Средбата меѓу Трамп и Нетанјаху во Вашингтон означена како судбинска за Блискиот Исток
- Беше предвидено американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон да го промовира предлогот за мир во Газа откако мноштво западни лидери ја прифатија палестинската државност наспроти американското и израелското противење
Средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху што беше предвидена за вчера во Белата куќа голем број светски медиуми ја означија како „последна шанса за спас на Блискиот Исток од бесконечната војна“.
Беше предвидено американскиот претседател да го промовира предлогот за мир во Газа откако мноштво западни лидери ја прифатија палестинската државност наспроти американското и израелското противење. Се смета дека во четвртата посета на Нетанјаху откако Трамп се врати на функцијата во јануари, израелскиот лидер ќе се обиде да ги зајакне односите со САД, кои се најважни за Израел, кој се соочува со растечка меѓународна изолација речиси две години во војната против Хамас во Појасот Газа.
Нетанјаху доби студен прием при обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации во петокот, за време на кое многумина делегати излегоа во знак на протест. Нетанјаху потоа упати жесток напад врз она што го нарече „срамна одлука“ од страна на Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и неколку други земји за признавање на палестинската државност, што претставуваше голем дипломатски пресврт од страна на најблиските сојузници на САД. Тие држави ја правдаа нивната одлука како акција потребна за да се зачува перспективата за решение на две држави за израелско-палестинскиот конфликт и да се помогне во завршувањето на војната.
Газа е дел од мировниот план за Блискиот Исток
Трамп, кој ги критикуваше чекорите за признавање како награда за Хамас, во неделата за „Ројтерс“ изјави дека се надева дека ќе добие согласност од Нетанјаху за рамка за завршување на војната во палестинската енклава и ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас.
Американскиот претседател им оддаде признание на лидерите на Саудиска Арабија, Катар, ОАЕ, Јордан и Египет за нивната помош и рече дека договорот има цел да оди подалеку од Газа кон поширок мир на Блискиот Исток.
– Тоа се нарекува мир на Блискиот Исток, повеќе од Газа. Газа е дел од него. Но, тоа е мир на Блискиот Исток – нагласи Трамп.
На прашањето дали има постигнато договор за мир во Газа, висок израелски функционер рече дека е прерано да се каже. Функционерот додаде дека Нетанјаху ќе го даде одговорот на Израел на предлогот кога ќе се сретне со Трамп. Нетанјаху е под зголемен притисок од семејствата на заложниците заробени во Газа и, според анкетите на јавното мислење, од израелската јавност изморена од војна.
План: „21 точка за мирен соживот“
Минатата недела на маргините на ОН, на низа арапски и исламски земји им беше доставен мировен план од 21 точка. Во него се повикува на ослободување на сите заложници, живи и мртви, нема понатамошни израелски напади врз Катар и нов дијалог меѓу Израел и Палестинците за „мирен соживот“, изјави официјален претставник на Белата куќа под услов да остане анонимен. Израел ги налути Катарците и предизвика критики од Трамп поради извршен воздушен напад врз лидерите на Хамас во Доха на 9 септември.
Претходните напори за прекин на огнот поддржани од САД пропаднаа поради неуспехот да се премости јазот меѓу Израел и Хамас, а Нетанјаху вети дека ќе продолжи да се бори сè додека Хамас не биде целосно распуштен.
Состанокот во Белата куќа следува по годишниот собир на светските лидери во Њујорк, на кој војната во Газа беше во центарот на вниманието, а Израел често беше цел. Нетанјаху одговори дека светските лидери што ја признаваат палестинската независност испраќаат порака дека „убивањето Евреи се исплати“.
Десничарската влада на Израел ја отфрли можноста за прифаќање палестинска држава додека продолжува со својата борба против Хамас по нападите на милитантите на 7 октомври 2023 година во Израел. Борци предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе, според израелските пресметки. Додека палестинските надлежни служби проценуваат дека повеќе од 65.000 луѓе загинале во Газа, по воениот одговор на Израел, што остави голем дел од територијата во урнатини, продлабочувајќи ја хуманитарната криза. Р.С.
План поддржан од Вашингтон: Тони Блер ќе управува со привремена администрација на Појасот Газа
Со преодната власт во Газа ќе се раководи по „косовски модел“
Белата куќа поддржува план според кој Тони Блер ќе раководи со привремена администрација на Појасот Газа – првично без директно вклучување на Палестинската власт (ПА), според извештаите на израелските медиуми. Според предлогот, Блер би предводел тело наречено Меѓународна преодна власт во Газа (Гита), кое би имало мандат да биде „врховен политички и правен орган“ на Газа до пет години.
Според извештаите во „Харец“ и „Тајмс оф Израел“, планот е моделиран според администрациите што првично ги надгледуваа транзициите на Источен Тимор и Косово кон државност. Предлогот сугерира дека Гита првично би можела да биде со седиште во Ел-Ариш, египетски покраински главен град во близината на јужната граница на Газа, и на крајот би влегла на територијата придружена од ОН, во голема мера арапски мултинационални сили. Планот предвидува „евентуално обединување на целата палестинска територија под ПА“.
Според планот, Палестинците нема да бидат принудени да ја напуштат територијата, како што се стравуваше дека ќе се случи според претходните предлози на САД за нејзин развој како Ривиера Газа. Доколку планот биде одобрен, Блер ќе раководи со секретаријат од 25 лица и ќе претседава со одбор од седум лица за надгледување на извршното тело што ќе управува со територијата.
Но секоја улога на поранешниот лидер на лабуристите неизбежно би предизвикала интензивни контроверзии. Откако се повлече од функцијата премиер во 2007 година, тој ја презеде улогата на пратеник за Блискиот Исток до 2015 година и ужива висок углед кај многу лидери од Заливот. Но, Блер е жестоко оспоруван од многу мина Палестинци, кои го сметаат за пречка за нивните напори за стекнување државност, поради неговата улога во поддршката на американската инвазија на Ирак во 2003 година. Р.С.
Прашањето за Западниот Брег можна точка на раздор
Иако Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху претежно беа синхронизирани, а САД продолжуваат да бидат главни снабдувачи со оружје на Израел, разговорите во понеделникот имаа потенцијал да станат тензични откако Трамп рече дека нема да дозволи Израел да го анектира Западниот Брег, кој Палестинците го сакаат за своја држава, заедно со Газа и Источен Ерусалим
Некои од тврдокорните министри на Нетанјаху рекоа дека владата треба да одговори на растечкото признавање на палестинската државност со формално проширување на израелскиот суверенитет над целиот или делови од окупираниот Западен Брег за да ги згасне надежите за палестинска независност.
Аналитичарите велат дека израелската анексија на Западниот Брег би можела да го поништи значајното достигнување во надворешната политика со посредство на првата администрација на Трамп, во која неколку арапски земји воспоставија дипломатски врски со Израел. Р.С.