КОШАРКА – НБА

Кајл Лоури и официјално влезе во „клубот 20“

Кајл Лоури (39), бекот на Филаделфија, настапи во победата на дуелот со Бруклин со 129-105 и влезе во т.н. „клуб 20“, откако стана 12-от кошаркар што играл во барем 20 сезони во НБА-лигата. Винс Картер и Леброн Џејмс го делат рекордот во НБА со по 22 сезони. Џејмс уште не заиграл за Лос Анџелес лејкерс сезонава поради повреда.
Крис Пол од Лос Анџелес клиперс е во својата 21. сезона во НБА-лигата, изедначувајќи се со Роберт Париш, Кевин Вилис, Кевин Гарнет и со Дирк Новицки на третото место на оваа листа. Лоури, пак, им се придружува на Карим Абдул-Џабар, Коби Брајант, Џамал Крофорд и на Удонис Хаслем, како кошаркари што настапиле во по 20 сезони.
Лоури, кој беше дел од тимот на Торонто, кој ја освои шампионската титула во НБА-лигата во 2019 година, сезонава работи и како аналитичар за „Прајм видео“. Лоури претходно настапуваше и за Хјустон, Мемфис и за Мајами, пишува НБА. Г.И.


КАРАТЕ

Македонија ќе има 74 учесници на младинското Балканско првенство

Македонската младинска карате-репрезентација е подготвена за следниот предизвик, Балканското првенство за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) во борби и во кати (поединечно и екипно), кое ќе се одржи од утре до недела во хрватскиот град Риека. Боите на Македонија ќе ги бранат 74 каратисти, во конкуренција на 1.230 учесници од 13 држави. Македонските натпреварувачи ќе имаат нова можност да ги прикажат својата посветеност, техника и спортски дух на татамите, пред љубителите на овој спорт.
– На целата македонска делегација ѝ посакуваме голем успех, квалитетно претставување и многу освоени медали, кои ќе ги одразат нејзината упорност и труд. Веруваме дека македонските спортисти ќе нѐ направат сите горди и ќе ја унапредат репутацијата на Македонија во меѓународните карате-натпреварувања – велат од Kарате-федерацијата на Mакедонија (КФМ). Г.И.


Кимих стана 52-от фудбалер со 100 меча во Лигата на шампионите

Јозуа Кимих од Баерн стана 52. играч што има 100 настапи во Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Кимих влезе на оваа листа на натпреварот на гости со Пари сен Жермен завчера.
Најмногу натпревари во Лигата на шампионите досега одигра Кристијано Роналдо, вкупно 183 (59 за Манчестер јунајтед, 101 за Реал Мадрид и 23 за Јувентус), а потоа на оваа листа се Икер Касиљас со 177 меча (150 за Реал Мадрид и 27 за Порто), по 163 имаат Лионел Меси (149 за Барселона и 14 за Пари сен Жермен) и Томас Милер (сите за Баерн)…, пишува Европската фудбалска унија.
Лига на шампионите, четврто коло: Славија Прага – Арсенал 0-3, Наполи – Ајнтрахт 0-0, Атлетико Мадрид – Унион СЖ 3-1, Бодо/Глимт – Монако 0-1, Јувентус – Спортинг 1-1, Ливерпул -Реал Мадрид 1-0, Олимпијакос – ПСВ Ајндховен 1-1, Пари сен Жермен – Баерн 1-2, Тотенхем – Копенхаген 4-0. Синоќа играа Пафос – Вилјареал, Карабах – Челси, Ајакс – Галатасарај, Клуб Бриж – Барселона, Интер – Каират, Манчестер сити – Борусија Дортмунд, Њукасл – Атлетик Билбао, Марсеј – Аталанта и Бенфика – Баер. Н.М.