Зошто Франција за Бугарија е мајка, а за Македонија маќеа?!

Деновиве во јавниот простор и на политичката сцена во Македонија кружи Предлог-резолуција за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленување на С. Македонија во ЕУ. Најавено е дека ќе биде поднесена во Собранието, за да ја почне постапката за измена на Уставот и првото гласање за внесување на „бугарската и другите етнички заедници“ да заврши најдоцна до 15 декември.
– Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со завршно гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година и истиот ден по усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета обврската за одблокирање на преговарачкиот процес – стои во таа Предлог-резолуција.
Без никаква намера да се впуштам во кампањата за локалните избори со заземање позиција за која било партија и против која било партија, ќе искоментирам само некои исклучително важни надворешнополитички аспекти на споменатата Предлог-резолуција. За „Предлог-резолуцијата за заедничките државни и национални позиции“ околу евроинтегрирањето се разговарало на 9 септември 2025 година во Париз со политички личности што се дел од поширокиот или од поблискиот тим на францускиот претседател Емануел Макрон. Меѓу нив и е и специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ, кој е дел од потесниот „балкански тим“ на Макрон. Потсетувам дека Франција е државата од која Македонија го доби катастрофалниот француски предлог и која во 2022 година целосно застана зад Бугарија во нејзиниот спор со постоењето на македонската етничка и јазична засебност на Балканот. Лично францускиот претседател Емануел Макрон на 23 јуни 2022 година ќе истапи целосно во улога на „бугарски адвокат“ и ќе побара „правда за бугарските барања“, велејќи покрај, другото: „Уште една земја (Бугарија) со задоцнување побара промени (на Уставот), меѓутоа ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат!“
Е, сега, се наметнува големата дилема: дали Французите беа „консултанти“, „инструктори“ или се автори на Предлог-резолуцијата за промена на македонскиот устав? Дали Французите продолжуваат со својата потрага „по правда за бугарските барања“, според теркот на Емануел Макрон?! Официјален Париз е должен да даде одговори пред македонската јавност за тоа која е неговата улога во врска со овој предложен документ…
Споменатата Предлог-резолуција содржи своевидни директни наредби до кога „најдоцна“ да се внеселе „бугарската и другите етнички заедници“. Меѓутоа, во „Нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со С. Македонија“ од 2022 година, кон чија содржина пресудно интервенирал лично францускиот претседател Макрон да биде внесена како таква во преговарачката рамка, како документ на ЕУ, пишува нешто сосема поразлично: „Советот на ЕУ ја поздравува намерата на С. Македонија…во преамбулата на Уставот да се вклучи… и дел од други народи, како што се Бугарите“. Дополнително, претходната влада на Македонија прифатила Бугарите да бидат наведени во највисокиот правно-политички акт на македонската држава веќе како нејзин „конститутивен народ“! „Конститутивен“ и „државотворен“ народ се две лица на една иста паричка. Највисоките претставници на бугарската држава истапуваат веќе неколку години со барањето за уставни промени и во него е главен изразот „бугарски државотворен народ во Македонија“.
Барањето на Бугарија да се внесат попишаните со последниот попис 3.504 илјади Бугари како „конститутивен народ“ во Уставот на Македонија споредбено го поврзувам со случајот на Шпанија. Во својата научна студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено, професор по уставно право на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, предупредува дека категоријата „конститутивен народ“ во Уставот на една држава води кон нејзино територијално расцепување и распад. Конкретно, тој нагласува дека, ако едно национално малцинство (што Бугарите не се во Македонија) добие уставен статус како конститутивен народ во одредена држава, тогаш ќе има и право на територијална автономија и самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава.
– Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи – заклучува професорот Морено во својата студија.
Во овој контекст приведувам уште еден експертски став поврзан со праксата и на уште една европска држава – Словачка. Во својата научна студија со наслов „Дефинирање на суверената заедница: Чешката и Словачката Република – национален идентитет, индивидуални права и учеството на малцинствата“ од 2009 година, д-р Надја Неделски, експертка за етнички малцинства и професорка по меѓународни односи во Универзитетот на Минесота, во Сент Пол, во САД, го анализира барањето на Унгарците што живеат во Словачка и кои бараат да добијат статус во словачкиот устав како „државотворен народ“ под образложение дека како тамошно „автохтоно население треба да го заштитат својот етнокултурен идентитет“.

Професорката Неделски нагласува од кои причини словачката држава го отфрла тоа барање на Унгарците, односно кои би биле последиците од „уставно признаениот етнички модел на суверенитет на Унгарците во рамките на словачката држава“, како што појаснува таа.
– Право на државотворен статус и на етнички суверенитет не можат да добијат малцинските националности или етничките групи во уставот на Словачка, бидејќи тие би добиле и право на самоопределување и би ја припоиле „својата територија“ кон нивната матична држава. Мора да се остварува само национален и државен суверенитет единствено во рамките на прецизно утврдените граници на територијата на државата Словачка. Таа територија е целина и не може да се дели. Малцинските националности и етничките групи мора да се разликуваат од нацијата што ја формира државата. Оттука, не е можно да се зборува за малцинските националности и за етничките групи како „државотворни компоненти на Словачката Република“ – заклучува д-р Надја Неделски.
Оваа експертка, значи, истакнува дека „ако би станале Унгарците државотворен елемент во рамките на Словачка“, тогаш „својот дел од нејзината територија би имале право да го припојат кон Унгарија“. Дали не е намерата и на Бугарите да си го припојат и тие „својот дел од територијата на македонската држава“, откако и ако би станале „еден од нејзините државотворни народи“?!
И посочувам повторно на големата дилема, само сега со поинакви зборови: дали членовите на тимот на Емануел Макрон на 9 септември во Париз дале „амин“ и „благослов“ за оваа Предлог-резолуција, која е во целосна спротивност со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на македонскиот народ? Дали со споменатата Предлог-резолуција, Франција се обидува да интервенира и во Македонија, во обид да ја забрза постапката за менување на нејзиниот устав? Зошто Франција ја поддржува толку многу Бугарија, а зошто се однесува така кон Македонија? Зошто земјата на Виктор Иго и Емил Зола е мајка за Бугарија, а маќеа за Македонија?!

Свето Тоевски