„Везилка“ може да ја навезе новата македонска економска моќ

  • Со европско финансирање и национална визија, Македонија добива сопствена антена во мрежата на европските фабрики за вештачка интелигенција. Ова не е само научен проект. Тоа може да биде економски пресврт кон нова индустрија на знаење и извоз на умови, а не на луѓе… Зад сето тоа стои еден едноставен факт: Креативните решенија, знаењето, имагинацијата, визијата, идеите и можностите ќе станат конкурентен производ

Македонија со години живее во маѓепсан економски круг што не носи развој, туку одржување, па дури и назадување. Македонецот со децении чека подобро утре, полн фрижидер, платени сметки и соодветна награда за сработениот труд. Наместо тоа, добива градби без визија, трговија без производ, буџет без иновација. Сега, за првпат по многу време, нешто што не мириса на бетон, тендер и корупција може да стане темел на идниот раст. Проектот „Везилка“, кој ќе го води ФИНКИ со поддршка од Министерството за дигитална трансформација и Владата, вреден околу шест милиони евра, е повеќе од нова зграда со сервери. Ако се гледа визионерски, „Везилка“ може да биде првиот обид да се создаде нова економска гранка во Македонија: индустријата на вештачката интелигенција.
„Везилка“ ќе биде национална антена поврзана со европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција. Претставува директен канал преку кој домашните универзитети, стартапи и компании ќе имаат пристап до суперкомпјутерите и дигиталните ресурси на Европската Унија. Но, суштината не е во машините и серверите. Суштината е во тоа што тие машини ќе овозможат да се појави цела нова класа на инвентивни работни места: инженери, аналитичари, програмери, истражувачи и претприемачи што ќе создаваат домашни производи и услуги со висока додадена вредност.
Во една мала земја каде што за еден владин мандат се губат милијарди евра во административна неефикасност, корупција, пропаднати и нереализирани проекти, мистериозни буџетски дефицити и ребаланси, вештачката интелигенција може да биде лек против хроничната летаргија и економскиот лет во место. Со дигитализација на јавниот сектор и со алатки што ќе ги заменат рачните бирократски процеси, државата ќе може да заштеди десетици, ако не и стотици милиони евра годишно. Со автоматизација на администрацијата, процедурите, индустријата и технички анализи во реално време, приватниот сектор ќе стане поконкурентен, поагилен и конечно ќе може да се помрдне од мртва точка. А со подобро користење на податоците, ќе се донесуваат побрзи, рационални и храбри економски одлуки, без да се чекаат години за статистика што веќе нема тежина.

Зад сето тоа стои еден едноставен факт. Креативните решенија, знаењето, имагинацијата, визијата, идеите и можностите ќе станат конкурентен производ.
Македонските програмери уште сега се меѓу најценетите на пазарите во Европа и Америка. Но, нивниот труд најчесто е индивидуален извоз на интелигенција и се платени како „Балканци“. Обично работат за туѓа фирма, во туѓ систем, без траен ефект за домашната економија. „Везилка“ може да ја промени токму таа реалност. Наместо млади луѓе или искусни сениор програмери да работат на странски проекти, тие ќе можат да создаваат домашни стартапи со поддршка од државата и Европската Унија, со инфраструктура што ќе им овозможи да ги тестираат, развиваат и реализираат своите идеи.
Во земјоделството, тоа можат да бидат модели што ќе предвидуваат болести кај животните или посевите, зголемување на приносите и намалување на трошоците, ефективно користење на ресурсите како плодната почва и водата. Во енергетиката, може да се креираат системи што ќе го предвидуваат пазарот и ќе ја намалат загубата на енергија, точно мапирање на енергетските потенцијали и нивно максимално искористување без да има големи последици по природата. Во здравството, создавање домашни апликации што ќе ги поврзат лекарите и пациентите преку анализа на податоци, електронски рецепти и целосна увид на потрошувачката на лекови, модели што ќе ја унапредат примарната, секундарната и терцијарната медицина, технологии што ќе управуваат со целиот здравствен систем на местото на ужасната бирократија, која сега го упропастува здравството. Во културата, нешто за кое сме особено горди, очајно се потребни дигитална заштита на архивите и создавање македонски јазични модели што ќе го направат нашиот јазик присутен во глобалниот дигитален простор.
Ако се направи со план, „Везилка“ може да го отвори патот кон нова извозна економија. Наместо да извезуваме работна сила, ќе извезуваме интелектуални услуги. Македонија може да стане регионален центар за развој на алгоритми и апликации што ќе се користат во соседните земји, на Балканот, па и пошироко.

Тоа е економија што не се мери со бројот на фабрики, туку со бројот на паметни луѓе што остануваат тука.
Во Европа веќе се создава пазар за „одговорна вештачка интелигенција“. Тоа се технологии што се развиваат со почит кон приватноста, етиката и човековите права. Македонија, преку „Везилка“, може да влезе на тој пазар како земја што нуди доверливи и проверени решенија, кои може да бидат привлечни за европските институции и компании. Тоа е можност за создавање бренд „MacedonAI“ што нема да е шега или патриотски слоган, туку реална економска понуда.
Секако, за тоа треба стратегија и истрајност. Без јасна државна политика, „Везилка“ ќе остане лабораторија што ќе заврши со проектниот рок, ќе се потрошат парите, а државата уште еднаш ќе докаже дека е неспособна, некадарна и без визија. Но, ако државата го искористи овој момент, може да создаде сопствен пазар на дигитални услуги, со регулатива, поттик за стартапи и обуки за млади кадри. Можеби тоа е единствениот начин Македонија да ја скрши спиралата на ниска продуктивност и слаби плати.
И додека многумина го гледаат проектот како техничка вест, суштината е економска. Во оваа антена треба да се гледа шанса да се промени структурата на македонската економија. Од земја што увезува готови технологии, да станеме земја што произведува дигитални решенија. Од држава што живее од потрошувачка, да станеме држава што живее од знаење.
„Везилка“ е еден од најмалите, но можеби и најзначајниот економски потег од осамостојувањето на Македонија. Треба да си навистина економски и технолошки неписмен, да не го сфатиш значењето на овој момент. Таа не ветува чуда, туку создава услови тие да бидат можни. Ако се издржи во континуитет, оваа антена може да стане мотор на новата македонска економија. Конечно ќе имаме економија во која вредноста не се копа од земјата или од прометот на супермаркетите, туку се генерира од умот.
И можеби во тоа е најголемата поука. Малата земја не мора да биде сиромашна ако научи да го цени своето знаење. А токму „Везилка“ може да биде моментот кога Македонија ќе престане да го мери развојот во квадратни метри, и конечно ќе почне да го мери во идеи.

Автор: Кирил Колемишевски