Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Македонија е земја што изобилува со природни ресурси и културно наследство. Речиси секој град во државата се наоѓа на локација каде што постоела населба и претходно, најчесто дури и пред нашата ера. Во североисточниот дел на Македонија се наоѓа Кратово, град што е најголем нем сведок на културното наследство во нашата земја. На територијата каде што се наоѓа денешниот град уште од античко време постоела населба. Рудните богатства се користеле уште во антиката, римскиот и ранохристијанскиот период, но и во средните векови. Градот на кулите и мостовите претставува вистински музеј на отворено, кој воодушевува со средновековната архитектура.
За Кратово се напишани многу страници во патописи, книги, весници, списанија и извештаи. Зачуваните стари книги, фотографии и видеоснимки го покажуваат интересот за овој град во минатиот век. Достапните записи од 19 век ни потврдуваат за значењето на Кратово во научната литература. Најпознати роднокрајни автори што пишувале за Кратово се Ефрем Каранов и Стефан Симиќ. Во средината на 19 век, патопис за Кратово објавил и Јордан Хаџиконстантинов–Џинот.
Низ Кратово во 19 век поминал патописецот Ами Буе. На крајот од 18 и во почетокот на 19 век во Кратово живеел и творел Јоаким Крчовски. Во 17 век и Евлија Челеби го посетил Кратово и го опишал во својот патопис. За Кратово во 17 век пишувал и патописецот Хаџи Калфа. Богатството од кратовските рудници е забележано и во поема на поетот Заифи од 16 век. Во средината на 16 век низ Кратово поминал и патописецот Катарин Зено од Венеција. Сите патописи сведочат за богатството на Кратово, развиените занаети, цврстите градби, трговијата, големината и значењето на градот.
Постојат записи за кнезот Никола и неговиот син, кратовскиот митрополит Михаил, кои живееле во 17 век. За Михаил постојат многу историски податоци, двапати бил во Русија, посетил повеќе европски земји, бил на аџилак во Ерусалим, а животот го завршил на Света Гора. Кратово бил значаен културен и книжевен центар, а Кратовската книжевна школа оставила голема трага во македонската историја. Во 16 век во Кратово живеел и работел поп Јоан Кратовски. Значајна личност од Кратовската книжевна школа од 15 век е и Димитар Кратовски. Во овој книжевен центар низ вековите работеле и многу други книжевници од Кратово, кои успеале да преведат и да напишат голем број книги.

Војните што се воделе на овие простори и пропагандите повлијаеле на историските записи за Кратово. Многу големи војски поминувале, останувале, војувале и си заминувале од Кратово. Зачувани се податоци за големи улични борби за време на Австро-турската војна и Карпошовото востание. Во народните сеќавања уште се живи легендите и преданијата за славното минато, спомените за кратовските кнезови и војводи, но и пророштвата на старците од Кратово. Голем дел од старите текстови од 19 и почетокот на 20 век се преобјавени во нивната оригинална фототипна форма во книгата „Зборник за Кратово“.
Во Кратово можат да се видат стари средновековни кули, кои претставуваат вистински архитектонски споменици. Во минатото постоеле многу такви кули, повеќето од кои одамна биле разрушени. Денес можат да се видат Саат-кулата, Кулата на Стеван Симиќ, Златковата кула, Хаџикостовата кула, Кулата на Емин-бег и Крстевата кула. Првите три се реставрирани и во нив се поставени постојани изложби.
Во 1940 година Стеван Симиќ запишал дека и тогаш биле зачувани шест кули, освен нив ги опишува и остатоците од кулите на Радин мост, Досева кула, Спаскова кула, Мангова кула, Јузбашиска кула, Мусева изба и остатоците од „кулата на кралицата“, за која забележал дека постоела до 1914 година и била позната и како Шута кула.
Според историските податоци, поголемиот дел од кулите биле уништени за време на Карпошовото востание. Освен неколку помали кули од „време турско“, најчесто се тврди дека повеќето од кулите биле изградени за време на Константин Дејанов во 14 век, но постојат претпоставки, според кои, и тогаш биле градени врз темели на уште постари градби.
Порано во Кратово имало многу мостови, повеќето биле разрушени за време на Австро-турската војна и Карпошовото востание. Со подемот на занаетчиството во 19 век, почнале да се градат нови и да се обновуваат старите мостови. Денес во Кратово се зачувани шест стари моста, кои претставуваат споменици на културата – Грофчански мост, Чаршиски или Царски мост, Јоркширски, нарекуван и Свински и Змиски мост, Горноамамски мост, Аргулички мост и Радин мост. За секој од мостовите можат да се слушнат приказни, преданија и легенди од домашното население и од локалните туристички водичи.
продолжува
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)

































