IV Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“-
Од 15 до 18 октомври Скопје повторно ќе биде град на детската имагинација
Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе ја обедини регионалната театарска сцена под слоганот „Сцена за сечиј сон“, со претстави што преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство.
Официјалната селекција, за која беше задолжена нашата режисерка Драгана Милошевски – Попова, годинава беше направена од вкупно над 40 апликации: што најавува многу богата година за детскиот и младинскиот театар.
Фестивалот го отвора „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ: современа и ритмична адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.
Од Суботица гостува „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава што нè потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете.
Од Загреб пристигнува „Малата Фрида“ на Аница Томиќ – приказна за детството на Фрида Кало, за храброста да се биде различен и лековитата моќ на соништата.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување.
Посебна визуелна поезија доаѓа со „Прозорецот“ на Давид Зуазола од Темишвар и со „Свадби на животни и нешта“ на Георги и Раја Господинови, кои преку нежна приказна нѐ воведуваат во невидливиот живот на предметите и моќта на имагинацијата.
Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ – храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави, освен првата, ќе се натпреваруваат за ГРАН ПРИ, наградата за режија, двете актерски, наградата за костимографија и наградата за сценографија.
Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци – Скопје, со Совет во состав: Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Во рамки на придружната програма ќе се одржат: драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“, со Ева Камчевска како нејзин модератор; работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ; и креативната работилница „Како се прави кукла“, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.
Театарот му овозможува на детето да ги претвори своите внатрешни немири во игра што лечи. Таму, во безбедниот простор на имагинацијата, стравот станува лик, болката станува глас, а љубопитноста – движење. Во тој чин на преобразба, детето го учи најважниот човеков напор: како да го поднесе светот без да се изгуби во него. Театарот не го оддалечува од реалноста туку му ја враќа: преобразена, поподнослива, полна со можности за нови доживувања.
Поддржано од: Министерство за култура / Ministria e Kulturës, Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија
Генерален спонзор: А1 Македонија
Спонзори: Грчка амбасада, Стопанска банка, Општина Центар, Ладна
Медиумски покровители: Вечер, Нова Македонија, Република, Слободен печат, Независен, Умно.мк