Мисијата „Стразбур“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – проект или парадигма на влијанието на „академската“ елита во сенка?

  • И сега се прашувам: По сите овие години, дали е можно универзитет – местото што треба да ја брани вистината – вака масивно и организирано да се користи за лични амбиции и институционални трговии? Дали сме сведоци на клановска мрежа што функционира по принципот на меѓусебна услуга, со свои кодови, должници и своја тишина? Ако тоа е вистина, тогаш тоа повеќе не е универзитет, туку академска секта во која лојалноста е поважна од знаењето. А каде се институциите? – Министерството за образование молчи. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не реагира. Просветниот инспекторат не истражува. Ако сите молчат, тогаш кој ќе ја заштити академијата – од самата себе?

Ако тоа што ми го раскажуваат повеќе загрижени професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е вистина, а искрено се надевам дека не е, зашто верувам дека споменатите личности ќе нè убедат во спротивното, тогаш сме сведоци на една од најмасивните и најорганизирани злоупотреби на академска институција во поновата историја.
Имено, сè започна со неколку телефонски повици од професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Гласови на моќни професори што зборуваат тивко, со прекини, со долга воздишка пред секоја реченица – „инспекторе, мора некој да каже што се случува…“ Гласови што не сакаат да бидат запишани, но сакаат да бидат слушнати.
Така започнува секоја вистинска приказна за стравот, кога правдата почнува да шепоти, а неправдата зборува гласно. Професори што бараат само правичност, но стравуваат од последици, ми опишуваат слика што личи на мрежа, на една „академска“ елита во сенка, во која се преплетуваат амбиции, ветувања, влијанија и фамилии. Секој ја знае својата улога, секој ја знае својата тишина. Ако тоа е вистина, тогаш „Јустинијан Први“ не е само факултет – туку симбол за начинот на кој се користи знаењето како приватна валута, а титулата како обврзница во систем на должници. И ако ова е, како што некои го нарекуваат, повторно некоја „врховистичко-болшевичка зделка“, тогаш прашувам – дали ова е уште еден чин на паразитска мрежа што ја изгриза државата однатре, претворајќи ја во личен плен на групи и лобија? Дали повторно гледаме како оние што со години ја компромитираат државноста ја идентификуваат државата со својата партија, а институциите ги користат како сопствени филијали за кадровски пазар и лична промоција?
Се вели дека деканот Сашо Георгиевски, професор по Јавно меѓународно право, иако не е специјализиран – ниту, според некои професори, стручно профилиран во областа на човековите права, предмет што е суштински за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права – ја започнал својата мисија: да стане дел од тој суд во Стразбур. И тоа не би било проблем доколку таа амбиција не беше проследена со нешто што неговите колеги го опишуваат како „организиран систем на поддршка, ветувања и кадровски ветришта“. Ако е вистина дека деканот наводно им ветувал вработувања, звања и унапредувања на поединци, во замена за помош околу неговата апликација, тогаш тоа не е веќе кариера, туку академска корупција со европски аспирации. Според гореспоменатите кажувања, на еден од септемвриските наставно-научни совети, била поставена точка за нови 11 вработувања: асистенти, доценти, па и редовни професори.

Расправата, велат, била бурна – некои прашувале зошто се отвораат места таму каде што нема потреба, други молчеле. Ако е вистина дека овие вработувања се дел од договорена поддршка за проектот „Стразбур“, тогаш имаме класичен случај на институционално претворање на факултетот во политичка филијала. Но, според загрижените професори, вистинскиот креатор на проектот „Стразбур“ не бил самиот Георгиевски, туку Ана Павлова Данева, актуелна уставна судијка, некогаш потпретседателка на СДСМ, и човек со силно политичко влијание во правосудните кругови. Дали токму таа, со својата долга политичка и институционална биографија, го осмислила овој проект како начин да се зајакне болшевичката структура на Правниот факултет „Јустинијан Први“? Дали зад идејата за европска кариера на деканот стои старата болшевичка логика – прво постави ги своите, па потоа кажи дека се најдобрите? Според професорите, Данева сакала да се обезбеди „континуитет“ на влијанието во Правниот факултет, преку стратегија во која деканот Георгиевски ќе ја продолжи линијата на „подобни и проверени кадри“. Дали оваа стратегија подразбира дека на факултетот не се бара знаење и интегритет, туку идеолошка подобност? И дали ова е уште еден обид да се создаде болшевичка елита во академски костум, под превезот на европски амбиции? Во оваа мрежа, според загрижените професори, своја улога има и актуелен министер, кој наедно е докторанд на истиот факултет. Ако е вистина дека за неговата политичка поддршка му било ветено идно место доцент, тогаш ова веќе не е академија, туку институционална размена на услуги – трговија со влијание под академска шминка. Се спомнува и дека на таканаречениот „список на ветени лица“ се нашла актуелна новинарка од провладин медиум, иако студиите по новинарство на факултетот имаат симболичен број студенти.

Но приказната, како што велат, не застанува тука. Се спомнува и името на академикот Владо Камбовски, човек што веќе со децении има монопол врз реформите на македонското законодавство – постојан присутен реформатор, кој, како што иронично велат некои негови колеги, „ја ревидира државата секои пет години“. Ако е вистина дека деканот му ветил дека неговиот син, професор од другиот универзитет, ќе биде префрлен на Катедрата за граѓанско право на „Јустинијан Први“, тогаш ова не е само прашање на фамилијарна наклонетост туку на академска наследност – како да станува збор за династиски пренос на титули, не за избор според знаење. Иронијата е уште поголема ако се има предвид дека, според професорите, синот докторирал на деловно право, а сега би предавал предмети што не се негова стручна област. Дали тоа значи дека кај нас повеќе не важи принципот „secundum scientiam“ – според знаењето, туку „secundum родослов“ – според потеклото? И тука приказната добива речиси симболична димензија. Ако Правниот факултет „Јустинијан Први“, според некои, е синоним на Ватикан за македонското право, тогаш баш ме интересира – кој е неговиот вечен папа? Кој ја држи клучната доктрина на вистината, кој ги издава индулгенциите на академската чесност и кој го благословува патот на новите „верници“ во правото? Зашто, како и во секој Ватикан, така и овде постојат свои „кардинали“, свои догми и свои свети ритуали на влијанието. И кога се толкува правото не според совеста, туку според традицијата на контролата, тогаш можеби и оваа приказна не е за реформи, туку за вечна догма во која вистината секогаш има чувар, но никогаш сведок.
Така, дел по дел, „мисијата Стразбур“ се претвора во операција со домашен терен и меѓународен амбиент. Професорите велат дека првиот дел од ветувањата веќе е исполнет – Георгиевски е на листата на првите десет апликанти. Ако во тројката што ќе замине за Стразбур се најдат двајца послаби од него, тогаш планот е завршен – успешно спроведен проект со европска форма и локална суштина. Во завршницата, според истите извори, се појавува и професорката Неда Здравева, претседателка на „Хелсиншкиот комитет“, која, велат, треба да помогне во финалните дипломатски разговори. Ако е вистина дека за возврат, на Наставничкиот совет во Конгресниот центар во Охрид, Георгиевски ја понудил како идна деканка, тогаш Стразбур не е веќе метафора за правда, туку проект за внатрешна распределба на влијание.
И сега се прашувам: По сите овие години, дали е можно универзитет – местото што треба да ја брани вистината – вака масивно и организирано да се користи за лични амбиции и институционални трговии? Дали сме сведоци на клановска мрежа што функционира по принципот на меѓусебна услуга, со свои кодови, должници и своја тишина? Ако тоа е вистина, тогаш тоа повеќе не е универзитет, туку академска секта во која лојалноста е поважна од знаењето. А каде се институциите? – Министерството за образование молчи.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не реагира. Просветниот инспекторат не истражува. Ако сите молчат, тогаш кој ќе ја заштити академијата – од самата себе? Ако ова е вистина, тогаш државата мора да се запраша: Кој ги учи идните правници? Кои вредности им се пренесуваат? И ако не реагира, тогаш молкот станува доказ за соучесништво. Но можеби сето ова не е така. Можеби ова се само претерани муабети, погрешни толкувања, преувеличени впечатоци. Можеби Сашо Георгиевски ќе излезе и ќе каже: „Ништо од ова не е вистина“. Можеби Ана Данева, министерот, Владо и Игор Камбовски, Неда Здравева – сите тие – ќе ја информираат јавноста, ќе објаснат, ќе покажат документи, факти и транспарентност. Јас би сакал да се случи тоа. Но ако молчат – тогаш и молкот ќе зборува. Ако ова е вистина, тогаш не зборуваме за поединци, туку за систем што го претвора знаењето во валута, совеста во тишина, а правдата во театар.
И тогаш, можеби вистинскиот суд не е во Стразбур, туку во совеста на оние што го гледаат ова – и молчат.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија