Фото: Наум Думовски

Манифестацијата „Детски гласови“ по шести пат одекна во Ресен

Со есента, во Ресен, доаѓа и традиционалниот „Ресенски јаболкобер“, во чии рамки на 20 септември се одржа шестото издание на манифестацијата „Детски гласови“. На настанот учествуваа млади поети од цела Македонија, кои преку своите стихови ја споделија љубовта кон пишаниот збор.
Беше претставен истоимениот алманах со детски творби во кој се претставија 85 деца учесници од: Македонска Каменица, Скопје, Струмица, Охрид, Струга, Кичево, Битола, Прилеп и, секако, од градот домаќин Ресен.
– Преовладуваа позитивна енергија, среќа и насмеани лица, громогласен аплауз од многубројната публика. Децата со голем жар рецитираа убави стихови со моќни пораки за мир, среќа, љубов, другарство, екологија… Слушнавме убави мисли за поубава иднина и за поубав свет- ни рече претседателката на фестивалскиот одбор, Даринка Веслиевска.
Традиционално, учесниците и нивните ментори се собраа во храмот „Св. Јован Крстител“ во с. Јанковец, каде што се одржа цветната штафета на мирот со познатиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин. Во рамките на манифестацијата, писателката и уредничка во „Просветно дело“, Ксенија Маказлиева Трајчева, донираше 20 книги за манифестацијата и одржа книжевна работилница, насловена „Како се мери среќата“, претставувајќи ја својата книга „Борко Брзозборко“.
Централниот дел на манифестацијата продолжи во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен. Настанот го отвори организаторката и уредничка на збирката Даринка Веслиевска, а лекторот на изданието, професорот Влатко Стојковски, ја изрецитира безвремената „Т’га за југ“, што наиде на воодушевување кај публиката. Програмата ја водеше Драгана Спасовска, која меѓу децата и младите од Ресен е позната како аниматор. Спасовска го напиша и предговорот за збирката со детска поезија.
– Нашата визија е поддршка на младите поети и поттик да творат на својот мајчин јазик, а тоа го правиме со промоција на талентирани, со што го оправдуваме самиот наслов на манифестацијата „Детски гласови“ – ни рече Даринка Веслиевска.
Манифестацијата е помогната од Општина Ресен и од општествено одговорни компании, а здружението „Рурални жени“ од Преспа ги почести гостите со традиционални специјалитети од овој крај.
Програмата беше збогатена со музичките точки на: Фанче Николовска и Сание Салиевска под менторство на наставникот Кристијан Милошевски. Со свои танцови точки настапија членовите од ТСК Спортакус од Битола: Стефанија Веслиевска, Ема Кадинска и Евгенија Пипилевска. Децата што ја украсуваа корицата на збирката се: Давид Ангелковски, Елена Денесовска, Мехмед Салиевски, Михаела Наумовска, Дарко Ивановски и Антонија Пројевска.

Ф.Д.


Наградени учесници

Членовите на стручното жири: Марија Груевска, Јована Денесовска-Ристевска и Ангелина Лабачевска од Ресен, ги прогласија наградените учесници:
Прво место: Ива Павличковска, 11 години од Љубанци-Скопје со песната „Под сенката на стариот даб“. Ментор: Иванка Тодорова Милошевска
Второ место: Лидија Гочева (11), од с. Колешино, Струмица, со песна та „Незаборав на заветот“. Ментор: Марија БрндевскаТрето место: Исидора Јовановска (10) од Македонска Каменица со песната „Рудари“. Ментори: м-р Роза Николова, Ленче Спасевска
Прво место: Јана Ставревска (13) од Скопје со песната „До каде нѐ водат соништата“. Ментор: Ана Кралевска
Второ место: Софија Трнковска (16) од с. Дабиље, Струмица, со песната „Нескршливо срце“. Ментор: Снежана Недева
Трето место: Теодора Проевска (13) од Ресен со песната „Љубовта е вечна топлина“. Ментор: Ангелина Лабачевска.
Гран при за најубаво изрецитирана поетска творба доби Андреј Златески (9) од Прилеп за интерпретација на песната „Јас сакам, свету!“ Негов ментор е Весна Арсиќ, која доби пофалница за најпосветен ментор.


Под сенката на стариот даб

Под сенката на стариот даб, каде што времето мирува тивко, седнав светот да го гледам и со ветрот тивко да се смеам.
Лисјата паѓаат, играат танц по патчиња прави. Слушам птици чуруликаат гласно,како да ми кажуваат нешто прекрасно.
Се прашувам: Дали дабот сонува? Дали ноќе со ѕвезди разговара?
И дали знае колку го сакам? Кога доаѓам тука, се заборавам.
Под неговата крошна мирна и широка, се чувствувам слободна, среќна до дното. Како во бајка, како во стих,каде што сѐ е волшебно и тивко, без ниту еден вик.

Ива Павличковска, 11 години Љубанци, Скопје
Ментор: Иванка Тодорова Милошевска
Првонаградена творба на манифестацијата
„Детски гласови“

До каде нѐ водат соништата?

До каде нè водат тие крилја невидливи што ноќе ни шепотат за светови без граници? Одиме по патишта нови незаборавни, сонот е книга од бесконечно многу страници.
Соништата будат желби што спијат, од високо, иднината убава ни ја шијат. Нè носат таму каде што срцето пее, каде што мислата слободно лета и се вее.
Во сонот блескаат тивки зраци, срцето ги чита како стари знаци. Овој лавиринт од слики е како рај, во него секогаш блеска силен сјај.
Соништата…
Тие се картата што никогаш не ја следиме, но секогаш по неа патуваме, додека будни се прашуваме: дали некогаш ќе стигнеме?

Јана Ставревска, 12 години, од Скопје
Ментор: Ана Кралевска
Првонаградена творба на манифестацијата
„Детски гласови“