КУГЛАЊЕ – ФИНАЛЕ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА
- Во финалето вардарци славеа со 5-3 во поединечните дуели или 3.174-3.163 кегли на дуелот со ГТЦ Мусандра
Екипата на КК Вардар 2014 е победник на Купот на Македонија за 2025 година за мажи, кој се одржа во скопската кугларница „Мусандра“. Црвено-црните во финалето во неизвесен и возбудлив натпревар славеа со 5-3 во поединечните дуели или 3.174-3.163 во вкупно соборени кегли. Боите на вардарци ги бранеа Саша Јанковиќ, Влатко Гиевски, Тони Тодоровски, Влатко Стојановски, Драги Ѓорѓиовски и Дарко Димитровски. Пред почетокот на Купот, беа доделени и пехарите за најдобрите во домашното првенство во екипна конкуренција за сезоната 2024/2025, каде што кај мажите Макпетрол беше прв, Пелистер втор, а Вардар 2014 трет. Кај жените шампион е ГТЦ Мусандра, а второто место го освои Пелистер Пин.
– Во атмосфера каква што одамна не е видена на кугларските патеки, полни трибини и навивање налик на европски натпревари, третиот Куп на Македонија замина во наши раце. Финале неизвесно до последната кугла. Честитки до ГТЦ Мусандра за дербито, кое ги враќа надежите во овој спорт. ГТЦ Мусандра имаше фаворитска улога и поради искусните играчи и домашната кугларница, а згора беа осоколени и од победата над неприкосновениот Макпетрол. Ова е, сепак, еден вид изненадување, со оглед на третото место што го имавме лани во Македонската кугларска лига, би рекол дури бевме фаворит број четири, по Макпетрол, Пелистер и ГТЦ Мусандра – рече кугларот и тренер на Вардар 2014, а од неодамна и нов претседател на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Дарко Димитровски. Г.И.