Колосален американски исчекор во насока на ставање крај на војната во Украина
- Новиот мировен план на САД предвидува Киев да ѝ отстапи на Москва дел од источна Украина што моментално не е под руска контрола, во замена за американска безбедносна гаранција за Украина и за Европа, како и намалување на капацитетите на украинската армија со цел да ѝ се стави крај на војната. Значајна за јавноста е информацијата дека Украина немала никаква улога во подготовка на предлогот…
САД јасно му сигнализираа на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Киев мора да прифати рамка подготвена од Вашингтон за завршување на војната со Русија, која предлага Украина да се откаже од територија и дел од нејзиниот арсенал на оружје.
Ова вчера ексклузивно го објави „Ројтерс“, повикувајќи се на „изјави на два извора запознаени со новиот мировен план“.
Изворите, кои побарале да не бидат именувани поради чувствителноста на прашањето, истакнале и дека предлозите вклучуваат „намалување на обемот на вооружените сили на Украина“, нагласувајќи оти Вашингтон ќе инсистира Киев „да ги прифати главните точки“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон „ќе продолжи да развива список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“.
– За да се заврши сложена и смртоносна војна како онаа во Украина, потребна е обемна размена на сериозни и реални идеи. А постигнувањето траен мир ќе бара од двете страни да се согласат на тешки, но неопходни отстапки – рече Рубио.
Во игра „отстапување територии“ во замена за „безбедносни гаранции“
Новиот план доаѓа во светлината на голем корупциски скандал во врвот на раководството на Украина, поради кој украинскиот парламент завчера ги разреши министрите за енергетика и правда. Второ, новиот мировен план на Вашингтон доаѓа во светлината на големи загуби на украинските вооружени сили на боиштето по должината на целиот фронт.
Новиот план на САД предвидува Киев да ѝ отстапи на Москва дел од источна Украина што моментално не е под руска контрола, во замена за американска безбедносна гаранција за Украина и за Европа. Анонимен европски дипломат изјави за „Ројтерс“ дека „сугестијата за намалување на капацитетите на украинската армија изгледа како руско барање“.
Нема промена на позицијата на Русија
Напорите за оживување на мировните преговори се чини дека добиваат на интензитет. Кај Москва е забележливо, според мислење на аналитичарите, дека таа не ги промени своите услови за прекин на војната. Рускиот претседател Владимир Путин долго време го предупредуваше Киев да се откаже од плановите за приклучување кон воениот сојуз на НАТО, но порачуваше и „Западот да прекине со амбициите за проширување на Алијансата на исток и да се придржува кон договорите Минск 1 и Минск 2“. Но тоа не се случи. Москва не даде никакви индикации дека се откажала од некое од тие барања.
Руските сили контролираат околу 19 отсто од украинската територија и се движат напред, додека вршат чести напади врз украинската енергетска инфраструктура како што се приближува зимата.
Ефикасно американско лидерство за ставање крај на војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски завчера во Анкара разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а вчера беше предвидено да се сретне со претставници на американската армија во Киев. Американска делегација предводена од секретарот на армијата Ден Дрискол е во Киев на „мисија за утврдување факти“, соопшти амбасадата на САД во Киев. Началникот на Генералштабот на армијата, генерал Ренди Џорџ, исто така е во делегацијата и тој и Дрискол требаше вчера да се сретнат со Зеленски.
Во коментарите на Телеграм, Зеленски не ја спомена рамката на Вашингтон, но повика на ефикасно американско лидерство за да се помогне во ставањето крај на војната.
– Главната работа за запирање на крвопролевањето и постигнувањето траен мир е да работиме во координација со сите наши партнери и американското лидерство да остане ефикасно, силно – напиша Зеленски по средбата со Ердоган во Анкара, додавајќи дека САД и американскиот претседател Трамп „имаат доволно сила за војната конечно да заврши“.
Украинскиот претседател исто така рече дека Ердоган предложил различни формати за разговори.
Кремљ, пак, соопшти дека руските претставници нема да бидат вклучени во разговорите во Анкара, но дека претседателот Путин е отворен за разговори со САД и Турција за резултатите од дискусиите. Турција, членка на НАТО што остана блиска и со Киев и со Москва, беше домаќин на почетна рунда мировни преговори во првите недели од војната во 2022 година, единствените такви разговори сè до оваа година, кога Трамп поведе нов обид за прекин на војувањето. Киев и Москва не одржаа никакви разговори лице в лице уште од состанокот во Истанбул во јули, додека продолжува речиси четиригодишната војна во Украина. Р.С.
Клучни точки во мировниот план на САД
– Украина да го отстапи остатокот од источниот регион Донбас, вклучувајќи ја и територијата што моментално е под контрола на Киев.
– Намалување на обемот и капацитетите на украинските вооружени сили на половина од сегашната состојба.
– Украина да се откаже од клучните категории на вооружување, што вклучува повлекување на американската воена помош.
– Нема да бидат дозволени странски трупи на украинска територија и Киев повеќе нема да добива западно оружје со долг дострел.
– Признавање на рускиот јазик како официјален државен јазик во Украина и добивање формален статус на локалниот разгранок на Руската православна црква во Украина.
Кои се архитектите на планот?
Група руски и американски функционери биле вклучени во креирањето на планот, кој сè уште е во фаза на рамковно обликување, изјавил за „Фајненшл тајмс“ извор запознаен со разговорите. Еден од неговите архитекти е Кирил Дмитриев, раководител на рускиот суверен фонд за богатство и близок сојузник на претседателот Владимир Путин, рекле луѓе запознаени со предлогот.
Планот бил доставен до Киев неделава од страна на специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој се сретнал во Мајами со сегашниот секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина и поранешен министер за одбрана, Рустем Умеров, за да ги разгледаат неговите 28 точки, рекле две лица запознаени со разговорите. Тие додале дека Виткоф јасно ставил до знаење дека сака Зеленски да ги прифати условите иако тие вклучуваат точки што долго време се црвени линии за Украина. Р.С.


































