Од концертот на „Егзит“
Има една приказна за капутот на Џејмс Браун. Велат дека тој имал капут што му бил како фетиш, кој бил препознатлив за него и многу модерен за тоа време, во тој период речиси цело време го носел само него. По одреден временски период модата се менува и поради застареност Џејмс го става во креденец за некои подобри времиња. Годините си течат и некои 20-25 години подоцна се враќа старата мода и, оп, Џејмс го вади капутот од шифоњерот и ете го пак модерен. Така нешто се случувало и со музичките правци и, како што можете да видите, сега на старите песни им се додаваат семплери, ритми, повеќе вокали, малку изменет аранжман, а во суштина тоа е истата песна. Нема нешто посебно ново што ќе направи некаков тип на револуција, како да е сѐ во ред со светот, како да се решени сите проблеми и музичарите немаат за што да пеат, иако е сосема обратна ситуацијата на целата светска политичка, социјална и секаква сцена. Е, во таков контекст беше и концертот на „Секс пистолс“. Речиси педесет години подоцна, „Секс пистолс“ се реоформуваат не знам по кој пат и со новиот пејач прават турнеја, при што го посетуваат и „Егзит“ во Нови Сад. И ете сум јас на истиот фестивал да ги видам нив, некогаш најголемата светска рокпанк-атракција, некогаш најголемите панкери. Сепак зборуваме за една од најоригиналните, највлијателни, најкултни групи што воопшто се појавија на севкупната музичка сцена, не само музички и текстуално туку тие ја променија и модата (бутиците и облеката, искината, со патенти и игли на Малколм Мекларен и Вествуд) и начинот на размислувања, едноставно прави револуционери. Нивниот прв и единствен албум е еден од најголемите албуми воопшто, страшно влијателен, „тестемонијал“ на еден период. Кога се појавија некаде во 1976 година, ситуацијата на Островот беше доста тешка. Невработеност, криминал, социјална и расна нееднаквост, тепачки, протести, несигурност, и во такви моменти се појавуваат тие, со таква енергија, со такви текстови, станувајќи им идоли на тогашните тинејџери. Беше убаво да се чуе гласот на младите, иднината на нацијата преку нив. Но тие само критикуваа – дека не чинела кралицата, дека тие се за анархија, тие се антихристи, дека тотално се празни, дека нема иднина, дека не знаат што сакаат, но знаат како да го постигнат тоа, а за тоа е одговорна Британија, тотални нихилисти, никогаш не давајќи решенија. Со такви пароли пробаа да ја разбудат младината во ОК. Четворката од Лондон траеше кратко (иако иницираше многу слични музички правци), но тоа што го направи е неверојатно. Нивните турнеи и концерти се откажуваа масовно. Продуцентските куќи, дистрибутерските куќи, медиумите сите беа против нив. „Секс пистолс“ тогаш ја сочинуваа Џони Ротен, Стиви Џонс, Пол Кук, Глен Матлок, кој подоцна беше заменет со Сид Вишоуз, а со таа замена почна нивниот крај. Глен беше оној што ги создаваше песните, а за „Anarchi in UK“ и текстот е негов, додека другите текстови ги пишуваше Џони Ротен. Се распаднаа во 1978 година по само еден албум („Never mind the Bollocks, Here’s the Sex Pistols“) и неколку сингла. Не оти нешто се промени со тоа што се појавија тие и нивните подоцнежни музички наследници, туку само ја разбуричкаа јавноста. Естаблишментот и привилегиите имаа јаки корени и не се даваа, беа премногу јаки. Неколку години подоцна, со доаѓањето на челичната леди Маргарет Тачер и со војната со Аргентина заради Фокландите работите драстично се сменија во ОК, но не поради „Секс пистолс“ и нивните наследници, но тоа е друга тема. Е, сега кога видовме зошто се појавија и што направија тогаш, се поставува прашањето зошто се реоформија неколкупати. Ај да извадеа нови материјали, па да разберевме, не дека немаше за што да пеат, туку едноставно немаа идеи и веројатно дека и тоа што некогаш го пееја е заслуга на нивниот тогашен гуру Малколм Мекларен.
Така што нивниот настап сега на „Егзит“ беше како некоја мода, како враќањето на капутот на Џејмс Браун, иако во тој момент постоеше и политичка заднина. Не за џабе предгрупа им беа „Гоблини“ – српските постпанкери, кои пак отсвиреа жестоко, погодувајќи ја точно поентата на посветеноста на концертот. А публиката тотално подиве, ги следеше во секој такт, ги пееше песните, врескаше и што ли уште не. Какво загревање направија за нив ѕвездите на вечерта „Секс пистолс“. По „Гоблини“, ете ги тие тројца на сцена – Стиви Џонс, Пол Кук, Глен Матлок, заедно со новиот 41-годишен пејач Френк Картер, кој свирел во „Галовс“, „Пјур лов“ и „Ратлеснејкс“. Почнуваат да се редат „God save the Queen“, „Anarchy in UK“, „Holidays in the Sun“, „Pretty Vacant“, „No feelings, „Seventeen“…
Заедничко славење на едно одамна минато време, публиката и тие четворица. Дека Френк, пејачот, е доследен наследник на Џони Лидон се гледа во фактот што публиката го следи секое негово движење, а тој знае како треба, трча по бината, се качува на звучниците, се конфронтира со нив, скока во публика, оди долу и си прави муабет со нив. Во еден момент се наоѓа долу во публиката (која, патем речено, ја имаше баеги во број, стари и млади рокери, панкери, скинхедси…). Застанува на некои четириесет метри од бината, со него е микрофонот, и како што застанува им вели да направат круг околу него, па веднаш до тој круг други посетители втор круг, и така едно десет круга. И тука почнува огнената змија, публиката трча во еден правец, а во друг правец трча Френк, се гледаат лице в лице, фантастична глетка, Френк трча и пее, публиката пее, скока, вика исто така во круг, а горе на бината другите тројца растураат. Какво свирење, каква претстава, величествено. Однекаде се палат факли, па магла. Општ калабалак. Не за џабе се вели дека Френк е вистински шоумен, пејач, знае како со публиката, се дава целиот, се соживува со улогата. Којзнае, да се појавеше во периодот од 1975-1979 г. можеби ќе беше еден од највлијателните музичари и пејачи. Завршуваат неверојатни 100 минути, заедно со бисот. Сите се задоволни, преморени. Одамна немало вакво нешто на „Егзит“. Си одат, додека се подготвува бината за наредните изведувачи, ете сум и јас помеѓу публиката што полека си оди. Го гледам задоволството на нивните лица, потта на нивните тела, и создавам слика за некаде 1977-1978 година, кога „Секс пистолс“ беа во зенитот – како не дојдоа тогаш, па и таа генерација да го почувствуваше оригиналниот вкус на панкот, можеби нештата ќе тргнеа во друг правец. Најинтересно е што во тој период во таа Југославија ретко кој знаеше за панкот, тој се разви подоцна, но само како мода. Чест на исклучоците како „Панкрти“, „Термити“…, тие го имаа фатено тој прав дух на панкот. А „Југотон“ имаше ексклузивни права да го објави албумот на „Секс пистолс“, но никогаш не го објави. Зошто?