Фото: Пиксабеј

Негативните ефекти на модерниот живот

Малите фрагменти од пластика, познати како микропластика и нанопластика, во последните години станаа предмет на сериозна загриженост на научниците бидејќи сè почесто наоѓаат пат до човечкиот организам – најмногу преку храната и пијалаците. Иако сè уште не е сосема јасно колку овие честички се штетни, сè повеќе докази укажуваат дека влијаат на цревната микрофлора, имунолошкиот систем и отпорноста на телото на антибиотици.

Доволно е обичната вода да се зоврие

Истражување спроведено во Кина во 2024 година открива дека постои неверојатно едноставен начин за значително намалување на внесувањето микропластика преку водата од чешма – доволно е обичната вода да се зоврие, а потоа да се процеди низ едноставен филтер. Научниците од Медицинскиот универзитет во Гуангџоу и Универзитетот во Јинан го тестирале овој метод и на мека вода (сиромашна со минерали) и на тврда вода (богата со калциум карбонат). Во двата случаја тие додавале микро и нанопластика, а потоа набљудувале како се однесуваат честичките за време на вриење.
Резултатите покажаа дека во одделни примероци дури до 90 отсто микропластика се отстранува благодарение на овој процес. Клучот лежи во создавањето каменец, односно наслаги на калциум карбонат што настануваат за време на загревање на тврдата вода. Тој слој го обликува површината на пластичните фрагменти и ги врзува во цврста кора, која подоцна лесно се отстранува преку обична мрежа – како онаа што се користи за цедење чај.
Во меката вода ефикасноста е помала, но и тогаш се отстранува околу една четвртина од присутната микропластика.
– Овој едноставен метод на зовривање може да ја деконтаминира водата за пиење и значително да го намали внесувањето нанопластика во човечкиот организам – истакнува главниот автор на студијата, биомедицинскиот инженер Зимин Ју.

Најефикасен, најевтин и најдостапен метод за заштита

Досега различни истражувања покажаа дека во водата за пиење можеме да најдеме фрагменти на полистирен, полиетилен, полипропилен и ПЕТ-пластика, материјали што се користат во амбалажата и секојдневните производи. Она што е особено загрижувачко е тоа што овие честички не се отстрануваат целосно дури ни за време на централизирани процеси на преработка на вода, поради што директно доаѓаат во чашите на потрошувачите.
Кинеските научници сега предлагаат практиката на вриење на водата, која во некои делови од светот сè уште е дел од традицијата, да се прошири глобално. Според нивните податоци, токму превривањето на водата може да биде една од најефикасните, најевтини и најдостапни методи за заштита од секојдневното внесување микропластика.
Иако се потребни повеќе истражувања за да се разберат долгорочните последици на микропластиката врз здравјето, резултатите на ова истражување даваат надеж дека едноставните навики можат да ги ублажат негативните ефекти на современиот живот. Истражувањето претставува основа за натамошни испитувања на поголем број примероци и во различни услови.