Фото: приватна архива

Важноста на овошјето и на зеленчукот за правилно и здраво растење (2)

Со цел да им помогнеме на родителите, децата, воспитувачите и на наставниците, во три продолженија во „Колибри“ ќе презентираме совети од нутриционистката Елена Рајкоска. Таа е сертифицирана за нутритивна терапија кај невродивергентни состојби и селективен апетит. Во денешното второ продолжение, од нашата соговорничка побаравме информации за последиците во развојот на децата од недоволно консумирање овошје и зеленчук и за болестите што се појавуваат како резултат на тоа.
– Кога во исхраната на детето недостигаат свежо овошје и зеленчук, не страда само апетитот, страда целиот систем што ги регулира енергијата, вниманието и расположението. Тоа не се гледа секогаш како болест, но се гледа секојдневно: деца со помалку енергија, побрз замор, слаба концентрација, раздразливост и непостојан интерес за храна – објаснува нутриционистката Елена Рајкоска.
Таа како основна причина за овие појави го наведува недостигот од растителни влакна во исхраната, кои се темел на здравата цревна микрофлора.
– Кога во цревата редовно пристигнуваат влакна од овошје, зеленчук и цели зрна, бактериите ги ферментираат и создаваат краткосинџирни масни киселини – бутерат, пропионат и ацетат. Овие соединенија се биолошки мост меѓу цревото и мозокот. Тие го хранат ѕидот на цревото, ја смируваат воспалителната реакција, помагаат во апсорпцијата на нутриенти и испраќаат сигнали кон мозокот за ситост, стабилност и енергија. Кога детето не внесува доволно растителна храна, овие процеси се нарушуваат – посочува таа.
Според Рајкоска, тогаш микробиомот станува сиромашен, а сигналите што доаѓаат од цревото до мозокот – нерамномерни.
– Тоа резултира со нестабилна енергија во текот на денот, потреба за брзи извори на шеќер, осцилации во расположението и слаб фокус. Во суштина, храната престанува да има терапевтска функција – наместо да го поддржува развојот, телото само се обидува да се стабилизира со ограничени ресурси.
Според Елена Рајкоска, житарките можат да помогнат, но не се доволни ако не се внесуваат свежи растителни влакна.
Влакната од овошјето и зеленчукот содржат уникатни биофлавоноиди и полифеноли, кои не само што го хранат микробиомот туку и директно влијаат врз продукцијата на невротрансмитери – подвлекува нутриционистката Рајкоска.

Ф.Д.