ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025, ЧЕТВРТО КОЛО
Шестемина македонски претставници освоија вкупно 2,5 поени од можни шест во четвртото коло на Светското првенство (СП) за младинци во шах, во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години за момчиња и за девојчиња во Драч (Албанија). Прва победа и прв освоен поен забележа Елисавета Бурнс, прв пораз по трите победи впиша ЖФМ Моника Жежовска, трет Делфина Огњановска, а ФМ Антон Златков ремизира третпат и е единствен што нема пораз во македонската експедиција. Во ова коло поенот го поделија и Мајкл Бурнс и Даниел Стефаноски.
Во категоријата до 18 години, Златков (2.351, рангиран 33. пред СП) со бели фигури ремизира со ФМ од Андора Серни Рибера (2.291, 58.), а ЖФМ Жежовска (1.966, 29-та) загуби со црни фигури од второрангирната, ЖИМ од Франција, Манон Шипке (2.359). Во категоријата до 16 години, М. Бурнс (2.131, 68.) со црни фигури ремизира со Адо Месиќ (1.954, 105-ти) од БиХ, а Огњановска (1.610, 97.) со бели фигури е поразена од Норвежанката Кристине Нордал (1.833, 70-та). Во категоријата до 14 години, Стефаноски (1.833, 112-ти) со бели фигури ремизира со Батур Солмон (1.751, 122.) од Монголија, а Е. Бурнс (1.494, 95-та) со црни фигури ја победи Нор Саад од Кувајт (рангирана 102.). По четвртото коло од предвидените 11, Жежовска е седма (три поени), Златков 45-ти (2,5), М. Бурнс 111-ти (1,5), Огњановска 99-та (еден), Стефаноски 129-ти (еден) и Е. Бурнс 82. (еден). На СП во сите категории играат вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Г.И.