Знаменитостите на Македонија
- Фотографијата е дел од албумот на султанот Абдул Хамит Втори во кој се прикажани осудените учесници во Солунските атентати во 1903 година
Портрет на велешкиот гемиџија Методи Алексиев, припадник на македонското револуционерно движење, сликан за време на судскиот процес против него. Под неговата фотографија залепена на картон стои обвинението против него во кое се товари дека во неговиот дом се пронајдени седум килограми динамит. Фотограф е Ерменецот Пол Зепџи, кој ги фотографира сите гемиџии во импровизираното студио во Еди Куле и сарајот во Солун пред да бидат однесени на заточение во Родос. Осудени се на смрт, но казната им е преиначена. Подоцна се амнестирани со општата амнестија од султанот на сите политички затвореници во османлиска Македонија. Фотографијата е дел од албумот на султанот Абдул Хамит Втори во кој се прикажани осудените учесници во Солунските атентати во 1903 година. По овој процес, организацијата е ослабена, во целиот судски процес се затворени вкупно 2.000 лица, 353 биле изведени пред суд, а 33 од нив биле осудени.

Затворот Једи Куле бил сместен во средновековна тврдина и од сите страни бил обиколен од високи бедеми. Во тој затвор егзистирале 14 ќауша, а во секој собирало по 44 затвореника, но имало по 80 лица. На чело на секој ќауш стоел ќаушбашија, кој бил најчесто Турчин и тој бил господар на сѐ. Само тој имал право да продава кафе, чај или локум. Од друга страна, пак, ќаушбашијата ги терал затворениците да играат комар за да може да им ги земе картите. За состојбите во затворот Једи Куле во весникот „Право“ се истакнува: „Секој Турчин има право да те тепа кога сака. Ако се поплачеш, уште полошо. За такво спротивставување те фрлаат во подрум. Три дена лежење таму чини три години живот“.
Еден дел затвореници испратиле жалба до дипломатските претставници во Солун поради лошата состојба во затворот, како и поради големите насилства на турските власти при истрагата во врска со аферата. Тие во оваа жалба истакнале дека 237 души биле претепани, 11 биле мачени, двајца биле убиени на место, а 23 умреле од мачење. Во едно село пет жени и сите други биле силувани, при што три полуделе. А шест села биле уценети со пари. Оваа жалба била потпишана од 103 лица.
Во друга жалба биле посочени лошите услови во затворот, лошиот однос кон болните и голем број други работи, а таа била потпишана од Татарчев, Диме Палашев, Христо Динков и други. Фотографиите беа пронајдени од Душко Апостолоски Д.Ст.

Кој е Методи Алексиев?
Методи Алексиев е роден во градот Велес во 1887 година. Се школувал во Велес, Солун и Сер. Како ученик во Солунската гимназија стапил во контакт со кружокот на гемиџиите и соработувал со нив. Во 1905 година бил избран за секретар на четата на војводата Христо Чернопеев, а по извесно време бил комита во четата на Јане Сандански.
За време на Првата балканска војна, во 1912 година бил избран за војвода на чета на организацијата во Разлошко и Драмско. По завршувањето на Првата светска војна, останал активен во македонското национално ослободително движење и се приклонил кон левицата. По убиството на Тодор Александров, од страна на новото раководство на Организацијата бил обвинет дека учествувал во заговорот против Александров. Под тоа обвинение, убиен е во селото Покровник, Горноџумајско, во 1924 година. Д.Ст.