Најстариот активен рудник во Република Македонија и градот на рударите (прв дел)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

За најбогата област со рудни ресурси во Македонија се смета Кратовско-злетовската област, каде што експлоатирањето на рудата започнало уште пред нашата ера и трае до ден-денес, постои два и полмилениумска рударска традиција, за која сведочат не само археолошките локалитети и наоди туку и многуте топоними поврзани со рударството. Во овој регион, кој претставува најголема згасната вулканска област во Македонија, има десетина стари вулкански кратери околу кои се развивале населби уште од далечната праисторија. Дури и денешните топоними што се употребуваат за населбите и месностите сведочат за неколкуте милениуми рударска традиција во овие краишта. Плавица, Златица, Злетово, Шлегово, Кратово, Жгури и уште многу други се сведоци за древното рударство на овие простори. Локалитетите од римскиот период, историските и археолошките сведоштва за рударството во средновековието и за време на Османлиската Империја покажуваат дека луѓето не престанале да ги експлоатираат рудните богатства во Кратовско-злетовската област во текот на многу векови, па и милениуми. Дури и развојот на рударството на Македонија во 20 век е нераскинливо поврзан со најстариот активен рудник во државата – рудникот „Злетово“, кој се наоѓа на падините на планината Плавица во атарот на селото Добрево…
Како и во претходниот 19 век, но и во „време турско“, во средновековието, а најверојатно и многу порано, работници не само од Кратовско-злетовската област туку и од соседните региони доаѓале да работат во рудниците, во топилниците и да плават руда на реките. Од турските пописни тапу-дефтери oд 15 и 16 век дознаваме за границите на нахиите што поминувале помеѓу атарите на најважните стари рударски населби. Целиот овој регион претрпел големи промени по Австро-турската војна и востанието на чело со Карпош – кралот на рударите, кои се случиле на крајот од 17 век.

Значајни записи за рударството во овој регион оставиле Зено и Јаков, потоа Евлија Челеби, Аџи Калфа, Јохан Хан, Ами Буе и многу други. Освен од записите од посетителите од далечните земји, за овој регион можеме да се информираме и од записи од автори од овие краишта.
Во текст од Ефрем Каранов од Кратово, објавен во 1892 година, можеме да прочитаме за старите мадемџии – рудари, од Кратовско, Злетовско и од Овчеполско, како и за условите во кои работеле во тие времиња.
Неколку години подоцна, во 1894 г., Ѓорче Петров објавил за новите пронајдени резерви на сребро на Плавица.
Во книга на Цвијиќ од 1906 година е објавен првиот детален геолошки опис на овој регион, според кој, голем дел од науката се води и ден-денес и да потврдиме дека и тогаш се знаело за рудните наоѓалишта во Злетово и Добрево.
Истото тоа е потврдено и неколку години подоцна во записите на Јордан Иванов. Значајни податоци во своите истражувања, патописи и книги оставиле и други автори, од пред војната се забележува Симиќ, а од втората половина на минатиот век неодминливо е капиталното дело „Злетовска област“ на Кондев, Керамидчиев, Балабанов и на Апостолов.
Рудникот „Злетово“ на падините на Плавица во атарот на селото Добрево во општината Пробиштип во Република Македонија наскоро ќе ја слави својата 100-годишнина. Како најстар активен рудник во државата со речиси еден век постоење, има оставено длабока трага не само на животот во регионот туку и на целата држава. Оформувањето на денешниот град Пробиштип и изградбата на најважните објекти во градот се случиле поради развојот на самиот рудник. Развојот на стопанството во Македонија во втората половина на 20 век има директен удел од работата токму на овој рудник. И ден-денес рудникот „Злетово“ претставува еден од најважните индустриски и економски фактори во регионот.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)