Не сме подготвени за алтернативи
Истражувањето на компанијата „Кар вертикал“ покажа дека барем половина од купувачите моментално не размислуваат за купување електричен автомобил, односно и понатаму им даваат предност на автомобили со мотори со внатрешно согорување. Анкетата беше спроведена од април до јули со околу 16.000 испитаници во 35 земји. Вклучениот примерок, како што се наведува во соопштението, претставува лица што активно се заинтересирани за користени автомобили, а најголем број испитаници биле од Полска, Франција и од Романија. На прашањето за саканиот тип гориво, 43,8 отсто одговориле бензин, 38,9 отсто дизел, 10,4 отсто хибридни возила и 5,6 отсто електрични возила.
– Ова само докажува дека купувачите претпочитаат автомобили со мотори со внатрешно согорување и не се подготвени за алтернативи – наведуваат од компанијата.
Преферираниот вид гориво е директно поврзан со плановите за купување електрично возило. Повеќе од половина од испитаниците, 51,5 отсто, во анкетата изјавиле дека засега не би купиле електрично возило, а само 12,2 отсто би размислиле за купување. Од друга страна, 36,3 отсто одговориле дека би можеле да го купат во иднина.
– Високите цени на електричните возила, недостигот од инфраструктура за полнење и разни митови за електрични возила се некои од причините зошто луѓето не се воодушевени од нив. Сè повеќе е јасно дека напуштањето на автомобилите со мотори со внатрешно согорување ќе биде предизвик – изјави Матас Бузелис од компанијата.
ЕУ донесе законска забрана за продажба на нови бензински и дизел-автомобили почнувајќи од 2035 година, барајќи сите нови возила што се продаваат да имаат нулта емисија за да се постигне целта за климатска неутралност до 2050 година. Тие што се за електрични возила и веројатно би ги купиле, имаат различни причини за предноста на таквите автомобили. Повеќето испитаници (47,2 отсто) сметаат дека е поевтино да се користи и да се одржува електрично возило. Бидејќи електричните возила имаат помалку делови, трошоците за одржување обично се пониски во споредба со бензинските или дизелските возила. Цените на горивата исто така ги поттикнуваат возачите да преминат на струја како поевтина алтернатива. Исто така, 17,6 отсто од испитаниците би избрале електрично возило поради пониски даноци, а 14,1 отсто поради државни субвенции. Само 14 отсто од корисниците велат дека би избрале електрично возило поради еколошки причини.
Меѓутоа, неколку земји од ЕУ веќе ги намалија или ги укинаа субвенциите за електрични возила. Шведска заврши со субвенциите за купување во 2022 година, а Германија на крајот на 2023 година, што доведе до значително намалување на продажбата на електрични возила.



































