ОДБОЈКА
- Ова беше втора сезона на единствената Лига на ветераните во Македонија, во која учествуваа седум екипи
Ветераните на одбојкарскиот клуб Борец Велес, втора година во низа се шампиони во Македонската лига на ветераните, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Тие ја одбранија титулата на завршниот турнир одржан во Тетово. Ова беше втора сезона на единствената Лига на ветераните во Македонија, а во финалето велешани победија со 2-0 во сетови (25-17, 28-26), на дуелот со Шкендија. Бронзениот медал им припадна на ветераните на Тетово, кои со 2-0 (25-13, 25-19) победија на средбата со Скопје.
По финалето, Одбојкарската федерација на Македонија им додели пехари и медали на најдобрите три екипи, претседателот Петар Јовановски на шампионот, генералниот секретар Филип Деспотовски на финалистите, а претседателот на ОК Ветерани Струмица, Јани Караманолев, им додели медали на третопласираните. Државното првенство за ветерани, со седум екипи, се играше во период од шест месеци. Во регуларниот дел од лига-системот се одиграа шест кола, секој со секого, каде што екипата на Тетово имаше резултат од шест победи од исто толку натпревари. Потоа четирите најдобри екипи играа во полуфиналето на плејофот, каде што во градското дерби Тетово загуби со 1-2 од Шкендија, а Борец Велес беше подобар од Скопје со 2-0, информираат од ОФМ.
Табела: Борец Велес, Шкендија, Тетово, Скопје, 11 Октомври Прилеп, Струмица, Гевгелија. Г.И.


































