбол на детството: појадок пред училиште, бели мустаќи од пена и чувство на утеха. Сепак, за повеќето возрасни низ светот, овој идиличен напиток станува сѐ потешко сварлив. Околу 75 проценти од возрасните луѓе на планетата не можат да пијат многу млеко без непријатни последици, иако го поднесувале сосема нормално како деца.
Што се променило во меѓувреме?
Одговорот се крие длабоко во нашата ДНК – во еволутивната приказна за еден ген, кој со текот на годините се исклучува. Кравите што произведуваат помалку метан се дел од борбата против климатските промени…Нетолеранцијата на лактоза всушност е природна состојба за возрасните. Луѓе што можат да пијат кравјо млеко и подоцна во животот, имаат посебна мутација на ДНК.
Таа способност се вика перзистенција на лактаза и таа всушност е исклучок, а не правило. Проблемот што повеќето возрасни го имаат се нарекува лактозна нетолеранција и е предизвикан од неможноста на телото да ја свари лактозата, шеќерот што се наоѓа во млекото.
Кога сме деца, речиси сите произведуваме ензим што се вика лактаза. Лактазата ја разложува лактозата на поедноставни шеќери, кои нашето тело може да ги искористи како енергија. Кај децата генот за лактаза функционира целосно, бидејќи млекото тогаш е главна храна. Со текот на времето, сепак, кај повеќето луѓе, таа способност се губи. Некој ја губи веќе околу третата година, некој дури во дваесеттата година, а некој никогаш.
Каде исчезнува тој ген кога ќе пораснеме?
Не исчезнува – само се исклучува. Генот престанува да биде активен. За да функционира генот, клетката мора да го прочита и да го пренесе во протеин, како што готвачот мора да го прочита рецептот и да приготви јадење. Генот е, значи, како рецепт кај готвачот: ако никој не го прочита, храната нема да се зготви, а рецептот останува само на хартија.
Исто важи и за гените. Кога сме деца, клетките во нашите црева редовно го читаат рецептот за лактаза и произведуваат ензим што го разложува млечниот шеќер. Кога ќе станеме возрасни и генот се исклучува, телото повеќе не го произведува тој ензим.
Резултат на сето тоа е дека лактозата од млекото останува недигестирана и предизвикува надуеност, гасови или болки во стомакот. Од друга страна, луѓето што го наследиле мутираниот ген – оние што имаат перзистенција на лактаза – продолжуваат да го произведуваат ензимот цел живот и без проблем можат да пијат млеко.


































