Дерби на екстреми – спорт и сенки во македонскиот ракомет

Во дербито на колото, Вардар како домаќин го совлада шампионот Еурофарм Пелистер

  • Големото македонско-балканско дерби донесе неизвесност, квалитет и ривалитет на теренот, но и инциденти надвор од него. Вардар го доби натпреварот, но клубовите и публиката имаат важна порака: спортот е за навивачите, за атмосферата, за полни сали, а не само за трофеи

Десетина дена по моето последно „излегување во јавност“ и нешто помалку од 48 часа по завршувањето на големото македонско-балканско ракометно дерби во дуелот меѓу минатогодишниот шампион и освојувачот на Купот на Македонија. Дерби што, очекувано, траеше подолго од вообичаените 80-90 минути. Натпревар што во себе собра сѐ што оваа држава знае да произведе како екстрем, во секој сегмент од нашето живеење.
Од една страна, за наша среќа, имаме екипи и лига што (треба да) привлекуваат внимание. Имаме квалитет, ривалитет и неизвесност. Тука се и општините, бизнисмените и државните функционери што вложуваат во спортот и, како сублимат на сѐ што е погоре напишано, имаме производ што предизвикува интерес кај јавноста, иако сѐ уште не доволно голем во однос на значењето на македонскиот ракомет, како најуспешен колективен спорт во Македонија.
Исто така, имаме и публика, барем на овие дерби-натпревари. Имаме медиумска поддршка, насочена кон враќање на гледачите во салите, од 7 до 77. Но, истовремено, одново и одново ни се случуваат инциденти или ситуации во кои други личности стануваат „главни“ во салата, а погледите, наместо кон теренот, се насочени кон нив.
Така се исполнуваат нечија цел и намера, но се создава несигурност кај една многу важна категорија на спортски фанови, а тоа се оние што сакаат да платат влезница, да донесат дете на ракомет и едноставно да поминат квалитетно време.
Зошто?
Одговорот лежи во една сложена формула составена од општествените состојби во државата – условите на живот, образованието, (не)испорачаната правда, политизацијата на спортот и многу други фактори. Не е ова моја тема, ниту мој фах, но едно е јасно: овие групи имаат директна поддршка од клубовите. Токму клубовите треба сериозно да размислат и да стават на вага дали и кому му се потребни вакви инциденти. Зашто, очигледно е дека ништо не сме научиле од минатото.
Виктор Христоски за „Само ракомет“ напиша текст веднаш по натпреварот, кој вреди да се прочита и да се земе како референтна точка за оваа проблематика.
Што можевме да видиме на терен?
Најавивме во претходната колумна дека „двократниот“ е во подем, а во онаа најавната колумна за оваа сезона и дека Вардар, оној што сакаат да го обожаваат скопјани, ќе го гледаме некаде на почетокот на декември и дека е многу важно за вардарци, дотогаш, да не изгубат планирани бодови, кои подоцна тешко ќе можат да ги надополнат. Тоа и се случува, Вардар од натпревар во натпревар игра сѐ подобро и засега ги „доби“ двата дерби-дуела, прво против Охрид, а во средата и против најголемиот конкурент во лигата, Еурофарм Пелистер. Макар било тоа и на домашен терен.

Домаќинот, одморен, фокусиран, со поширок ростер на играчи што можат да дадат свој удел во играта и резултатот, со висока зона во која Талески и Јанкоски беа централни бранители, со само една замена напад/одбрана и со Малус како лидер во нападот, беше за нијанса поквалитетен тим. На другата страна, „Черваровиот Металург“, од за нас непознати причини, во поголем дел од натпреварот во нападот одигра со постава во која недостасуваа играчи што на стартот на сезоната делуваа компактно и сигурно, а таквата поставеност даваше резултат во играта на шампионот. Како дополнение на сето тоа, гостите го имаа капитенот, кој со огромна доза на нервоза и нетрпеливост создаваше атмосфера што не ѝ одеше во прилог на екипата. Интересно беше да се гледа дуелот на двајцата поранешни колеги и лидери на таа генерација ‘96, играчи што откако знаат за себе се во постојан натпревар – кој е „главен“, ривалитет што од една здрава конкуренција, многу често одеше во крајност, на лична нетрпеливост. Беше интересно, како дел од нашата култура и начин на сфаќање на спортот, да се видат и дуелот и постојаните провокации помеѓу Фитиљ и Хорига, играчи што антрополошки се многу слични, играчи од кои зависи играта на целиот тим. Сѐ на сѐ, нетрпеливост, провокации, ривалство и малку квалитетен ракомет, но и шоу за „сите пари“.
Што се однесува до нападот на битолчани, истиот тој понуди премалку за да може да очекува да дојде до бодови во „Јане“. Кузмановски потврди дека е човек што прави разлика, но и дека на дербито пристигна неподготвен за тоа што го чека во „скопскиот котел“. Фитиљ и Деки беа единствените што, статистички, го оправдаа својот статус, но во клучни моменти и промашија шутеви, кои тимот го чинеа пораз. Тајник не го видовме многу на терен, а и од тоа што го видовме, повеќе потсетуваше на оној „липицанер“ од минатите сезони, Хосни исто така играше на „лажичка“, веројатно поради ритамот и заморот што го носат годините и неговиот начин на игра во два правци, а Пешевски немаше доволно употребливи топки. Кога на тоа ќе се додаде порозната зона, таму каде што треба да биде најцврста, предводена од тактички, но и технички просечниот Хенингман, а „поддржана“ од еден од „близнаците“, резултатот е реален и очекуван. Шампионот не беше на свое ниво, спортски кажано, ги нудеше на тацна победата и бодовите од натпреварот.
Вардар во некои други времиња оваа великодушна понуда на големиот ривал ќе ја прифатеше уште во ран период на мечот и истиот тој ќе го завршеше со победа со солидна разлика. Но, и вака не е лошо за вардарци, во ситуација кога, напоменувам, „двократниот“ очекуваме во текот на сезоната да „расте“, па овие бодови, во ситуација кога тимот уште не е доволно воигран и, многу поважно, не е комплетен, се од исклучително значење.

Да не заборавиме да ги потенцираме добрите страни кај победникот. Малус, како што најавивме дека ќе биде лидер на овој тим во нападот, одигра докторски, заедно со Хорига, кој има суперквалитет во два правци, но и доза на недисциплина (спортска) во одредени делови на натпреварот. Јанковски и Митровиќ како играчи што исто така играат во два правци, иако се притаени и во сенка на Малус и на Хорига, сепак, одиграа солидни партии и на крајот „новиот“ Француз на лево крило одигра одлична агресивна зона, донесе енергија во тимот и ќе биде корисен, без разлика на неговиот ограничен технички потенцијал. За нотирање е и играта на Филип Талески, кој кај Чупко очигледно е „девојка за сѐ“, се користи на доста позиции во одбраната, но и во нападот, одигра корисно, а во иднина можеме да очекуваме, доколку успее да сфати дека во овој тим не е тој ликот што треба да „вози трактор“, да си го најде своето место и да придонесува во успесите на Вардар. Времето кога тој „возеше трактор“, а некој друг „отвораше врата“ е завршено и колку побрзо сфати толку поскоро може да го видиме и назад во дресот со националните обележја. Би сакале да биде така.
За крај да ги споменеме и голманите, кои, како и вообичаено, го решија во еден домен победникот. Валах, како засилување што не покажа многу на подготвителните натпревари, но и имаше повреда на стартот на првенството, конечно го оправда трансферот. На другата страна, Пелистер без Хеидарирад во составот и бледото прво полувреме на Митревски на голот доби поддршка во младиот Давид Брестовац, кој за жал доби тешка повреда, без можност да му помогне на тимот. Во вториот дел популарниот Никуч беше на висина на задачата, но неговите соиграчи немаа решение за одличниот Полјак на другата страна, па така неговата севкупно солидна партија резултатски остана неиспратена.

Дерби како дерби, натпревар како натпревар, во кој едните освоија бодови на домашен терен, бодови што ќе немаат голема вредност доколку не се одржи и надгради нивото, не се освојат бод или два во Автокоманда и во Охрид, местата или салите каде што ќе се решава победникот на „најквалитетната лига на Балканот“.
И за крај, клубовите мора да сфатат дека тие постојат за публиката и дека полни сали се репер за исполнување на планираното, а не само фактографска состојба во однос на местото на табелата. Кој подобро или побрзо го сфати тоа,и кој повеќе ќе работи на тоа, тој ќе има повеќе публика (со платени влезници) во сала. Публика што ќе плати билет, ќе купи реквизит на клубот, ќе се напие пиво и со тоа ќе придонесе во буџетот на својот миленик.
Сѐ друго е гола борба за трофеи, кои општествено не значат ништо!
Се гледаме во сала!

Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“