ОДБОЈКА
- Следен предизвик за Штип УГД во тоа европско клупско натпреварување ќе биде италијанскиот клуб Милано. Првиот натпревар е закажан за 6 јануари, објави ЦЕВ
Македонската машка клупска одбојка ќе има претставник во европските клупски купови и в година, а за тоа се погрижи Штип УГД, кој во реваншот од квалификациите забележа историски триумф, со максимални 3-0 во сетови (25-18, 25-23, 25-16) против норвешки Кол и преку т.н. златен сет, кој го доби со 15-8, обезбеди опстанок во Челинџ-купот, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Во салата „25 Мај“ во Радовиш, македонскиот претставник одигра одличен натпревар, во кој беспрекорно функционираа сите елементи, а дисциплинираната игра овозможи Штип УГД да ја анулира негативата од 1-3 што ја имаше од првиот натпревар, одигран во Осло, и по осумдесетина минути игра стигна до максимална победа и до златен сет, пишува ОФМ.
Стојан Илиев беше најефикасен со 22 поени, следен од Махди Задмард со 15 поени, Стојче Арсов имаше 11, Михајло Мирасчиев 10 и Леандро Оливеира шест поени.
Следен предизвик за Штип УГД во главната рунда, во мечот од шеснаесеттинафиналето, во Челинџ-купот, ќе биде италијанскиот клуб Милано. Првиот натпревар е закажан за 6 јануари, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Г.И.


































