Фото: ЕПА

Илон Маск вели дека треба да го зголеми својот удел во „Тесла“ во толкава мера што ќе може да стане првиот трилионер во светот. Но неделава тој нагласи дека неговата цел не е да го зголеми своето веќе светски рекордно богатство (моментално изнесува 487,5 милијарди долари – н.з.), туку дека најголемиот пакет за исплата во историјата е неопходен за тој да ја заштити својата компанија.
– Не станува збор дека ќе ги трошам парите. Треба да има доволна контрола на гласањето за да ми даде силно влијание, но не толку големо за да спречи мое отпуштање ако полудам – посочи Маск во телефонски разговор со инвеститорите во средата.
Маск рече дека треба да ја заштити „Тесла“ од две влијателни истражувачки фирми што ги советуваат акционерите како да гласаат – ИСС и „Глас Луис“, кои ги опиша како „корпоративни терористи“.
– Едноставно не се чувствувам удобно да градам роботска армија тука, а потоа да бидам избркан поради некои глупави препораки од ИСС и „Глас Луис“, кои немаат никаков поим. Тие дадоа многу ужасни препораки во минатото. Доколку тие препораки беа следени, тоа ќе беше исклучително деструктивно за иднината на компанијата – наведува Маск.
Тој тврдеше дека пасивните индексни фондови што контролираат голем дел од акциите на „Тесла“ слепо ги следат препораките на ИСС и „Глас Луис“. Но, гласовите на акционерите отсекогаш ги следеле препораките на одборот на „Тесла“. Иако акционерите гласале против препораките на одборите на други компании, тие се доста ретки.
На пример, „Глас Луис“ и ИСС препорачаа гласање против претходниот голем пакет за исплата за Маск. Но, акционерите го одобрија тој пакет во 2018 година со 73 отсто од акциите во сопственост на инвеститори, освен Маск и неговиот брат. Откако судија од Делавер го отфрли тој пакет за исплата, пресудувајќи дека не е во интерес на акционерите, „Тесла“ одржа уште едно гласање и тогаш пакетот беше одобрен од сопствениците на 84 отсто од акциите. Двете фирми наводно препорачаа и гласање против најновиот пакет за исплата на Маск.
Маск сега поседува 413 милиони акции на „Тесла“ и имаше опции да купи дополнителни 304 милиони акции по мал дел од тековните цени, но тие опции беа двапати поништени од судијата од Делавер. Врховниот суд во Делавер ги сослуша аргументите во тој случај претходно месецов.
Вкупно 413-те милиони акции што ги поседува и 96-те милиони условни дополнителни акции што „Тесла“ се согласи да му ги даде, би му дале на Маск околу 16 отсто од акциите во оптек на компанијата. Маск постојано повторуваше дека сака да поседува околу 10 отсто повеќе од компанијата.
Пакетот за исплата што сега е на гласање би можел да му даде опции на Маск да купи 423,7 милиони дополнителни акции на „Тесла“. Но, Маск би ги добил тие акции само ако вредноста на акциите на „Тесла“ значително се зголеми во наредните години. Опциите би вределе близу еден трилион долари доколку компанијата ги достигне зголемените цели за вреднување утврдени во пакетот.
Одборот на „Тесла“ изјави дека пакетот е потребен за да го задржи Маск фокусиран на „Тесла“ со оглед на сите негови други удели и интереси. Тој е исто така извршен директор на „Спејс екс“ и главен сопственик на компанијата за вештачка интелигенција, „Екс еј-ај“, која е сопственик на платформата за социјални медиуми Икс што Маск ја купи кога беше Твитер, како и на неколку други компании.