ПО ЕП 2025 ВО ПАРАСТРЕЛАШТВО ВО ОСИЕK
- Оливера Наковска-Бикова настапи во три дисциплини и во сите обезбеди финале, што е голем успех. За жал, не освои медал, иако беше многу блиску. Успешен настап имаше и вториот македонски претставник Александар Јовановски, вели тренерот и селектор на македонската репрезентација, Бранимир Јовановски
Во хрватскиот град Осиек вчера заврши Европското првенство (ЕП) во парастрелаштво, на кое учествуваа 180 стрелци од 33 држави, а боите на Македонија ги бранеа репрезентативците Оливера Наковска-Бикова во женска и Александар Јовановски во машка конкуренција, предводени од тренерот и селектор Бранимир Јовановски и неговиот асистент Драган Дојчиновски.
– Оливера Наковска-Бикова настапи во три дисциплини и во сите обезбеди финале, што е голем успех. За жал, не освои медал, иако беше многу блиску. Сепак, четврто, шесто и осмо место на Европското првенство во парастрелаштво во Осиек се за секоја чест, благодарност и почит. Успешен настап имаше и вториот македонски претставник Александар Јовановски, кој се натпреваруваше во две дисциплини. Честитки за двајцата стрелци за постигнатите резултати и пласмани – вели Бранимир Јовановски.
Наковска-Бикова го избори првото финале во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри каде што го освои четвртото место.
Во вториот настап, во дисциплината воздушен пиштол од 50 метри, во финалето се пласира како четвртопласирана, а во финалето го освои осмото место. Во третиот настап, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри, македонската олимпијка во финалето го освои шестото место.
Јовановски настапи во дисциплините од 50 и од 10 метри со воздушен пиштол. Од 50 метри постигна резултат од 505 круга, што е негов личен рекорд, со што го освои 19. место во конкуренција на 34 натпреварувачи. Во дисциплината пукање од 10 метри со воздушен пиштол, Јовановски со погодени 543 круга го освои 23. место. Она што е мошне значајно, е тоа што на ова ЕП и двајцата ги освоија и потврдија минимум нормите, секој во своите дисциплини, за учество на Светското првенство во Јужна Кореја в година, каде што ќе можат да се исполнат потребните квоти за настап на ПОИ во Лос Анџелес во 2028 година. Г.И.