Куќа на знаењето
Драги читатели, од денеска на страниците на „Колибри“, меѓу големиот број други содржини, ќе се дружите со новата рубрика „Куќа на знаењето“. Сте биле ли некогаш во музеј? Ако сте биле, сигурно сте научиле многу интересни нешта. Имајќи предвид дека во Македонија има многу убави и интересни такви установи, ја креиравме оваа рубрика за во секој број на „Колибри“ да ве „однесеме“ во некој македонски музеј.
Денес ве водиме во Градскиот музеј во Крива Паланка. Иако е формиран во 2006 година, тој се наоѓа во еден од најстарите и најубави објекти во градот, кој датира уште од 1926 година. Музејот се наоѓа во центарот на Крива Паланка и располага со голем простор, во кој се сместени изложбените сали, депоата, канцелариите и помошните простории.
Музејот содржи неколку поставки што сведочат за богатото културно наследство на кривопаланечкиот крај. За селскиот и градскиот живот од 19 и 20 век може многу да се научи од носиите, предметите во домаќинството и другите експонати во етнолошката поставка. Археолошката поставка преку артефакти ги претставува археолошките локалитети во Кривопаланечко од праисторијата до средниот век. Постои и историска поставка, која е во реконструкција.
Во рамките на музејот функционираат и Градската уметника галерија, библиотеката и сувенирницата, од каде што можете да купите сувенири изработени од локални занаетчии и да ги понесете како драг спомен од посетата на музејот. Покрај изложбените простории, во музејската зграда се наоѓаат и соодветно опремени депоа за чување на музејските предмети. Музејот располага со околу 3.000 музејски експонати, најчесто набавени како подарок од населението од Кривопаланечко, откуп и археолошки истражувања на горенаведените археолошки локалитети.Музејот има и своја издавачка дејност.
Следниот пат кога ќе одите во Крива Паланка или кога патот ќе ве води кон тој крај на нашата прекрасна Македонија, не заборавајте да го посетите Градскиот музеј.
Подготвил: Ф.Д.