На сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература – „Риголето“ од Џузепе Верди. Драмата е закажана за утре, во 20 часот. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, Биљана Јосифов ќе настапи во улогата на Џилда, Чуан Ванг од Кина во улогата на Војводата од Мантова, Владимир Саздовски во улогата на Спарафучил, а во другите улоги ќе настапат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
– „Риголето“ е драма на човечкиот живот, која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето што ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии, меѓу кои и „La Donna è mobile“, и на воопшто убавата мелодиска структура – информираат од МОБ.