Кремљ денеска соопшти дека Русија располага со сопствени капацитети за покривање на сите потреби на бојното поле, отфрлајќи ги тврдењата на Украина дека Кина ѝ доставува на Москва сателитски разузнавачки информации за поефикасни напади врз украински цели.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговори на прашањето по изјавата на Олег Александров од украинската Служба за надворешно разузнавање, кој за државната агенција „Укринформ“ рече дека Кина наводно ѝ доставува на Русија сателитски податоци за цели, вклучително и за објекти поврзани со странски инвестиции.
– Имаме сопствени можности, вклучително и во Вселената, за извршување на сите задачи од специјалната воена операција, изјави Песков пред новинарите.
Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата дека Русија стои зад дроновите забележани низ Европа, оценувајќи ги коментарите на германскиот канцелар Фридрих Мерц како „неосновани“.
– Во Европа има многу политичари кои се склони да ја обвинуваат Русија за сè, без оглед на фактите, рече Песков. – Целата приказна со овие дронови е, благо речено, доста чудна. Нема причина Русија да биде обвинета за тоа – додаде тој.
Песков, исто така, посочи дека Москва го поздравува коментарот на американскиот претседател Доналд Трамп за предлогот на рускиот претседател Владимир Путин доброволно да ги продолжи ограничувањата за нуклеарното вооружување, утврдени со Договорот „Нов СТАРТ“, за уште една година.
Путин го даде предлогот во септември, а договорот истекува на 5 февруари 2026 година. Кога вчера беше прашан за предлогот, Трамп изјави пред новинарите: Ми се чини како добра идеја.
– Секако дека ја поздравуваме ваквата изјава. Веруваме дека тоа создава основа за оптимизам дека САД ќе ја поддржат иницијативата на претседателот Путин – рече Песков.
Русија и САД поседуваат околу 87 проценти од вкупниот глобален нуклеарен арсенал. Русија има 5.459 нуклеарни боеви глави, а САД – 5.177.