Илустрација: „Нова Македонија“

Македонија ја поттикнува европската креативност за евроинтеграциите

  • Фон дер Лајен јасно ни порача дека топката е во нашиот двор, па затоа редно е ние да им помогнеме и да им понудиме креативно решение, кое како такво веќе е аплицирано во Европската Унија и извонредно функционира со години. За ова не е потребна никаква дополнителна усогласеност, не се потребни проверки, нема да има оштетена и незадоволна страна, а поставениот услов за земјава за уставни измени би бил исполнет. Креативното решение е пред носот на Брисел, а ЕК воопшто нема потреба да ги троши своите креативни капацитети.
  • Токму во таква насока беше и иницијативата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова упатена до претседателката на ЕК: „ЕУ да помогне во наоѓањето креативно решение со кое би се деблокирал македонскиот евроинтегративен процес!“

Ако некој изминатата година и пол покажува проактивност и креативност во надминувањето на блокираните македонски евроинтеграции, тоа е исклучиво македонската страна, нудејќи разни решенија (како што милуваат да кажат Европејците „out of the box – решенија“) и начини како да се постигне договор, вклучувајќи и компромис што ќе ги задоволи сите страни, додека Европската комисија остана на тврдиот став за уставни измени што поскоро.
Таквиот став неодамна го повтори и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која по посетата на земјава на социјалните мрежи напиша дека уставните измени се последната пречка и дека топката е на наша страна.
Но, она што го заборава претседателката на ЕК, тоа е дека и Европската Унија е партнер во целиот процес и треба да покаже проактивност во потрагата по решенија, решенија што ќе значат „бона фиде“ договор, можен компромис со кој сите ќе добијат, наместо да се создава амбиент на победници и губитници.

Креативно решение според иницијативата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова

Токму во таква насока беше и иницијативата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова упатена до претседателката на ЕК: „ЕУ да помогне во наоѓањето креативно решение со кое би се деблокирал македонскиот евроинтегративен процес!“
Повеќе од јасно е дека ЕУ одамна ја загуби креативноста кога станува збор за прашања што не се од нејзин витален интерес, така што веќе следниот ден претседателката на ЕК енергијата ја насочи кон прашањата поврзани со планот за одбранбениот капацитет на Европа до 2030 година.
Еве, да кажеме дека Фон дер Лајен е преокупирана со многубројните внатрешни проблеми на Унијата, јасно ни порача дека топката е во нашиот двор, па затоа редно е ние да им помогнеме и да им понудиме креативно решение што во таква форма е веќе аплицирано во Европската Унија и функционира со години.
За ова не е потребна никаква дополнителна усогласеност, не се потребни проверки, нема да има оштетена и незадоволна страна, а поставениот услов за земјава за уставни измени би бил исполнет. Креативното решение е пред носот на Брисел, а ЕК воопшто нема потреба да ги троши своите креативни капацитети.
Водејќи се од основната премиса на европските стандарди и принципи, Македонија може да понуди креативно решение што ќе резултира со заемен компромис, односно нешто со кое сите ќе бидат задоволни.

Kреатива како одлична алтернатива

Кога веќе претседателката на ЕК толку категорично притиска за промена на Уставот, Македонија навистина може да го направи тоа.
Имено, првиот чекор на креативното решение започнува со внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест според формулата што токму официјален Брисел ја признава, а која е веќе применета при приемот на Хрватска, Словенија, трите балтички држави, како и на Грција и Унгарија.
Тоа е решение што во рамките на ЕУ веќе функционира, односно Македонија ќе го задоволи барањето на Унијата за уставни измени така што ќе го примени овој проверен модел, односно, како и досега, Македонците се народ, а преостанатите, според меѓународното право, ќе бидат впишани како конститутивни малцинства со највисоки загарантирани права.
Колку за потврда на оваа веќе применета практика, во преамбулата на словенечкиот устав стои дека Словенија е „држава на словенечкиот народ“ со посебни права за унгарско и италијанско малцинство. Во преамбулата, пак, на хрватскиот устав пишува дека „Република Хрватска е национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства…“. Во преамбулата на грчкиот устав стои дека државата се заснова на суверенитетот на „грчкиот народ“, а во онаа на Естонија се наведува „…со непоколеблива вера и цврста волја да ги зачуваме естонскиот народ, јазик и култура“.
Овие уставни формулации се идентични со она што се идентификува со креативно европско решение што би било идеално и за македонско-европскиот евроинтегративен јазол.
Се разбира, со напомена дека македонскиот народ, освен државата Македонија, нема друга матична држава, за разлика од малцинствата што живеат тука.

ЕУ треба да го примени она што веќе функционира

Сите овие примери всушност го даваат креативното решение што Македонија може да го предложи до ЕК како начин да се исполни нивното барање за уставни измени, а ЕУ нема причина да не го прифати бидејќи тоа веќе е во функција во европскиот правен поредок. Наши соговорници, експерти од ЕУ, додаваат дека уставите на сите овие земји во рамките на пристапниот процес биле позитивно оценети, во согласност со европските вредности, така што нема причина и Македонија да биде исклучок ако така ги формулира уставните измени. Само што треба соодветно да се претстави ова креативно решение и пошироко да се излобира.
Значи, Македонија ќе го исполни барањето на ЕУ за уставни измени, ќе ги внесе македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот и тие ќе бидат впишани соодветно на карактерот на една национална држава што има носечки државотворен народ, а сите преостанати со највисок демократски и европски пиетет ќе се запишат како конститутивни малцинства.
ЕУ слободно може да ги преземе ловориките за ваквото „креативно решение“ и да го понуди како свое, Македонија потоа ќе го промени Уставот, не само заради внесување нови малцинства, туку и за да се инкорпорираат сите преостанати конструктивни, принципиелни и меѓународноправно издржани забелешки на Венецијанската комисија, односно да се направат уставни измени во насока на постигнување вистинска независност на јавното обвинителство и во правосудниот систем.
Сето ова ќе помогне македонскиот устав да се исчисти од политичките „франкенштајнски“ интервенции и да стане вистински функционален устав во кој ќе биде удрен печатот за вистинскиот карактер на државата и во кој ќе бидат гарантирани правата на сите граѓани во државата.
Со тоа ќе се испрати и јасна порака дека секогаш се наоѓа некакво креативно решение за кое се договориле двете страни, никој не се чувствува оштетено, загрозено или понижено, фрустрации нема да има, а државата може непречено да се движи напред по нејзиниот евроинтегративен пат.

Ако проширувањето е приоритет, тогаш ЕУ не треба да чека

Она што особено паѓа во очи, тоа е дека сите, минус едно етничко малцинство, немаат никаков проблем во тоа ново креативно решение да бидат формулирани како конститутивни малцинства бидејќи се свесни дека со тоа со ништо не се нарушуваат нивните еднакви права со македонскиот народ. Впрочем, терминот „делови од народи“ (кој некогаш бил „креативно“ решение) што сега е присутен во македонскиот устав, правно е неиздржана категорија и не постои во ниту еден друг устав во светот, ниту во меѓународното право. Затоа, сите иновативни и креативни решенија, вклучувајќи го и горепрезентираното, задолжително мора да бидат во рамките на меѓународното и домашното право.
Обичната преформулација во Уставот на Македонија како држава на македонскиот народ и конститутивните малцинства е клучната гаранција што земјава ја бара соочена со идентитетските напади од соседството, а тоа, од друга страна, ќе води кон уште поголема кохезија во општественото ткиво како што земјата ќе напредува на патот кон ЕУ. Клучната цел што ЕУ може да ја постигне со прифаќањето на ваквото креативно решение е спласнување на етничките болни амбиции што често се користат и за поттикнување сецесионизам и меѓуетничка нетрпеливост во државата.
Најавите за некакви иницијативи за промена на начинот на гласање во ЕУ со квалификувано мнозинство од оваа перспектива изгледаат премногу далечно, Македонија нема време за губење, затоа е клучно да проработи креативноста и да се одблокира македонскиот пат. Впрочем, претседателката на ЕК и самата рече дека новите геостратешки состојби бараат брза реакција, така што доволно е само да го понудат како креативно решение она што веќе го прифатиле и да ги задоволат сите страни.
Еве ја сега нафрлената топка кон пеналтикот во шеснаесетникот на Брисел, но сѐ зависи од креативноста во нивната игра, а уште повеќе од желбата да играат со нас.