Илустрација: „Нова Македонија“

ПОМЕСТУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНИТЕ ГЕОПОЛИТИЧКИ ПЛОЧИ – СУВЕРЕНИЗМОТ ГИ УДИРА ТЕМЕЛИТЕ НА НОВИОТ СВЕТ

За да направиме еден потемелен осврт на суверенизмот (идеологија и доктрина што го поддржува стекнувањето или зачувувањето на политичката независност на една нација), како повеќеслоен општествен феномен (правно-политички суверенитет, територијален суверенитет, економски суверенитет, енергетски суверенитет, културен суверенитет, суверенитет на водите во државава), сега, повеќе од кога било, би било вредно да се вклучиме во сериозно и темелно испитување на она со што всушност се справуваме во форма на т.н. либерална демократија, нејзините теории, нејзините програми, нејзините цели, стратегии, институции и инструменти… Ова не е толку едноставно како што може да изгледа: на крајот на краиштата, до неодамна, ние самите бевме под нејзина одлучувачка контрола и влијание, а можеби и на некој начин сè уште сме. Многу од овие позиции на либералниот концепт со лесно ги прифативме (а некои со притисоци и ултиматуми), надевајќи се на приклучок кон развиениот свет, да дојдеме до состојба на силна деноминација на нацијата и државата, во пакет со однадвор наметната апатија кон исконските историски идентитетски чувства, и згора на тоа, да ги игнорираме или да ги заборавиме индивидуалните колективни стремежи и напори на нашите предци?! Како стигнавме до таму?


  • Иако на прв поглед можеби наликува дека светот станува опасна џунгла, тој никогаш не бил совршен свет, а не е и нема да биде ниту сега. Секој гледа да го грабне тоа што мисли дека е негово или може да полага право на тоа, а помалите да најдат безбедно место под нечија сенка. Кога ќе заврши тоа, ќе можеме да зборуваме за новата светска архитектура. Таму сме и ние. Еднаш рековме дека Македонија е во орото на суверенизмот, од нас зависи како и дали докрај ќе го изиграме тој тежок геополитички чекор.
    За нас како нација и држава е важно да опстоиме затоа што либералниот свет со неговите вредности нѐ претвори нас во територија, земајќи ни ја сувереноста и удирајќи во длабоките историски корени на една стара цивилизација со насилно менување на уставното и историско име Македонија. Тоа мора да си го вратиме оти е наше, а кога ако не сега. Името е нашиот идентитет. Името е сѐ

Автор: Христо Ивановски

Суверенизмот, односно конзервативизмот, како што е политички спакуван во Америка како главно обележје на политиката на претседателот Доналд Трамп во неговиот втор мандат, веќе е сосема видлив не само во западниот свет туку и глобално. Тој идеолошки конфликт се виде и при изборот на новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, при што цел арсенал политичко оружје беше истрелан од двата политички табора во САД. Разликите се видливи, а поделбите големи. Иако на прв поглед можеби наликува дека светот станува опасна џунгла, тој никогаш не бил совршен свет, а не е и нема да биде ниту сега. Секој гледа да го грабне тоа што мисли дека е негово или може да полага право на тоа, а помалите да најдат безбедно место под нечија сенка. Кога ќе заврши тоа, ќе можеме да зборуваме за новата светска архитектура. Таму сме и ние. Еднаш рековме дека Македонија е во орото на суверенизмот, од нас зависи како и дали докрај ќе го изиграме тој тежок геополитички чекор.

За нас како нација и држава е важно да опстоиме затоа што либералниот свет со неговите вредности нѐ претвори нас во територија земајќи ни ја сувереноста и удирајќи во длабоките историски корени на една стара цивилизација со насилно менување на уставното и историско име Македонија. Тоа мора да си го вратиме оти е наше, а кога ако не сега. Името е нашиот идентитет. Името е сѐ.

НОВ МОСТ НА СУВЕРЕНИСТИТЕ ПРЕКУ АТЛАНТИКОТ

Новиот евроатлантски мост сега го прават суверенистите, предничат тие во Америка, но темелите се веќе добро поставени. Она што Трамп го продолжи под паролата МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема) е следено со истата парола во Европа, но овде се нарекува МЕГА. Ние сме едно зрнце од тој голем проект на глобален ресет, односно испраќање на глобализмот во фиока, при што треба да се отворат сите портали на суверенизмот. Македонија е еден микросуверен темел и како таков мора да се претставува во светот. Да бидеме видливи на светската геополитичка мапа. Секако дека нѐ има, за ова немаме дилеми, иако постоеле и ќе постојат пречки и субверзии на нашите геостратегиски позиции и цели. Па дури и од оние држави, пред сѐ соседи, што се во истиот вагон, но се обидуваат да си најдат подобро место на штета на нашето место.

Либералите веќе најдоа механизам како да ја претстават оваа промена на силите, особено во Европа, предупредувајќи дека станува збор за збивање на редовите на ултрадесничарите. Но факт е дека тие се збиваат и веќе имаат изградено еден блок држави што по вертикала се наоѓа во средината на Европа, некаков природен мост меѓу Северот и Југот, Истокот и Западот. Ние сме позиционирани токму во таа точка на европските крстопати. Да го наречеме овој процес – новата крстоносна војна, затоа што во Европа нема да оди лесно ова испраќање на либерализмот во историјата.
Ако перјаницата на европскиот либерализам е Соросовата мрежа на невладини организации и скапо платени лобисти, сега суверенистите имаат своја идеолошка водилка во фондацијата „Херитиџ“ и нејзиниот манифест, кој се содржи во девет точки. Тие во суштина се однесуваат на американското општество, но тие се прифатливи и за Европејците. Тој план за акција има цел да ја врати сувереноста за да можат сите Американци да имаат добар живот, а за таа цел се предвидува во наредните две години во Вашингтон да се демонтира длабоката држава и да се обноват семејството и американските институции, да има враќање на човечките вредности, заштита на суверенитетот, одбрана на границите и победа над глобализмот. Она што е особено важно на геополитички план е што фондацијата „Херитиџ“, а тоа значи и политиката на Трамп, ќе биде насочена кон битка со Кина за глобалното лидерство и тоа ќе биде беспоштедна битка од причини што „Херитиџ“ наведува дека „Кинеската комунистичка партија e најпостојаната странска закана со која се соочени Американците денес“.

ПАТРИОТИ НАСПРОТИ ДЛАБОКАТА ДРЖАВА

Која е таа „длабока држава“? Накусо, тоа, според „Херитиџ“, се неизбрани бирократи и посебни интересни групи што ја поткопуваат или ги поклопуваат одлуките на избраните претставници. Дали има кај нас ваков феномен? Секако да, но очигледно е дека оваа битка со длабоката држава на наш терен оди бавно, а една од причините е што тие со децении се закоравени во системот или во влијателни невладини организации.

Фото: „Нова Македонија“

Суверенистите во Европа веќе ја покажуваат својата сила и тоа уште повеќе ќе се гледа во наредните одлуки што ќе се носат во Брисел, на ниво на ЕУ и во центрите на политичката и финансиска моќ во Лондон, Париз или во Франкфурт.
Европските патриоти, по угледот на своите американски сомисленици, веќе излегоа јавно да протестираат против нелегалната имиграција, која им задава сериозни проблеми на општествата и вештачки им наметнува решенија што не се историски ни наследени ни оправдани. И нема да биде за чудење кога во иднина ќе гледаме како европски лидери ја менуваат реториката и се вклопуваат во новиот свет. На пример, италијанската премиерка Џорџа Мелони некогаш повикуваше за ресет на односите со Русија, но тоа време помина, а Берлускони не е меѓу живите. Трамп го цени тоа. Италија со Мелони, Унгарија со Орбан, Белгија со новиот премиер Барт де Веве, потоа Словачка и Чешка се земјите што можат да се видат како фундаментални на новата европска суверенистичка конструкција. Ние сметаме дека и нашето место е токму таму.

СОБИРОТ ВО РИМ

Пред само еден месец во Рим, суверенистичката европска тупаница беше на собир каде што се фокусираше на демографската криза, а притоа се дебатирало и за правото на абортус. Една од деветте точки на букварот „Херитиџ“ е враќање на семејните вредности и на значењето на семејството. Значи, јасно е. Ова за таканаречените напредни либерални идеологии е ерес и токму со такви вредности се фалеше Европа низ светот. Такво е впрочем и европското законодавство, па и од Македонија се бара да ги примени тие европски вредности, честопати и со заканувачки тон.

Во Рим се обратил и претседателот на фондацијата „Херитиџ“, Кевин Робертс, кога бил развеан и банерот „Да ја направиме Европа повторно голема“. Од друга страна, пред овој голем собир, претставници на „Херитиџ“ во Вашингтон и во Брисел се среќавале со парламентарци од суверенистичките, десничарски партии на Унгарија, Чешка, Франција, Шпанија и на Германија, а одредени медиуми велат дека во период од една година имало седум такви средби со европарламентарци.

Не се крие дека намерата на европските суверенисти е да влезат во „орбитата на Трамп“, а тоа е прифатено од американска страна. Можеме слободно да го наречеме овој процес на пуштен булдожер да го расчисти теренот и ова не се одвива од вчера. Таа матрица почна да се појавува уште во првиот мандат на Трамп, главно со активностите на Стив Бенон. И затоа ќе заклучиме дека ова сега што се случува е извесно доцнење со процесите. Сега една поголема мрежа од невладините организации и десничарски институти се договараат што може како заеднички концепт да се преточи во законодавствата во однос на демографијата, а како клучно прашање што ќе предизвика европска бура – е забраната на абортусот.


Дилема – Европа како суверена или како вазал на Америка?

Геополитиката секогаш е како локум. Ќе ја споменеме повторно Џорџа Мелони, која се откажа од проектите на кинескиот мега проект зацртани во еден меморандум за иницијативата „Појас и пат“. Во прашање се трилиони долари во инфраструктура. И не е само Италија, која е под притисок или поради силите на Трамповата орбита, и Македонија излета од некои проекти, но влегува во други. За нас особено беа важни гасоводите, кои мораа под силата на геополитиката и истиснувањето на Русите да се стопираат. А како геополитички интерес за Американците е и прашањето со големата имиграција, исламизацијата и левичарските политики. Ако сакаме пример за потреси токму за овие прашања, тоа е секако Велика Британија, па и Франција, но секако и Белгија и Италија. Сите тие се големи и важни земји за европската безбедност и стабилност, но и клучно е прашањето за европскиот суверенизам. Односно клучното прашање е – дали идната Европа ќе биде суверена или, сепак, ќе остане вазал на Америка? Х.И.


Мегапроектот ИМЕК – Македонија важна точка на идниот коридор

Како пандан на кинеската иницијатива „Појас и пат“, Трамп не толку видливо го развива својот проект ИМЕК, кој треба да ја преобликува глобалната трговија. Ако се прашувате зошто САД поставуваат ембарга и пречки за кинеските пристаништа, тоа е токму заради остварување на тој голем проект. Станува збор за коридорот Индија-Блискиот Исток-Европа, при што трговијата треба да го заобиколи традиционалниот Суецки Канал, што е нешто неверојатно, но и Црвено Море пред сѐ поради Хутите, па ќе му се даде големо значење на Персискиот Залив, со нагласка на улогата на Израел и Катар. Потоа маршрутата оди кон Медитеранот (Израел, Кипар, и Грција) и продолжува кон Македонија и оттука по копно кон Европа. Но Кина купи дел од грчките пристаништа и сега Атина ќе треба да го реши тој проблем поставен од Трамп. Тој бара чист терен. Како ќе се изведе тоа е навистина големо прашање.

Овој проект, за кој нема премногу податоци, се наведува дека би вредел околу 20 милијарди, што на прв поглед изгледа дека е премала сума и не се наведени изворите на финансирање. Сепак, според најавите на некои земји учеснички, само Саудиска Арабија е подготвена да инвестира 200 милијарди долари во инфраструктура. Геополитички, САД играат на растечкото влијание на Индија, нејзе ѝ се отвораат коридори кон Блискиот Исток, источниот Медитеран и длабоко во Европа, при што ќе се направи мрежа пристаништа, железници, патишта, но и енергетски цевководи и дигитални врски.

Јасно е дека Македонија ќе има своја значајна улога во овие транспортни коридори, но за тоа ќе мора да ја надгради својата инфраструктура. Така, доколку се затвори целиот проект со ИМЕК, во тој случај брзата пруга, како и каргожелезницата, имаат смисла и економска оправданост. Се проценува дека низ овие коридори времето за патување ќе се намали за 40 проценти, а заштедата за логистика би изнесувала годишно пет милијарди долари. Тука се шансите на Македонија, но мора да го зајакне и својот суверенизам.

Тоа значи цементирање на државниот унитарен систем и на сувереноста, силен судски систем и расчистување со корупцијата и сивата економија. Време има, но постои и трка за подобри позиции. Во тек се законски измени во државите неопходни за остварување на проектот, но и создавање регионални групи, каква што е на пример оската Индија-Израел-Кипар-Грција. Реално е да се очекува и Македонија да влезе во некоја група, а веќе е стигната понуда од Израел, чие пристаниште во Хаифа ќе игра една од клучните улоги на овој транспортен коридор. Х.И.


Тема за потсетување, прашање за уште едно разгледување…

Како го еродиравме суверенитетот со промената на државното име?

Државното име по дефиниција е државно-правен идентитет на државата. Овој правен идентитет е основен правен атрибут на субјективитетот со кој државата се претставува како правен субјект во меѓународното право и во внатрешниот правен сообраќај и односи. Државно-правниот идентитет или името на државата е основен елемент на меѓународнправниот и внатрешноправниот (уставниот) субјективитет на државата.

Само народот го избира својот народен или национален идентитет (без надворешно мешање), при што народното (или националното) име (националниот идентитет) станува државно име, на кое се применува принципот на самоопределување на народот, според принципот на суверенитет! Овој принцип на суверенитет ја поврзува првобитната народна волја со суверенитетот, т.е. суверениот правен идентитет, како основно државно право!

Со ваквиот идентитет, државата правно функционира како меѓународно-правен субјект (правно лице), со свои меѓународни права и обврски, слично како и други правни субјекти (правни лица) во внатрешниот правен поредок и сообраќај. Имено, државата се јавува како одговорен правен субјект пред домашните судови или во правните постапки што имплицираат постоење правен субјективитет на државата.
По правило, „државно-правниот идентитет“ (односно името на државата) е ист/идентичен во меѓународното правно претставување, како и во домашното правно претставување.

Поседувањето (имањето) и целосно независниот избор на државно-правниот идентитет се дел од правото на самоопределување на народот и основното суверено право и во согласност со членот 2 од Повелбата на Обединетите нации, а мешање во вакви случаи, кои се во „строга внатрешна надлежност“ на државата, не е дозволено!
Натаму, самоопределувањето на народот, идентитетот и интегритетот спаѓаат во основното суверено право, односно во највисоките правни норми и правила (јус когенс), повисоки од секое пишано право, вклучувајќи ги меѓународните договори, конвенции, резолуции, како и уставите на државите.

Нормите јус когенс (или ius cogens) по дефиниција се највисоки (т.н. перемпторни) обичајни норми, правила и принципи, посилни од диспозитивното т.е. од пишаното право (jus dispositivum), вклучувајќи ги и нормите содржани во уставите (на државите) и посилни и од меѓународните договори и конвенции. Овие норми и принципи не се подложни на дерогирање! Тие се следниве: правото на самоопределување и интегритет, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на државна и народна самоодбрана, правото на политичка назависност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација на државите, правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права (геноцид, тортура итн). Овде спаѓаат инхерентните т.е. вродените права, од кои држава и да сака не може да се откаже со пишан документ, односно закон, устав или меѓународен договор, бидејќи мора да ги поседува како држава (основните елементи на државност, односно права поврзани со правната должност држава да ги поседува и да не ги дерогира).

Дали е ова доволно за почеток на една поширока и темелна анализа во повеќе продолженија за феноменот суверенитет, кој е повеќеслоен, кој не смее, ниту може, некој да ни го присвои, ниту некој да го отуѓува? Р.Н.М.