Игра што ветува: Моника Жежовска

ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025

  • Жежовска моментно е петта со два поена од две партии. Цел поен освои и Златков, а другите четворица македонски претставници загубија во второто коло

Блескава победа, втора во низа на македонската репрезентативка ЖФМ Моника Жежовска во второто коло на Светското првенство (СП) за младинци во шах, во Драч, Албанија. Планетарниот шампионат се игра во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години, за момчиња и за девојчиња.
Жежовска (1.996 рејтинг-поени, рангирана 29-та пред почетокот на СП 2025), која игра во возрасната категорија до 18 години, во голем стил, со црни фигури ја совлада ЖИМ од Индија Тејашвини (2.261, рангирана петта пред СП), со што освои и нови 30,2 рејтинг-поени. Со прекрасна жртва на коњ, а потоа и топ во завршницата, ја принуди противничката да се предаде во 45-от потег. Жежовска моментно е петта со два поена од две партии.
По ремито во првата партија цел поен освои и репрезентативецот ФМ Антон Златков (2.351, рангиран 33-ти), кој со бели фигури го победи КМ од Алжир Абделах Амране (2.011, рангиран 98.). Златков има 1,5 поен и засега е 38. во категоријата до 18 години.
Другите четворица македонски претставници ги загубија партиите, во категоријата до 16 години Мајкл Бурнс (2.131) од Ефе Јалчинкаја (2.267) од Турција, Делфина Огњановска (1.610) од ЖФМ Аимончок Жунусбекова (1.858) од Киргистан, на СП до 14 години Даниел Стефаноски (1.833) од КМ Шахзод Исламов (2.245) од Узбекистан и Елисавета Бурнс (1.494) од Далиа Диаскизи (1.772) од Казахстан. На СП 2025 (се играат 11 кола) во сите категории играат вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Г.И.