Србија
Секторите што спаѓаат меѓу најголемите загадувачи, односно компаниите што произведуваат цемент, железо, челик, алуминиум, вештачко ѓубриво, како и електрична енергија во Србија, од 1 јануари ќе плаќаат нов данок за загадување, а истата обврска ќе важи и за фирмите што увезуваат таканаречени валкани суровини.
Нацрт-законите за данок на емисиите на стакленички гасови и за данок на увоз на производи со висока содржина на јаглерод моментно се во јавна расправа што ќе трае до 21 октомври, а првиот јавен состанок на оваа тема се одржа вчера во Стопанската комора на Србија.
Оваа мерка би можела да биде поволна за српските компании, како што пишува белградскиот весник „Данас“, бидејќи ќе ги спаси од плаќање на многу поскапиот европски данок во рамките на CBAM-системот (механизам за приспособување на границите на јаглеродот), кој изнесува 90 евра по тон јаглерод диоксид. Но таквата практика би важела само ако Европската комисија ги прифати српските сертификати за емисии на стакленички гасови. Р.С.