„Светлосни приказни“ е мултимедијален проект што ја истражува врската меѓу уметноста, технологијата и светлината преку современи дигитални и ВИ-алатки.
Преку процес на креативна соработка, проектот развива визуелен јазик што ја поврзува традиционалната уметничка постапка со новите медиуми и светлосните интервенции. Носител на проектот е Софија Грабулоска, заедно со Дарко Талески и Христијан Томан.
Просторот на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга в недела во 20 часот се претвора во живо платно, каде што архитектурата, светлината и движењето комуницираат како едно дело.
Со помош на видеомапирање и дигитални анимации, ѕидовите на просторот се трансформираат во активен учесник на уметничкиот чин – место каде што светлината не само што осветлува туку и создава.
Проектот започнува како тридневна уметничка работилница со ученици од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, под менторство на уметницата Софија Грабулоска и професорката по ликовна уметност во средното училиште Катерина Слатиноска.
Преку процес на цртање, снимање, дигитализација, ВИ-анимација и светлосна проекција, младите учесници имаа можност да го искусат патот на едно дело – од линија на хартија до светлосна форма во просторот.
Покрај делата на учениците, уметниците Грабулоска, Талески и Томан создаваат сопствени светлосни и дигитални композиции, кои заедно со ученичките работи се спојуваат во едно единствено дело.
Оваа колективна композиција не постои како низа одделни дела, туку како единствен уметнички организам што живее, дише и комуницира во просторот.
Секоја проекција, секој фрагмент од светлина е дел од поголема целина – визуелна симфонија во која линијата, бојата, архитектурата и ВИ-технологијата пулсираат во заеднички ритам.
Во оваа изложба цртежот, сликата станува светлина, а светлината – приказна.
„Светлосни приказни“ ја отвора можноста да се почувствува нова форма на културна комуникација, каде што човечката имагинација и технолошката иновација не се во спротивност, туку дишат заедно – создавајќи мост меѓу генерации, медиуми и сетила.