Бродот „Индијанаполис“ бил последниот голем американски брод што бил потопен за време на Втората светска војна – 30 јули 1945 година. Бродот потонал за само 12 минути. На бродот имало 1.196 лица, а 316 морнари биле спасени. Неколку дена пред потонувањето, бродот испорачал компоненти за правење на нуклеарната бомба во американската воена база на островот Тинијан, која на 6 август 1945 година беше фрлена врз Хирошима.
„Индијанаполис“ бил потопен од две торпеда од јапонска подморница. Американската морнарица четири дена не знаела што се случило и дека бродот е потопен. Членовите на екипажот и другите што се нашле на бродот, а кои преживеале од торпедирањето, подоцна умирале од жед, што било последица на престојот на отворено море, како и во нападите на ајкули или се давеле.
„Индијанаполис“ пловел по најбрзата и најкратка маршрута кон Филипините каде што требало да влезе во составот на флота што ќе ја нападне Јапонија. Капетанот имал наредба да се придржува до стриктна радиотишина. Тоа значи дека бродот не испраќал ниту примал некакви пораки. Иако американската морнарица ја пресретнала јапонската порака во која се опишувало потопување на голем брод, разузнавачите помислиле дека тоа е воена мамка.
Од 1.196 морнари од несреќниот брод, во нападот на подморницата преживеале околу 900. Тие завршиле во морето, но немале сите чамци или спасувачки појаси. Се верува дека околу 300 морнари исчезнале во нападите на ајкулите. Преживеаните случајно ги пронашол еден американски авион што повикал помош.
Тим под водство на коосновачот на „Мајкрософт“, Пол Ален, успеал да го пронајде тешкиот брод на длабочина од 18.000 стапки (5,5 илјади метри).
Во декември 2016 година, истражувачки подводен робот ги сними остатоците од американскиот боен брод „Аризона“, кој бил уништен во воздушен напад на јапонската авијација на главната база на американската морнарица на Тихи Океан – Перл Харбор.
Во септември истата година, посадата на истражувачкиот брод „Мартин Бергман“ открила фрагменти од бродот „Терор“ на британската експедиција под команда на сер Џон Франклин, која исчезнала на ледениот Арктик кон средината на 19 век.