Повод: Симболизмот на 13 Ноември – слобо дно Скопје, отфрлање на потчинетоста на Македонија, ослободување на духот на Макед онецот и одбирање на патот на независноста
- Сега е време кога треба да се одигра проактивно, но и поагресивно. Во недостиг од почитување на правилата, принципите и актите на меѓународното право, ние треба многу остроумно, снаодливо, паметно, интелигентно, но не на штета на некој друг, да понудиме нешто што е конјуктурно денес, кога има таканаречен стек на погодни околности и ни се отвора добра можност за успех. Ние имаме за што да разговараме со големите сили, партнерски држави. Ние имаме што да понудиме и имаме што да побараме со голема веројатност на политички и деловен успех. Затоа, ни треба дипломатија што ќе нè постави како активен субјект…
Европската Унија некогаш беше симбол на стабилност, право, достоинство и предвидливост. Место каде што вредеше принципот дека состанокот има правила и дека сите се еднакви пред нив. Денес, таа заедница е само сенка од сопствената идеја.
Новите препораки за проширување на ЕУ, нивната непредвидливост, непостојаност и на дневнополитичка основа, сервирани од страна на Европската комисија (ЕК), се огледало на новата реалност: не владеат повеќе стандардите, туку политичките пресметки и моменталната геополитикантска математика.
Зарем позицијата на ЕК за Украина, земја што се наоѓа во активна војна, со висока корупција, со институции зависни од странска поддршка и со територијални загуби, да се турка како наредна членка за ЕУ и прва во редот во чекалницата?! Не, тоа не е поддршка, тоа е симболична порака. Клиентелизмот, протекционизмот, селективниот приод од интерес е новиот критериум на европската влада (ЕК). Порака дека соодветната геополитичка линија е поважна од реформите, законите, правото, институциите.
Не станува збор за барање реформи. Станува збор за покорување
Македонија, напротив, е земја што две децении чекори низ политичко минско поле за да ја задржи илузијата дека „кога-тогаш“ ќе биде наградена за трпението и колосалните жртви: Промена на знамето, промена на името, промена на Уставот и законите, промена на историскиот наратив, промена на учебниците… Флагрантни повреди на достоинството. Сето тоа се елементи што влегуваат во еден пакет мегапромени низ годиниве, за само да добиеме ново и ново условување. Не станува збор за реформи. Станува збор за покорување.
Европската Унија со ова ја симнува маската. Не постојат веќе европски вредности како универзален принцип. Постои само намера (на либерален Брисел) за (наша) употребливост: каде и како да нѐ употреби и искористи. И тоа станува сѐ поочигледно низ годиниве.
Се поставува клучното прашање: Ако по толку жртви, ред, труд и компромиси ние и понатаму сме заложници на нечии изборни циклуси, туѓи агенди и интереси, тогаш што точно чекаме и што уште се надеваме да добиеме?
Зошто Македонија не треба да го затвора европскиот пат?
Деновиве, во разговор со повеќе десетина интелектуалци, универзитетски професори од повеќе факултети низ републикава (Правен, Економски, Воена академија, Факултет за безбедност, Катедра за историја при Филозофскиот факултет и Катедра за македонски јазик, Факултет за ликовни уметности) добивме многу интересни одговори на прашањето: Како Македонија да се движи понатаму во овие историски околности, нови геополитички трендови, нови регионални движења, сојузења, како и во новата поставеност и околности на внатрешен план?
– Македонија мора да престане да биде држава што моли. Македонија мора да стане држава што избира. Светот веќе не е еднополарен.
– Постојат САД како стабилен безбедносен партнер.
– Постои Британија, која е надвор од ЕУ, но економски и политички многу пофлексибилна.
– Постои Кина, која гради патишта, мостови, фабрики, и друга линиска или енергетска инфраструктура таму каде што ЕУ поставува бирократски бариери.
– Постои и регионална економска дипломатија со земји од Блискиот Исток, кои во моментов брзо вложуваат во земји од Балканот. Македонија не треба да го затвора европскиот пат. Треба да престане да биде врзана само за него, велат професорите со кои се консултиравме, чии изјави, кои имаа многу повеќе од заеднички именител, ги сублимиравме во една покуса.
Не со поданички, туку со храбар, синхронизиран и фокусиран однос на нашата надворешна политика
Според нашите соговорници, универзитетски професори, она што го издвојуваат како нивно чувство дека треба да се стори е дека „нам сега ни е потребен уште порешителен, синхронизиран и фокусиран однос на нашата надворешна политика“.
– Сега е време кога треба да се одигра проактивно, но и поагресивно. Во недостиг од почитување на правилата, принципите и актите на меѓународното право, ние треба многу остроумно, снаодливо, паметно, интелигентно, но не на штета на некој друг, да понудиме нешто што е конјуктурно денес, кога има таканаречен стек на погодни околности и ни се отвора добра можност за успех. Ние имаме за што да разговараме со големите сили, партнерски држави, имаме што да понудиме и имаме што да побараме со голема веројатност на политички и деловен успех. Затоа, ни треба дипломатија што ќе нè постави како активен субјект, ќе штити интерес, ќе нуди интерес што не оди на штета на нашиот суверенизам, ќе бара вложувања, ќе отвора економски коридори, ќе бара вистински партнерства, а не политички ултиматуми. Потребен ни е поглед ширум отворен – не поглед закован во една врата што три децении стои заклучена – велат нашите соговорници, додавајќи дека Европската Унија можеше да биде дом на вредностите што ги посакувавме. Со ваквите одлуки, таа стана дом на двојните аршини.
А довербата, еднаш скршена, тешко се обновува. Сѐ посилен е впечатокот дека време е Македонија, како и во 1944 година, да се ослободи од јаремот, само со други методи и форми. Да се ослободи од притисоците и уцените.
Симболиката на денешниот ден, Денот на ослободување на главниот град на Македонија, е ослободување на духот на македонизмот, духот на слободата и конечно исчекор кон патот по кој државата ќе се движи самоуверено. Не со молба во рака, туку со став во државата и од државата. Р.Н.М

































