Фото:Маја Јаневска- Илиева

Конзорциумот „Бехтел и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар), (Гостивар-Букојчани)  и (Прилеп-Битола) во септември годинава продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопати, дизајн на експропријација, привремени работи за управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постоечки објекти и други елементи на патот и градежни активности главно за земјени работи, дренажа и конструкции.

Извештајот од надзорот за прогрес на работите во септември, што Јавното претпријатие за државни патишта го објави денеска на својата веб-страница, покажува дека за предвидените активности на терен биле ангажирани 2.277 лица и 1.244 градежни машини.

Продолжиле работите за поставување столбови,темели, греди на мостови, надвозници и подвозници на  делницата Тетово – Гостивар (18 километри), Гостивар – Букојчани (30 километри) и Прилеп – Битола (40 километри). Во тек се работи на шест мостови, седум надвозници и три подвозници.

До крајот на септември извршени се  ископувања на  4,1 милион метри кубни земја и еден милиони метри кубни материјал за пополнување.

Во септември немало исплати кон изведувачот, кому во август му беа префрлени 1,2 милијарди денари.

Претходно имаше две исплати во април од 600 милиони денари и од 524 милиони денари и по една во мај од 681 милиони денари во јуни од 830 милиони денари и во јули 1,2 милијарди денари.

Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милиони евра.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од 1,3 милијарди евра, а работи на терен се спроведуваат од 22 април 2023 година.