Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, порача денеска во Брисел премиерот Зоран Заев во изјавата по работниот ручек со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини со лидерите од Западен Балкан.
Претходно тој имаше билатералната средба со европретставничката Могерини, како и средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
На средбите било разговарано за актуелните случувања во Македонија во однос на уставните измени, законот за амнестија, целокупниот процес на помирување, но и за регионалните прашања, меѓу кои отвореното прашање меѓу Косово и Србија.
-Убедени сме дека можеме да помогнеме во целиот процес со искуството што го имаме од Преспанскиот процес, тоа може да биде искуство и за ова проблематично прашање на Балканот. Дефинитивно Балканот има заедничка иднина и мораме сите заедно да работиме на таа иднина да си помагаме меѓу себе и да имаме разбирање меѓу себе. Верувам дека ќе помогнеме сите во целиот овој процес за наоѓање решение – нагласи Заев.