Ова е заедничка победа, ова е победа на вербата, надежта, копнежот за иднина. Ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се бориме, неговите надежи и нашата заедничка татковина, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски. Победата на нивниот кандидат во Кичево, рече, е доказ дека Македонија е дом за сите и оти победува соживотот и вербата во вредности. Ова, нагласи, е голем и важен пример колку може да постигнеме кога сме обединети.
-Вечерва Македонија повторно покажа зрелост. Победивме во Скопје, убедлива победа на Орце, победивме во скопски Карпош, во Аеродром, Чучер Сандево – рече Мицкоски.
Додаде дека победил и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница.
-Беше жилава и тешка борба, со многу предизвици се одлучуваше во пет до 12. Знаете, не заслужува ни името да му го споменам. Тој противкандидат се обиде да профитира на националните и етничките поделби, но не успеа, поразен е – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот круг од Локалните избори победиле кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Валандово, Дојран и Крушево кои досега беа водени од градоначалници од СДСМ. Победивме, рече и во Кочани, нашето Кочани кое мора да го издигнеме и поткрепиме.
-Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, во Чешиново-Облешово, Виница, Дебарца, Конче Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се пребројуваат гласовите – рече тој.
Според него особено важна е победата на нивниот кандидат во Кичево.
-Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но, и покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери, различни припадности, против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека може да се обединиме Македонци , Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи Бошњаци, останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите во онаа политика која им е потребна на граѓаните – рече Мицкоски.
На ова додаде, треба да работиме.
-Победи соживотот и вербата во вредности. Ова е голем и важен пример колку може да постигнеме кога сме обединети. Победи идејата дека Македонија е дом за сите – рече Мицкоски.


































