Хроничниот замор не е умислена болест

Со години се веруваше дека хроничниот замор не е ниту вистинска болест ниту дијагноза, туку измислена комбинација од психосоматски тегоби. Луѓето што се жалеа на исцрпеност што не се ублажуваше со сон и се влошуваше дури и со најмала физичка активност, конечно добија медицинска помош и официјална дијагноза. Американските здравствени службеници неодамна ја соопштија првата национално репрезентативна процена дека 3,3 милиони возрасни лица во САД имаат синдром на хроничен замор или мијалгичен енцефаломиелитис. Состојбата конечно доби свој код, „Г93.3“. Значи, таа е препознаена и не е умислена. Центарот за контрола и превенција на болести во Атланта, најважната медицинска институција во САД, објави дека овој број е поголем отколку што покажаа претходните студии и дека зголемувањето на бројот е под влијание и на продолжениот (или долг) ковид.
Хроничниот замор се карактеризира со чувство на силна исцрпеност што трае најмалку шест месеци и се олеснува само со пасивен одмор во кревет. Пациентите се жалат и на болка низ целото тело, магловити мисли и непријатност што се влошува по некоја физичка активност, работа. Не постои специфичен лек за лекување, ниту лабораториски тест на крвта за откривање, ниту пак скенер би бил од помош за поставување брза дијагноза. Лекарите не можеа да ја утврдат причината за симптомите, иако истражувањата сугерираа дека веројатно станува збор за продолжена реакција на телото на инфекција или нешто друго што го активирало имунолошкиот систем.
Првите случаи се регистрирани во Њујорк и во Невада, САД, уште пред 40 години… Лекарите имале тенденција да ги оценуваат симптомите како психосоматски, честопати погрдно нарекувајќи го синдромот на хроничен замор -„јупи грип“. Некои лекари сè уште го мислат истото тоа денес. Затоа ги сметале пациентите за хипохондрици, вознемирени и депресивни.

Новиот извештај од центарот во Атланта е базиран на анкета спроведена на 57.000 возрасни лица во САД во текот на 2021 и 2022 година. Учесниците одговориле на прашањето дали лекар некогаш им кажал дека имаат мијалгичен енцефаломиелитис, или синдром на хроничен замор, и дали сè уште го имаат. Само околу 1,3 процент одговориле со „да“ на обете прашања. Тоа се зачудувачки 3,3 милиони луѓе во Соединетите Американски Држави што го имаат синдромот.
Студијата, исто така, открила дека синдромот е многу почест кај жените отколку кај мажите, што е потврдено од претходни помали студии. Интересно е што студијата открила дека синдромот на хроничен замор почесто го пријавуваат сиромашни луѓе, но ретко богатите. Претходните погрешни перцепции за вистинската состојба на синдромот на хроничен замор може да бидат резултат на тоа што посиромашните луѓе имаат тешкотии да одат на лекар и на тоа што на луѓето не им се верува дека навистина се толку многу уморни што не можат да одат на работа и да си ја работат својата работа.

Директорот на Истражувачкиот центар за хронична болка и замор на Универзитетот во Мичиген, Даниел Клаф, изјави дека само мал број луѓе со синдром на хроничен замор се дијагностицирани. Едноставно кажано, во Америка, а веројатно и во други земји во светот, тоа никогаш не било клинички популарна дијагноза, бидејќи нема лек за неа, па затоа никој не може да заработи пари од неа. Покрај тоа, нема протоколи или упатства за лекување. Особено е интересно што пандемијата на ковид-19 фрли нова светлина врз она што всушност е стар синдром на хроничен замор: меѓу оние што ја добиле оваа дијагноза има многу пациенти со таканаречен долг или одолжен ковид, потсетија службениците од центрите за контрола на болести. Долгиот ковид е, по дефиниција, состојба што трае со недели, месеци или дури и подолго по закрепнувањето од коронавирусот. Дури се верува дека станува збор за истата болест, но звучи многу подобро кога некој ќе каже дека има продолжен ковид отколку синдром на хроничен замор. Како и секогаш, предрасудите остануваат присутни долго време, дури и кога се случува да бидат отфрлени.
Автор: Оливера Поповиќ