Хрватска влегува во Македонската берза
- Хрватската финансиска агенција (ФИНА) на почетокот од минатиот месец доби одобрување од Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги (ХАНФА) за стекнување директен квалификуван удел во Загрепската берза. Деновиве, пак, ФИНА доби согласност од македонската Комисија за хартии од вредност (КХВ) за стекнување удел во Македонската берза
Одлука со која на Хрватската финансиска агенција (ФИНА) ѝ се дава согласност за стекнување квалификуван удел во Македонска берза АД Скопје беше донесена од страна на македонската Комисија за хартии од вредност (КХВ) во четвртокот, односно за стекнување акции (индиректно преку Загрепската берза) чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30 проценти од вкупните издадени акции со право на глас на Македонската берза.
За потсетување, Хрватската финансиска агенција (ФИНА) претходно (на почетокот на септември) доби зелено светло од Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги (ХАНФА) за стекнување директен квалификуван удел во Загрепската берза. Таа може да стекне 50 отсто плус една акција од Загрепската берза доколку понудата за преземање биде успешна, а со тоа индиректно и да добие удел од 14,99 проценти во Македонската берза. Индиректниот удел во Македонската берза ќе изнесува до 29,98 проценти во случај ФИНА да достигне максимален удел од 100 отсто во Загрепската берза.
Остануваат предизвици и покрај стабилното и профитабилно работење на ФИНА
Контролата на трошоците за вработените, усогласувањето со регулативите на ЕУ (ДОРА, еИДАС), дигиталната трансформација и диверзификацијата на приходите за намалување на зависноста од јавните услуги остануваат главни предизвици и покрај стабилното и профитабилно работење на Хрватската финансиска агенција (ФИНА) со поголема ефикасност, како што укажуваат финансиските аналитичари, заклучувајќи оти на ФИНА не ѝ недостигаат пари за аквизицијата, туку дискутабилна е нејзината оператива.
Хрватската финансиска агенција (ФИНА), според статистичките податоци, минатата година остварила вкупни приходи од 138,9 милиони евра, од кои 134,7 милиони евра биле оперативни приходи (зголемување од 14 проценти во споредба со 2023 година). Притоа јавните услуги (36,8 милиони евра/26 отсто), услугите за финансиската индустрија (42,1/30), дигиталните решенија (19/14) и услугите за државата (29,1/21) остануваат главни извори на приходи.
Вкупните трошоци изнесувале 129,5 милиони евра, а повеќе од 60 отсто од нив се трошоци за вработените. Бизнисот донел добивка пред оданочување (ЕБИТДА) од 21,6 милион евра и нето-добивка од 7,6 милиони евра – дури 15 пати повисока отколку во 2023 година. Нето-маржата од 5,5 проценти е значително подобра отколку во претходните години, кога профитот се потпираше на финансиски приходи. Притоа забележливо е дека ФИНА покажува послаби резултати во управувањето со готовинските сервиси.
Важно е да се гледа на берзата како профитен центар, што можеби не мора да има огромни профити, но мора да има завидни приходи и можност за контрола на трошоците, и покрај тоа што фокусот е на националниот интерес за развој на пазарот на капитал, според финансиските експерти, кои ја истакнуваат потребата за Министерството за финансии да има подготвен тим да се справи со работењето на берзата.
Според нив, финансиските индикатори покажуваат дека е постигнат напредок, но оти сè уште има простор за рационализација на трошоците, затоа што предвидените плаќања за работна сила укажуваат на потреба од понатамошно реструктурирање.
Предизвик претставува квалитативниот фактор што е неопходен за постигнување на целите на интеграцијата на берзите, бидејќи се смета оти Хрватската финансиска агенција (ФИНА) не покажала значителни финансиски резултати во управувањето со своите подружници во 2024 година.
Се смета дека успехот на проектот би имал корисен ефект врз домашната економија бидејќи растот на привлечноста на пазарот на капитал би го олеснил финансирањето за компаниите. Во моментов домашната економија е значително банкарски ориентирана, па затоа компаниите имаат тешкотии да добијат пари за финансирање проекти и иновации.
Македонија – дел од заедничката иницијатива за посилен, поефикасен и поконкурентен пазар на капитал во Централна и Југоисточна Европа
Постои амбициозен проект за претворање на Загреб во сериозен финансиски центар преку интегрирање на регионалните берзи. Но тој зависи од реализација на плановите на хрватскиот министер за финансии Марко Приморац и негови колеги од седум други држави.
За таа цел во август беше потпишан Меморандум за разбирање и соработка насочен кон развој на пазарот на капитал од страна на министрите за финансии односно од високи функционери на Хрватска, Словенија, Полска, Словачка, Романија, Бугарија, Унгарија и Македонија.
Заедничката иницијатива има декларирана цел за реформи што ќе овозможат посилен, поефикасен и поконкурентен пазар на капитал во сите земји од Централна и Југоисточна Европа, а седиштето на Загрепската берза ќе биде централната точка на оваа интеграција. Е.Р.
Првичен неуспех во обидот за обединување на регионот
Загрепската берза, како сопственик на Љубљанската и Македонската берза, претрпе неуспех во својот прв обид за обединување на регионот, па затоа Хрватска преку ФИНА се определи за своевидна национализација на Загрепската берза и за впуштање во амбициозниот потфат за таканаречена „интеграција на стероиди“.
Ангел Митревски, дописник од Хрватска