Фото: „Нова Македонија“

Предупредувачки извештај на ММФ за земјите од Европската Унија

Европската Унија мора да го преиспита својот социјален модел поради растот на јавниот долг, кој се заканува да стане „експлозивен“ доколку не се спроведат реформи во бизнисот и трудовиот сектор, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во најновиот извештај, ММФ проценува дека просечниот долг во Европската Унија би можел да се удвои и да достигне околу 130 проценти од БДП до 2040 година, доколку нема значителни корекции во трошењето и наплатата на јавните приходи.
ММФ предупредува дека одредени членки – како што се Италија, Франција и Шпанија – веќе имаат долг над 100 проценти од БДП, поради што се под надзор на Европската комисија преку постапката за прекумерен дефицит.
Традиционалните мерки за консолидација, како што се привремените намалувања или зголемувањето на даноците, повеќе не се доволни во државите со хронично високи дефицити, се вели во извештајот.
ММФ проценува дека поголемиот фискален притисок е резултат на две паралелни обврски на европските држави. Потребата од инвестиции во одбраната и енергетската транзиција се зголемува, додека во исто време растат трошоците поврзани со стареењето на населението, како што се расходите за здравство и пензии, објавува бриселскиот портал „Еурактив“.
Според претходна анализа на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, Европската Унија би морала да ги зголеми јавните и приватните инвестиции за околу четири-пет отсто од БДП годишно, за да избегне заостанување зад САД и Кина.
Фондот им предлага на европските земји да го опуштат јавниот сектор преку поттикнување на растот и ефикасноста, зајакнување на единствениот пазар на капитал и енергија, поедноставување на регулаторните процедури за економијата и поголема употреба на заедничкото европско задолжување за клучни инфраструктурни проекти. ММФ проценува дека овие реформи донекаде би ја ублажиле потребата од остри намалувања на буџетот, но дека веројатно нема да бидат доволни.
Затоа, фондот додава дека ќе биде неопходна „поширока ревизија на социјалниот договор“ во Европа, што во пракса би можело да значи одвојување на основните и премиум-услугите во областите на пензиите, здравството и образованието, при што само основното ниво би било целосно финансирано од државата.
Ваквите реформи носат политички и социјални ризици, а фондот препорачува европските политичари постепено да ги воведуваат и јавно да им ги објаснуваат на граѓаните со цел да се зачува довербата во општеството и легитимноста на промените. Е.Р.