Хрватска/Словенија
Деновиве, Хрватска и Словенија беа потресени од веста лиферувана од надлежните инспекциски служби за контрола на квалитетот на прехранбените продукти за широка употреба. Имено, кај дел од продуктите за исхрана, чие потекло е од увоз, при контрола од страна на локалните лиценцирани лаборатории за квалитет на храната е констатирано присуство на недозволени супстанции, при што продуктите се повлечени и изолирани, а јавноста е известена преку сите можни медиуми.
Грозје увезено од Италија
Грозје увезено од Италија што содржи големи количества штетна хемикалија е присутно на хрватскиот пазар, предупреди надзорниот орган за безбедност на храната во Хрватска. Регионалните медиуми известуваат дека станува збор за бело трпезно грозје што се продава во Хрватска и во Словенија, кое содржи високи нивоа на пестицидот ацетамиприд – неоникотиноиден инсектицид што ги убива штетниците со тоа што го напаѓа нивниот нервен систем. Присуството на хемикалијата било забележано од словенечки инспектори што откриле дека грозјето содржи 0,23 мг/кг ацетамиприд, што е трипати повисоко од дозволеното ниво.
Според податоците од Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), истото италијанско грозје, покрај тоа што се продавало во Словенија, завршило и на хрватскиот пазар. Сепак, деталите за тоа каде точно било дистрибуирано и во кое време сè уште не се познати.
Експертите предупредуваат дека ризикот за здравјето на луѓето е сериозен и ги повикуваат потрошувачите да не го консумираат сомнителното грозје. Ацетамипридот долго време се поврзува со масовни смртни случаи на пчели низ целиот свет, а неодамнешните научни студии откриле дека може да биде многу опасен и за луѓето, особено за малите деца, кај кои може да предизвика невролошки и развојни нарушувања.
Пиперки од Македонија
Второ, во пиперки увезени од Македонија во Хрватска, деновиве било утврдено присуство на активна материја метомил, во количество од 0,049 мг/кг, како што известуваат тамошните надлежни служби врз основа на земениот примерок од малопродажна мрежа. Станува збор за пратка од 15 илјади килограми пиперки извезени на 9 септември, за која бил дозволен влез во Хрватска по извршена контрола на граничниот премин. Утврдено е дека извозникот не е производител, туку дека пиперот го купил од други правни субјекти што вршат откуп од индивидуални производители. Пиперките не се вратени во Македонија, но нема информација за понатамошното постапување на хрватските инспекциски служби.
Ангел Митревски, соработник на „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска