Фото: ЕПА
  • Актуелниот рекорд поставен во Диселдорф (Германија) во 2024 година, со над 53.586 гледачи, во 2028 година би можел да биде значително надминат, оти „Сантијаго Бернабеу“ има капацитет за над 80.000 гледачи

Подготовките за Европското првенство (ЕП) за ракометари во 2028 година добиваат на интензитет низ Шпанија, Португалија и Швајцарија, а една идеја се издвојува како потенцијална пресвртница за спортот. Станува збор за организирање ракометен натпревар на легендарниот фудбалски стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. За време на неодамнешните посети на локациите во Шпанија и во Португалија, претставници од Европската ракометна федерација (ЕХФ) посетија неколку потенцијални места, вклучувајќи го и реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, пишува ракометниот портал „Хандбал планет“.
Со својот подвижен покрив, модерна инфраструктура и флексибилен дизајн, стадионот „Сантијаго Бернабеу“ еволуира во вистинска повеќенаменска арена способна да биде домаќин на големи меѓународни настани.

Доколку биде избран, стадионот во Мадрид би можел да обезбеди невидена сцена за отворањето на натпреварот на континенталното првенство во 2028 година, внесувајќи го ракометот во нова ера на видливост и глобална привлечност.
Домаќинството на натпревар на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ не само што би ја симболизирало амбицијата на спортот туку би можело да го собори и постојниот рекорд за посетеност на ракометен натпревар. Актуелниот рекорд е поставен во Диселдорф (Германија) на Европското првенство во 2024 година, со над 53.586 гледачи, а во 2028 година тој рекорд би можел да биде значително надминат, оти стадионот „Сантијаго Бернабеу“ има капацитет за над 80.000 гледачи.
Заедничката организација меѓу Шпанија, Португалија и Швајцарија за Европското првенство во 2028 година веќе ветува иновација и обем. Потенцијалното вклучување на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ би му додало единствена димензија од светска класа на настанот, поврзувајќи го ракометот со емоциите и големината традиционално резервирана за најголемите настани во фудбалот, пишува „Хандбал планет“. Г.И.