Во интервју за „Гардијан“, Ал Пачино зборува по повод 50-годишнината од својата култна улога

  • Осумдесет и петгодишниот актер зборува за наследството од неговата возбудлива драма од 1975 година, неговата љубов кон Јутјуб, лажните гласини за неговата смрт и зошто не сака да зборува за политика

Смртта на Роберт Редфорд ги растажи холивудската јавност и неговите врсници. Ден по веста, Ал Пачино изрази жалење за својот долгогодишен колега и пријател.
– Многу сум тажен за Редфорд. Го сакав навистина многу, беше толку мил човек – изјави 85-годишниот актер од Лос Анџелес.
Пачино моментално го снима „Кралот Лир“, а вели дека темата на стареењето и смртта сè повеќе го преокупира. Пред извесно време повторно го гледал својот култен филм „Кучешко попладне“, кој в недела одбележува 50 години од премиерата, и бил погоден од фактот дека голем дел од екипата веќе не е меѓу живите.
– Те погодува кога ќе ги видиш сите тие лица. Тоа е како сон – сонуваш за некого и си среќен, а потоа се будиш и сфаќаш дека го нема повеќе – вели Пачино.
Филмот, се разбира, е еден начин да се надмине смртта – барем во две димензии. На екранот, Ал Пачино засекогаш ќе остане како сурово искрен, ранлив и блескав лик во „Кучешко попладне“, криминална драма заснована врз вистинска приказна за неуспешен обид за грабеж на банка – и еден од првите холивудски филмови што отворено признава дека постојат трансродови лица.
Пачино го толкува ликот на Сони Ворцик, очаен човек што заедно со својот партнер Сал (Џон Казале) се обидува да ограби банка во Бруклин за да ја финансира операцијата за родова транзиција на својот љубовник. Грабежот се претвора во хаотична заложничка криза, во која се преплетуваат личните борби на Сони и медиумската врева. Филмот го режираше Сидни Лумент, а доби и „Оскар“ за сценариото на Френк Пирсон.
За Пачино, улогата дојде во момент кога штотуку го имаше завршено легендарниот лик на Мајкл Корлеоне во „Кум 2“ – предизвик што малкумина би можеле да го надминат. Идејата за „Кучешко попладне“ му ја предложи Мартин Брегман, негов долгогодишен менаџер и продуцент на „Серпико“, исто така филм на Лумент со Пачино во главната улога.
Пачино се присетува дека првично ја одбил улогата.
– Ми кажа дека сака јас да ја играм, а јас веќе ја имав прочитано и мислев дека е добро напишана, но не сакав да ја прифатам. Во тоа време бев во Лондон и си помислив: „Немам веќе енергија. Не знам дали можам повторно да поминам низ сето ова“. Ми изгледаше дека повторно треба да влезам во толку интензивна улога што е премногу блиску до „Кум 2“, кој за мене беше исклучително тежок на многу нивоа – не толку самата работа, туку поради тоа што ми се случуваше во личниот живот – вели тој.
Актерот тогаш одлучил да ја одбие понудата.
– Си реков: добро, разбирам дека е одлична шанса и благодарам, но мислам дека не можам. Сакам да ја одбијам. Повторно со пиштол да влегувам во банка? Не сакам повторно да поминам низ тоа – додава низ смеа легендарниот актер за „Гардијан“.
Откако се вратил во Њујорк, продуцентот Мартин Брегман повторно му се јавил. Во јавноста кружеле шпекулации дека улогата ќе му припадне на Дастин Хофман, но Пачино го демантира тоа. Наместо тоа, ја објаснува упорноста на Брегман: „Ме повика повторно. Ја прочитав уште еднаш и сфатив дека е многу повеќе од тоа што првично мислев. Моќно, сериозно дело. Знаев и дека Сидни (Лумент) е вклучен, а со него работевме на ’Серпико‘ и многу го сакав“.
Тогаш дошло до пресврт.

– Првата мисла ми беше: зошто воопшто ја одбив? Што ми беше во глава? Му реков: „Зошто не го правам ова“, а тој ми одговори: „Не знам. Зошто не го правиш?“ Потоа се согласив и се договоривме да ја одиграм таа улога – истакна тој.
Режисерот Сидни Лумент ѝ овозможил на екипата – од кои многумина претходно работеле со Пачино на театарска сцена – три недели проби пред почетокот на снимањето, нешто речиси невообичаено во филмската индустрија. Сепак, Пачино на почетокот тешко ја наоѓал вистинската насока.
– Некои причини ме правеа како да не знам кој лик го играм. Како да го изоставив тоа на пробите. Кога се видов на екранот си реков: не, ова не е тоа. Немав лик, па си помислив – што правам, каде сум, кој сум, кон што одам? -раскажува тој
Во обид да се справи со кризата, таа вечер се повлекол дома.
– Зедов половина галон бело вино – а ретко пијам – и цела ноќ ја минав барајќи го ликот во себе преку сценариото. Следниот ден дојдов на снимање, а Лумент ме гледаше збунето: „Што се случи, Ал?“ Пријателите од екипата шепотеа: „Мислам дека доживува нервен слом“ – вели тој.
Но, како што објаснува, тоа било нешто сосема друго.
– Не беше тоа. Јас станував некој друг. Станував ликот од филмот. Ни денес не знам дали се залажував или не, но знам дека ми помогна. Без разлика дали беше исправен пристап или не, ми даде нешто лично со кое можев да работам – додава тој.
Една од најпознатите реплики во „Кучешко попладне“ била целосно импровизирана. Таа се однесувала на инцидентот во 1971 година кога затвореници презеле контролата врз затворот со максимална безбедност „Атика“, кај Бафало, Њујорк. Тогаш тие држеле 42 члена на персоналот како заложници, барајќи подобри услови за живот и третман. Конфликтот завршил со насилен упад на државната полиција, при што загинале 33 затвореници и 10 заложници – најкрвавиот затворски бунт во историјата на САД.
Во филмот, ликот на Пачино повремено излегува од банката за да разговара со полицијата, додека толпа статисти го поздравуваат секое негово појавување. Пред една таква сцена, помошник-режисерот Барт Харис му шепнал: „Ал, кажи ‘Атика’“.

– Камерите работеа. Тој ми вели: „Кажи Атика“. Јас му одговарам: „Што?“ А тој повторува: „Кажи Атика“. Јас добро знаев што се случи таму, затоа што живеев во тоа време – се сеќава Пачино.
Кога ликот Сони гледа полицаец како се движи кон него, тој извикал: „Толку сака да ме убие што може да му се почувствува вкусот!“ Потоа, Пачино спонтано започнал да вика: „Се сеќавате на Атика! Атика!“ Толпата реагирала бурно.
– Тоа беше како да запалив фитил. Сите експлодираа. Почнав да викам затоа што сите чувствувавме исто за тоа што се случи во „Атика“. Беше неверојатно. Такви нешта понекогаш се случуваат на филм, но не можеш да ги присилиш – тие мораат природно да се појават – вели тој.
Друга култна сцена – телефонскиот разговор меѓу Сони и неговиот партнер Леон (Крис Сарандон), кој се идентификува како жена – исто така била импровизирана преку три обиди што Лумент потоа ги споил.
– Еден ден ми рече: „Ал, ова е надвор од нашите раце. Филмот веќе има свој живот“ – сведочи Пачино.
Сидни Лумент останал запаметен како еден од големите режисери во историјата на киното, зад кој стојат класични дела како „12 бесни мажи“, „Мрежа“ и „Пресудата“.
– Тој беше најдобриот режисер со кој сум работел. „Секако, имав среќа да работам и со други големи режисери, но Сидни посебно знаеше да ги разбере актерите. Други режисери доаѓаа на сет само за да го гледаат како работи, како поставува сцена, како води камера – вели Пачино.
Пачино се сеќава и на еден посебен момент – средбата со италијанскиот режисер Федерико Фелини, кој дошол на сетот.
– Сакав да работам со него, но на крајот одлучи дека не сум вистинскиот за улогата. Ми даде комплимент што никогаш нема да го заборавам: „Премногу си убав за оваа улога“. Помислив – еве човек што знае како да му пристапи на актер. Какви зборови! Добро! – се потсетува тој.
Следната година на „Бродвеј“ ќе се појави сценска адаптација на „Кучешко попладне“, со Џон Бернтал и Ебон Мос-Бакрак – двајцата познати по своите улоги во „Мечката“ – во главните улоги, а режијата ќе ја потпише Руперт Гулд. Пачино им посакува успех.
Зошто, според него, филмот што толку верно ја прикажува суровата атмосфера на Њујорк од седумдесеттите и по половина век сè уште одекнува кај гледачите? – Би рекол дека опстана затоа што Лумент успеа да ги долови хуманоста и поврзаноста на приказната со времето. Денес игра уште повеќе отколку тогаш – вели Пачино.
Неговото последно гледање на филмот било на големо платно – нешто што топло го препорачува. Но вели дека ужива и во телевизијата – неодамна ја гледал серијата „Адолесценција“ на Нетфликс – а признава и дека станал зависник од Јутјуб.
– Живеам за тоа. Има сè – од А до Ш. Можеш да видиш што сакаш, сè е снимено и протолкувано – вели тој.
Сепак, добро знае дека тоа значи и многу дезинформации.

– Пред некој ден видов дека сум умрел повторно. Тоа постојано го гледаш со славните личности. Сакаме да изразиме сочувство. Па мислам или јас грешам или тие грешат – изгледа сè уште сум тука! – се смее тој.
Редфорд замина, но Де Ниро и Пачино сè уште чекорат напред. „Зрелоста е сè,“ како што веројатно ќе изговори во претстојната продукција, каде што ќе игра заедно со Рејчел Броснахен, Џесика Чејстејн, Аријана Де Бос и Питер Динклејџ.
Сепак, тој веќе е на возраст кога човек почнува да прави биланс. Лани ја објави својата автобиографија „Сони момче“, во која се осврнува на својот уникатен живот и кариера. Шеговито додава дека повторно ќе зборува за „Гардијан“ кога книгата ќе слави 50 години – во 2074.
– Вие ќе бидете доволно возрасни. Јас, пак, нема да бидам тука. Штета, нели? Штета што мора да си одиме. Само бог знае: ќе имаме ли спомени кога ќе си одиме? А спомените се толку важни – вели тој, со насмевка во која се чувствува и меланхолија.