Нема успешна децентрализација без локална демократија. Овие два процеса се нераскинливо поврзани, порача денеска заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими на Првата регионална конференција на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3), која се одржува во Скопје под мотото „Резултати и регионално влијание: Зајакнување на локалното управување и граѓанското општество во Западен Балкан“.
Селими истакна дека проектот ReLOaD3, кој е финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНДП, е особено значаен затоа што воспоставува механизми за отчетно и транспарентно работење на локалните власти.
– Општините издвојуваат значителни средства за финансирање на проекти на граѓанските организации, но без унифицирани процедури, секоја општина го регулира финансирањето на различен начин. Транспарентноста и предвидливоста се клучни за градење доверба меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор – нагласи Селими.
Според него, примената на унифицирана методологија за распределување на буџетските средства ќе овозможи градење партнерски односи и заедничка соработка.
– Ова е патот кон поодговорно, демократско и отчетно управување на локално ниво со активно учество на граѓаните. Нашата цел е оваа добра пракса да се примени во сите општини – додаде тој.
Заменик-министерот потсети дека измените на Законот за локална самоуправа се во насока на дополнително развивање на локалната демократија, но донесувањето на законот застанало пред обезбедување на неопходното бадентерово мнозинство.
– Сметам дека ќе беше добро градоначалниците да го започнат својот мандат со новите законски решенија, но процесот е започнат и очекувам наскоро да биде заокружен – истакна Селими и изрази уверување дека добрите практики од проектот ќе им помогнат на општините кои досега беа опфатени и ќе придонесат за понатамошно зајакнување на локалната демократија во земјата.
Европската Унија вложува повеќе од 470 милиони евра за поддршка на граѓанското општество и медиумите во регионот, истакна раководителка на тимот за координација на граѓански организации и медиуми во Западен Балкан и Турција при Европската комисија, Симела Цакири на Првата регионална конференција на програмата ReLOaD3.
– Навистина ми е драго што имам можност да разговараме за тоа како можеме да придонесеме кон напорите на програмата Reload за зајакнување на локалната демократија и граѓанското учество, особено во контекст на процесите за приближување кон Европската Унија – истакна Цакири.
Таа потсети дека ЕУ ја поддржува и финансира програмата ReLOaD уште од 2017 година, која е дел од инструментот за граѓанско општество.
– Во претходните две фази придонесовме со околу 11 милиони евра и очекуваме да поддржиме околу 270 проекти во целиот регион, кои нудат услуги засновани на локалните приоритети. Повеќе од 33.000 граѓани ќе имаат придобивки од овие проекти – нагласи таа.
Според Цакири, конференцијата ќе служи како платформа за дијалог и размена на добри практики, со цел да се подобри транспарентноста, граѓанското учество и соработката меѓу локалните власти и граѓанското општество.
Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3) обезбедува поддршка за националните влади, локалните власти и граѓанските организации со цел подобрување на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните.
Преку програмата, шест национални влади ќе добијат помош за воспоставување ефикасен и транспарентен систем за соработка со граѓанското општество. Најмалку 50 општини ќе бидат поддржани за зајакнување на партнерствата со граѓанските организации преку обуки, размена на знаења и подобрени механизми за финансирање. Дополнително, над 120 граѓански организации ќе ги зајакнат своите капацитети и улога како застапници на заедниците, особено на ранливи групи како лица со попреченост, млади и жени во неповолна положба.
Програмата има за цел да создаде долгорочна одржливост и пошироки позитивни ефекти врз општеството, преку транспарентни процедури и инклузивно локално управување.

































