Димитрија (Димче) Саздовски

После унишувањето и ликвидирањето на надворешната одбрана на Скопје како и завземање на Државна болница, веднаш ја нападнавме зградата на Железничка станица која ја бранеја околу 60 германски војници. Германците не само што се бранеја во зградата, туку имаа и помеѓу колосеците митралески гнезда, па на нашиот баталјон отворија огин и се до зградата на Млин балкан и лево до сегашниот подвожњак им попречуваа на нашите борци да поминат кон Скопје. Се разгоре голема борба и нашите борци почнаа да вршат притисок и за кусо време Германците беа приморани да ги напуштат митралеските гнезда и да се повлечат во самата зграда на Железничка станица. Се сеќавам во тие пресудни моменти беше со нас и нашиот командант на бригадата Трајко-Бузо. Тој правилно ја процени ситуацијата дека сега Германците се само во железничката зграда и ни рече дека пред тоа бил и на спротивната страна кај хотелот „Бристол“, така што нашите борци им се приближиле до самата зграда. Тогаш командантот на бригадата ни рече: „овие се готови, нема веќе кај да одат, ќе ги примораме да капитулираат (да се предадат), само вие раководителите строго да водите сметка за секој човечки живот, за секој борец да не се даваат залудно жртви“ и потоа тој го јавна својот коњ и како виор отиде кај другите другари борци. „Чуден командант, ни наредува да ги пазиме нашите и животите на борцте, а тој својот не го жали“.
За станичната зграда се разви огорчена борба и кога Германците увидоа дека се блокирани од сите страни и дека не можат да се повлечат према Камениот Мост и Качаничката Клисура, тие во знак на одмазда го минираа делот од станицата (санитарниот чвор), со што нашите борци оваа постапка на Германците ги натера уште повеќе да го стегнат обрачот. Во тие моменти видовме на пушка една бела кошула, што требаше да значи застава (знаме). Ние веднаш прекративме со огнот и некако успеавме да се разбереме со Германците дека сакаат да преговараат. По најбрз пат беше известен Штабот на бригадата и тој ни нареди да ги доведеме преговарачите и за време на преговори да не се пука. Од зградата излезе германскиот командат по чин мајор, ние веднаш го одведовме во зградата кај што се наоѓаше Штабот на бригадата. Кога командантот и комесарот на бригадата ни рекоа да го внесеме германскиот офицер и да му го оставиме оружјето кое го носеше, фрицот беше изненаден од овој наш гест. Преговорите почнаа. Германскиот офицер бараше да му се гарантира дека ќе го пуштиме со својата војска да се повлече на левиот брег на Вардар, каде сметаше дека ќе ги има неговите другари, инаку во противно тој се закануваше дека ќе ја дигне целата станична зграда во воздух, ако не му биле удоволено барањето. Кога тумачот ни пренесе (преведе) зборовите на фашистичкиот офицер командантот на бригадата му одговори со доста остар тон и му кажа дека одамна е поминато времето кога вие Германците сте поставувале услови, сега сме тие ние, кои ги поставуваме условите и затоа од вашето барање нема ништо и ние захтеваме веднаш да го положите оружјето и сите германски војници и офиФцери ќе ги сметаме за воени заробеници и на секој ќе му бидат оставени личните работи. Германскиот офицер се сложи со зборовите на командантот и тој замоли да му се дозволи враќањето во Железничката станица, со цел да разговара и да ги убеди неговите војници и офицери да се предадат, бидејќи и тој самиот вероватно не гледаше друг излез. По враќањето на офицерот во Железничката станица, пак настанаа пукање и борба, но по кусо време пак го видовме истакнато белото знаме и со подигнати раце почнаа да излегуваат Германците од станичната зграда. Нашата радост беше голема, бидејќи тоа беше првиот објект од поголема димензија, кој падна во напите раце, но кога војниците и офицерите германски ги видоа нашите борци какви се вооружени облечени и обуени, тие нешто меѓу себе мрмореа бидејќи ние не разбиравме што збореја, но веројатно не беа задоволни што се предадоа на вакви борци и по кусо време чувме истрел и кога нашите другари отидоа да видат во што е работата утврдиле дека германскиот командант кој вршеше преговори извршил самоубиство веројатно не можел да ги издржи критиките на своите борци и затоа се самоубил.

4.XI.1977 година, Скопје, пишува Димче Саздовски, командир на чета на III баталјон при XII Македонска ударна бригада