Успешно реализирано 14-то издание на „Фестивалот на децата, книгите и читањето“ во Кочани
- Посакуваме да влијаеме книгата да биде секојдневен сопатник на детето и младиот човек, да се поттикнат љубопитноста, креативноста и критичкото размислување, а библиотеката да претставува посакувано место за децата, вели Кочовска Салтирова
Утре е 15 октомври, денот кога започнува Месецот на книгата, кој ќе трае до 15 ноември. Тоа ќе бидат денови исполнети со настани во слава и чест на книгата. Но градот Кочани на најубав начин ги чествуваше книгите, музиката и нивното влијание на едукацијата од најмала возраст.
На почетокот на првиот есенски месец, на 5 и 6 октомври, библиотеката „Искра“ од Кочани, на радост дечињата, го реализираше „Фестивалот на децата, книгите и читањето“, кој годинава понуди богата програма во текот на двата фестивалски дена.
Промовирани книги за Никола Тесла и Алберт Ајнштајн
Фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, а потоа следуваше обраќањето на координаторката на фестивалот, Магдалена Кочовска Салтирова. Програмата продолжи со читање на меѓународната порака за книжевноста за деца под насловот „Јазикот на сликите“, а потоа следуваа презентации за животот и делата на научниците Никола Тесла и Алберт Ајнштајн, кои ги подготвија учениците од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“. Учениците од средното училиште „Гошо Викентиев“, пак, дадоа практични примери за изумите на Тесла, додека во заднина одекнуваа нотите на музичките композиции во изведба на учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“.
Така, на необичен начин беа претставени книгите за деца „Мојот омилен научник Никола Тесла-човекот на 21 век“ и „Алберт Ајнштајн во трамвајот на имагинацијата“ од авторките Наташа Димчевска и Билјана Сердарска.
Професорката и писателка проф. д-р Елизабета Бандиловска ја претстави книгата „Очи во очи“ од авторката Ели Маказлиева, во која учествуваа учениците од ОУ „Малина Попиванова“.
Во рамките на фестивалот беа промовирани и сликовниците „Осаменото дрво“ од Нина Максимова и „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, а во програмата активно учествуваа учениците од ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани и од ОУ „Крсте Мисирков“ од Оризари.
Книгата ги поттикнува љубопитноста и креативноста
Со овој фестивал, како што вели координаторката Магдалена Кочовска Салтирова, се поттикнува љубовта на децата кон книгите, но и кон уметноста воопшто.
– Посакуваме да влијаеме книгата да биде секојдневен сопатник на детето и младиот човек, да се поттикнат љубопитноста, креативноста и критичкото размислување, а библиотеката да претставува посакувано место за децата – истакна Кочовска Салтирова.
На вториот фестивалски ден, програмата продолжи со ликовна работилница, на која учествуваа младите ликовни таленти од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, кои своите цртежи им ги претставија на најмалите од градинката „Павлина Велјанова“, а изложбата ја посетија и корисниците од Дневниот центар при Центарот за социјални работи во Кочани.
Во просториите на Дневниот центар беше остварена литературна средба со роднокрајната авторка Ана Дедова, претставена од вишата библиотекарка Румена Тодорова.
На фестивалот гостуваше и издавачката куќа „Македоника литера“, а уредникот Нове Цветановски ги претстави книгите „Мојот татко спие со ангелите“ и „Добар ден тато“ од хрватскиот писател Стјепан Томаш пред учениците од ОУ „Никола Карев“.
Четиристотини деца и млади учествуваа на фестивалот
Учениците од двете средни училишта во Кочани, преку средношколскиот парламент, дебатираа и разменуваа свои мислења и ставови на темата „Зачувување на македонскиот стандарден јазик од употребата на жаргони, странски изрази и компјутерска терминологија“. Свои излагања имаа и професорите Кирил Барбареев и Ана Витанова Рингачева од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а програмата ја затвори театарската претстава „Децата на железницата“ изведена во Мултикултурниот центар во Кочани. Адаптацијата на текстот и изборот на музиката за претставата ги направи Магдалена Кочовска Салтирова, а режијата е на Кристина Атанасова Арсова.
Во програмските активности на фестивалот учествуваа четиристотини деца од Кочани и од околните населени места. Манифестацијата се одржува 14 години, од кои осум е проект од национален интерес на Министерството за култура и туризам на Македонија. Поддржан е и од Општина Кочани.