Во едни поубави времиња на Филмскиот фестивал во Солун, покрај главната ѕвезда Вим Вендерс, кој одржа мастерклас, присуствуваше уште една ѕвезда, Волтер Салас.
Секако, не ја испуштив можноста да разговарам за нивните филмови „Небото над Берлин“ (1987), „Париз,Тексас“ (1984) и „Дневникот на мотоциклистот“ (2004),а на крајот од разговорот да им честитам за успешните реализации.
Во денешниот текст ќе се осврнам на бразилската драма „Сѐ уште сум тука“ (2024) во режија на Волтер Салас.
Како автори на сценариото се потпишуваат Мурило Хаусер и Хектор Лорега, кои се водат по истоимениот роман на Марсело, инаку син на Рубенс Паива.
Филмот започнува идилично, група весели деца играат одбојка на една од бразилските плажи, но нивниот спокој го нарушуваат прелетување на хеликоптери, блокади на улиците и ударната вест на радио и телевизија за киднапирањето на швајцарскиот амбасадор од група герилци.
Дејството започнува во 1970 година кога владее милитантната режимска диктатура во Бразил.
Рубенс Паива (Селтон Мело) живее во хармоничен брак со сопругата Евниси (Фернанда Торес) и своите пет деца, а покрај својата работа како архитект, продолжува да ги поддржува левичарските групации составени од политички емигранти.
Нивниот отпор спрема хунтата, пред сѐ, е декларативен и интелектуален наместо практичен и герилски.
Бидејќи најстарата ќерка Вера (Валентина Ерсате) беше сведок на трауматична случка при рутинска воена контрола, таа ја насетува опасноста што ја демне и како најдобра солуција одлучува да замине за Лондон.
Набрзо следува апсење на Рубенс од страна на државната полиција, а на прашањето од неговата сопруга Евниси кога ќе се врати следува ладнокрвна негација.
Фернанда Торес е главниот двигателски импулс во оваа возбудлива доку-драма.
Можеби треба да се разјасни профилниот карактер на ѕвездениот сјај на Фернанда Торес, за дел од читателската публика што не ја познава.
Фернанда од раното детство, на дванаесет години, се појавува во театар, а веќе на седумнаесет го има своето филмско деби.
За семејната драма „Сакај ме секогаш или никогаш“ (1986) ја добива наградата за најдобра актерка на филмскиот фестивал во Кан.
Но кога имате харизматичен хабитус, а на тоа плус кога ќе додадете и раскошен талент со актерска трансформација, резултатот секогаш е ист, а тоа е совршенство.
Вистински шок настанува при апсењето на Евниси во придружба на својата ќерка, која за разлика од неа не е изложена на мазохистичка тортура како мајка и минува дванаесет пеколни дена во студените затворски решетки.
По враќањето дома, Салас хронолошки успева да ја долови тогашната атмосфера од станот каде што доминираат типично бразилските жешки бои на ѕидовите, како и постери и плочи од музичките ѕвезди (Хендрикс, Морисон, Џоплин, „Битлси“), но и пасажите, кои се снимени со осуммилиметарска камера.
Непокорливиот стоицизам на храбрата Евниси не препушта ништо на апсурдот, па затоа поднесува петиција хабеас корпус (правен документ за незаконски притвор).
Таа е потпомогната од сведоштвата на поранешната учителка Марта, која делеше ќелија со Рубенс и Чунхе за тајната илегална акција.
За името на Селтон Мало немам чуено ниту осознаено нешто многу и не можам да донесам критичка опсервација. Она што можам да го потврдам за овде е дека го прикажа својот брилијантен настап.
Дваесет и пет години подоцна во 1996 година, Евниси го добива правниот документ за ликвидација на сопругот, а притоа ни еден од крволочните џелати што беа дел од егзекуцијата не добива затворска казна.
На фамилијарниот собир во 2014 година во друштво на внуците Евниси ја толкува мајката на Торес, Фернанда Монтенегро, која е заслужна за филмската кариера токму на Салас на почетоците.
Во својата осумдесет и петта година од животот, и покрај Алцхајмеровата болест, не останува имуна на тековните телевизиски снимки што „детектираат“ вистини за убиените револуционери од седумдесеттите и меѓу нив го здогледува Рубенс, па реминисцентните слики ја враќаат во најубавите години.
Навистина е голем бројот на сцени што се воодушевувачки, но првенствено би ја издвоил сцената при апсењето на Евниси.
Тука се достигнува синтеза со динамичниот интензитет меѓу мелосот на Жилберто Жил, покачувајќи се повисоко со октавата и нејзината неизвесност.
Најзаслужна за овој извонреден успех на бразилскиот филм „Сѐ уште сум тука“(2024) секако е Фернанда Торес, која првенствено го освојува Златниот глобус благодарејќи на ненаметливиот сенс на харизматичност и професионалност.
Најважна награда што го израдува целиот Бразил е освојувањето „Оскар“ за најдобар странски филм, како и наградата за најдобро сценарио на филмскиот фестивал во ренесансна Венеција.
И покрај долгорочната пауза од неколку децении Салас успеа да создаде маестрална екипа што функционира прекрасно без никакви аномалии.
Има нешто што сакам да кажам за самиот крај на овој исцрпен осврт, а тоа е поврзаноста меѓу „Сѐ уште сум тука“ и аргентинскиот „Гараж олимпо“ (1999).
Режисер на филмот е Марко Белис, кој се закити со наградата „Сребрен Александар“ на филмскиот фестивал во Солун, но успеа и да ги собере симпатиите од интернационалното жири ФИПРЕСЦИ.
Да се надеваме дека македонската публика наскоро ќе ужива на ист начин како што јас уживав во Битола и ќе се најде на филмскиот репертоар, а дали ќе ја оправда високата осумка од реномираниот „Сајт енд саунд“, кој го врами меѓу педесетте најдобри во филмската историја, е прашање на кое нетрпеливо го чекаме одговорот.
Александар Василевски